Стразбур: Нападите врз македонските Бугари и бугарските културни центри влегоа во извештајот на ЕКРИ за Македонија

Протест пред клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид/ Фото: Владимир Јовановиќ

Бугарските соговорници на ЕКРИ се жалат на анти-бугарскиот говор во Македонија, а како типичен стереотип го навеле етикетирањето на сите Бугари како „фашисти“ и прикажувањето на Бугарките како „евтини проститутки“.

Серија забелешки особено во однос на ЛГБТИ заедницата, македонските Бугари, говорот на омраза и состојбата на Ромите, како и позитивни работи како што е формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на пример, содржи извештајот на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа. Во шестиот мониторинг извештај се проценуваат напорите на државата за борба против дискриминацијата и унапредување на еднаквоста.

Според ЕКРИ, антибугарското насилство е сериозно загрижувачко, особено по неколкуте напади врз лица кои себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, со оглед на чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање на некои постојни бугарски културни здруженија. Притоа се наведува инцидентот со клубот „Иван Михајлов“ во Битола кој се случи, како што стои во извештајот, по серијата закани против клубот. Претседателот и Владата го осудија нападот, но спорно е што напаѓачот (пејачот Ламбе Алабаковски н.з.) подоцна беше ангажиран од Општина Битола да настапува на локална прослава. Ставот на дел од соговорниците на ЕКРИ бил дека условната казна за нападот во Битола не била доволно строга за да спречува такви инциденти во иднина.

Исто така, наведени се и случувањата со клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, при што во вториот инцидент се користеше огнено оружје. ЕКРИ бара не само осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите на злосторствата од омраза пред лицето на правдата, туку и систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре овој загрижувачки тренд.

Во Комисијата, како што се додава во извештајот, се свесни за политичката контроверзност во однос на користењето на името на Иван Михајлов и неговите политички идеи дека Македонците се Бугари и признаваат дека употребата на името Цар Борис Трети е исто така контроверзна и провокативна со оглед на улогата на Бугарите како окупатори на Македонија во Втората светска војна.

ЕКРИ со загриженост забележува дека во март 2023 година Централниот регистар на Северна Македонија го одби барањето на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид да го задржи своето име и дека по одлука на министерот за правда и негативно мислење на Комисијата за употреба на имињата, го избриша од регистарот Бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола. ЕКРИ, потестувајќи на случајот „Радко“, смета дека властите треба да се воздржуваат од бришење од регистарот или распушtање на здруженија на лица кои се идентификуваат како Бугари во Северна Македонија ако не поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација. Ако треба, може да се побара експертско мислење од Советот на Европа за ревизија на Законот за здруженија и фондации.

Бугарите се вметнати и во делот за говор на омраза каде што се наведува дека анти-бугарскиот говор на омраза е чест во Северна Македонија, барем како што кажале бугарските соговорници на ЕКРИ. Според нив, типичен стереотип кој што се користи е етикетирањето на сите Бугари како „фашисти“ и прикажувањето на Бугарките како „евтини проститутки“.

Говор на омраза се регистрира и во секојдневната интеракција меѓу Македонците и Албанците.

Што се однесува до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), во извештајот се наведува дека таа се соочува со предизвици во обезбедувањето соодветен персонал и буџетски ресурси. КСЗД, како и Канцеларијата на Народниот правобранител се борат со доцнењата на одобренија од Министерството за финансии за секоја финансиска трансакција што сакаат да ја направат од своите буџети, ограничувајќи ја ефикасноста што е потенцијален ризик за нивната севкупна независност.

Друга забелешка е дека недостига сеопфатна студија за дискриминација против ЛГБТИ лицата и нема акциски план за ЛГБТИ или законска рамка за признавање на истополови врски или адресирање на промена на полот.

Освен таквата студија, ЕКРИ им препорачува на македонските власти да формираат постојана работна група како платформа за дијалог меѓу релевантните министерства и ЛГБТИ заедницата и да обезбедат усвојување на конкретен национален акциски план за еднаквост на ЛГБТИ лицата во консултација со релевантни граѓански организации. Ако е потребно, треба да побараат помош од Советот на Европа.

Нареден заклучок на ЕКРИ е дека училишниот систем во државата во голема мерка останува сегрегиран по јазични линии (македонски и албански) како резултат на редуцираните интеракции меѓу различни јазици и етнички групи.
ЕКРИ препорачува властите да преземат чекори за постепено укинување на секакава де-факто сегрегација на децата кои припаѓаат на главните етнички/јазични групи во земјата (Македонци и Албанци) во повеќејазичните училишта. Конкретно, властите треба да обезбедат сите деца да учат во исти згради и да се избегнуваат системи на смени за да се обезбеди поголема можност за интеракција.

Иако е постигнат некаков напредок во инклузијата на Ромите, социјалната маргинализација, образовните диспаритети, високата невработеност и диспаритетите во здравството и натаму влијаат врз многу припадници на ромската заедница. Личните документи со единствен матичен број за некои Роми не се препознаваат од ИТ системите на јавните служби, што претставува предизвик во пристапот до основните услуги.

ЕКРИ препорачува овие проблеми да се решат и да се промовира натамошен напредок особено во овозможувањето финансиска автономија на телата за еднаквост, во регулирање на признавањето на половиот идентитет, интензивирање на напорите за борба против говорот на омраза, решавање на сегрегацијата во образованието и продолжување на напорите за подобрување на инклузијата на Ромите.

Претходниот извештај на ЕКРИ за Македонија беше објавен во јуни 2016 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот