Стотици невработени се преквалификуваат за да најдат работа

Минатата недела многу невработени беа повикани од Агенцијата за вработување да дојдат на обука за работа. Од Агенцијата објаснуваат дека од февруари е отворен повик за  обука на работници според барање на работодавачите и досега се стигнати 26 пријави од работодавачи за обука на 107 лица за следните занимања: готвач, скара мајстор, келнер, пекар, произведувач на сирење, заварувач, бравар, оператор за бризгање пластика, металостругар и шивач на кожа.

Многу од дојдените во Агенцијата ја прифатиле обуката, но еден дел веднаш си заминале.

– Јас сум електротехничар и професијата заварувач ми е некако многу далечна. Споменаа и некаков месечен надоместок од 9.000 денари, јас мислам дека заслужувам повеќе – вели нашиот соговорник.

Но, од Агенцијата за вработување објаснуваат дека надоместокот од 9.000 денари е само додека трае обуката, а потоа е можно и вработување за редовна плата.

– Практично невработените добиваат бесплатно обука за некое побарувано занимање. Конкретно заварувачите си добиваат и сертификат дека ја поминале обуката. Обуката трае од 2 до 4 месеци и за тоа време се зема надоместок. Потоа, работодавачот што побарал обука на работници има обврска најмалку половина од обучените работници да ги земе на работа – објаснуваат од Агенцијата за вработување.

Неодамна координаторот на Програмата за доживотно учење Владо Димовски нагласи дека проблемот со недостиг на стручен кадар не е во ниските плати на „среднистите“ затоа што добар заварувач или техничар зема од 500 до 1.000 евра месечно. Но, ако се пребара во огласите на Агенцијата за вработување, може да се види дека во моментов има 6 огласи за заварувачи со плати од 12.500 до 18.600 денари.

Од Агенцијата за вработување велат дека покрај обуката за стручни квалификации според барање на работодавачите, во овогодишниот Оперативен план има и: обука на работно место за познат работодавач, пилот обука за побарувани занимања и занаети во Струмичкиот  регион, обуки за побарувани занимања и занаети и обуките за развој на дигитални вештини.

– Во моментов 618 лица се вклучени во набројаните Oбуки за побарувани занимања и занаети. Наскоро ќе започнат и обуките за развој на дигитални вештини, со кои предвидено е да бидат опфатени 1.323 лица. За овие обуки ќе следува отворен јавен повик. Една од најбараните програми минатата година беше програмата „Практиканство“. Поради големиот интерес годинава опфатот се зголеми на 1.625 лица и досега се вклучени 1.190 граѓани – велат од Агенцијата за вработување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот