Стинг и Скопје во вистински стил ја прославија победата на Вардар!

Видно расположени од големата победа на Вардар, македонскиот народ синоќа се подготвуваше за голема прослава. Улиците во главниот град беа преполни со луѓе, сите урлаа, викаа, се радуваа, а на плоштадот „Македонија“ во Скопје се случуваше вистински делириум.

Сепак, подобро место за прослава од централната, постоеше, и тоа беше стадионот „Тоше Проески“, каде за првпат свој настап имаше единствениот Стинг.

Зарем има подобар начин да се прослави титулата во ЛШ на Вардар од концерт на Стинг? Ова беше негово второ доаѓање во Скопје, откако пред две години настапи во спортската сала „Борис Трајковски“ и не разочара, нормално, но сега доби концерт каков што заслужува – на стадион!

Критиките кон „Авалон“ пред две години поради тоа што Стинг не е на градски очигледно вродија со плод, па сега сите негови верни фанови имаа прилика да го исполнат својот сон и да ја видат големата ѕвезда онака како што доликува.

Атмосферата ја загреваше нашиот виртуоз на гитара – Влатко Стефановски заедно со неговиот бенд, за потоа да му отстапи место на Англичанецот. Додека Влатко свиреше, пееше и ја честиташе победата на Вардар, публиката полека но сигурно се собра, подготвена за она што подоцна следува.

Конечно, точно во 22.00 часот на сцената заедно со својата добро воиграна и позната постава се појави Стинг – поранешниот фронтмент на „Полис“ и човекот кој е жива легенда во светски рамки. Атмосферата веднаш се вжешти, а преполниот стадион достоинствено му одговори на големиот предизвик.

Стинг концертот го отвори со „Message in a bottle“, продолжувајќи со своите најголеми хитови да ја забавува публиката речиси два часа, а покрај повозрасните, кои беа очекуван дел од присутните, ме изненади бројката од многу млади луѓе, многу помлади и од мене, кои во еден глас ги пееја неговите песни и беа пресреќни што го гледаат и слушаат.

Стинг уште еднаш покажа дека им одолева на годините, во својот специфичен став со својата легендарна бас гитара одржа концерт за паметење. Беспрекорно професионален без ниту една грешка, Стинг му даде вистинска прослава на Скопје. Енергичен како и секогаш, Стинг ја креваше публиката пеејќи ги најголемите хитови кои се вклучени во неговата актуелна турнеја „My Songs“.

Озвучувањето и осветлувањето исто така беа за пофалба, се беше на ниво на еден светски концерт.
Вистинските обожаватели имаа прилика да уживаат во еден комплетен музички спектакл во секоја смисла на зборот. Стинг својата култура и професионалност синоќа и ја пренесе на Македонија, но и Македонија му одговори на вистински начин.

Нема што друго да се додаде освен да се каже дека Скопје и Стинг и по втор пат покажаа дека се компатибилни, остварувајќи нова успешна средба полна со љубов и емоции.

Македонија покажува дека знае како да пречека големи ѕвезди и легенди, па се надевам дека во иднина ќе видиме уште многу големи имиња на нашиот подиум, бидејќи оваа публика тоа едноставно го заслужува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот