Стефоска најави унапредување на културната соработка со сите соседи

Ирена Стефоска / Фото: МИА

Oтворени сме за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Ова во интервју за МИА го изјави министерката за култура Ирена Стефоска осврнувајќи се на добрососедството и колку тоа влијае на културното наследство.

Министерката посочи дека во иднина ќе иницира чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината.

Со оглед на тоа што прпват доаѓа на оваа функција, Стефоска посочи дека врвен приоритет ќе и биде заштита на културното наследство, евроинтеграциите во културата, а посебен фокус ќе посвети и на младите.

-Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници, рече министерката.

Според Стефоска, Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните.

-За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба, појасни таа.

Во врска со споменикот Мајка Тереза, како еден од спомениците од проектот „Скопје 2014″, Стефоска посочи дека експертите увиделе низа неправилности, но како што рече, сите овие години Министерството соработува со Општина Центар и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе се преиспитаат сите законски можности и предлози за да се изнајде решение со кое скопјани ќе се гордеат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот