Стабилниот безбедносен апарат под ризик на владењето на правото, експертите за извештајот на ЕК

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Кога станува збор безбедносниот апарат на државата и неговото функционирање најновиот извештај на Европската комисија ја оценува состојбата по ова прашање во земјава како стабилна. Државата треба да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над разузнавачките служби, борбата против организираниот криминал треба да се подобри а истовремено забележан е и одреден напредок во борбата против тероризмот како и насилниот екстремизам, пишува во извештајот.

Она што е посочено како проблематично кога станува збор за факторите кои влијаат врз безбедноста на државата и граѓаните во најновиот документ на ЕК покрај справувањето со корупцијата и судството, посочени се слабостите и со справувањето со миграциските текови на Западен Балкан за со тоа и на земјава.

Како што пишува во документот на ЕК, Северна Македонија е на една од главните транзитни рути за миграциско движење и неопходно е зајакнување на институционалните и административните капацитети за сите аспекти на управувањето со миграцијата.

Во сублимиран заклучок на оваа тема, експертите со кои се консултиравме околу забелешките на документот наменет за безбедносниот апарат на државата истакнуваат дека Извештајот на ЕК кој ја рефлектира состојбата во овој сегмент на земјата е реален и коректен со сите наведени забелешки.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов за „Слободен печат“ коментирајќи го  извештајот посочува дека застојот во реформирањето на безбедносниот сектор, кој има можеби најголема важност за државата и за нејзините граѓани е проблемот поради кој државата не може во целост да го смета како функционален овој безбедносно-разузнавачки систем.

Павле Трајанов – политичар / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

– Во делот за безбедноста од ЕК практично ни кажа дека сме умерено подготвени за борба против организираниот криминал, но нема опипливи резултати. Тоа е така бидејќи сето ова што е наведено во документот е рефлексија на состојбите до пред некој месец. Во суштина недостасува вистинската слика кога станува збор борбата против корупцијата. Оваа оценка можеби треба да биде предмет на преиспитување иако генерално ако зборуваме за безбедноста на државата може да се даде позитивен став, дека сепак ние сме стабилна држава и во овој момент немаме никакви индиции за нарушување на сигурноста – оценува Трајанов.

Според Трајанов, добри безбедносни реформи се прават со искусни луѓе, со користење светски искуства и подалеку од политичките партии.

Слично како Трајанов размислува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски кој вели дека реформата на еден безбедносен систем комплетно се постигнува кога сето тоа се извршува во согласност со еден широк потенцијал на искусни луѓе во областа, кои користат светски искуства наместо меѓупартиски препукувања.

Милан Стефановски – политиколог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Извештајот на ЕК кој ја рефлектира состојбата во безбедносниот апарат е реален и корективен. Ги систематизира одредените слабости, но и го нотифицира напредокот во одредени области. Имаме солидни т.н оценки во делот на менаџирањето со мигрантските бранови како транзитна рута, со препораки за дополнително инвестирање во опрема и системски решенија. Евидентна е и оценката за напредокот во борба против тероризмот. Објективно таму каде што имаме финансиска помош од странците и таму каде што системот е кохезивен со НАТО (борба против тероризмот и илегална миграција) имаме некаков напредок. Додека онаму каде што сме оставени сами на себе сме млитави – оценува Стефановски.

Според него, владеењето на правото оди рака под рака со безбедносните органи.

– Слабостите за системската борба против корупцијата, организираниот криминал е евидентен и е поразителен. Владеењето на правото, борбата против корупцијата оди рака под рака со безбедносните органи. Алатката за борба против организираниот криминал се безбедносните служби и тука не смее и не треба да има изговори. Собранискиот надзор на разузнавачките служби останува предизвик, во тој дел не сме виделе ефективни чекори. И, на крај како заклучок, состојбите во безбедносниот сектор може да се санираат таму каде што има слабости само тогаш кога политиката нема да има никаков допир со безбедносниот апарат – заклучува Стефановски.

Инаку од ЕК истакнуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и како што велат, ова прашање е загрижувачко.

„Кривичниот закон беше изменет во брза собраниска процедура. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што влијаеше на застарување, запирање, па дури и прекинување на голем број на случаи на корупција на високо ниво, вклучително и на случаи од поранешното Специјално јавно Обвинителство (СЈО). Измените, исто така, ја попречуваат способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела. Ова е прашање на сериозна загриженост,“ се забележува во извештајот.

ЕК оценува дека Државната комисија за спречување на корупцијата била проактивна во давањето насоки на јавните институции за спречување на корупцијата и отворила неколку случаи. Додаваат дека препораките треба да се почитуваат и да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК, да им се дадат дополнително пари и да се вработат експерти.

Марија Јаничевска предложена за директорка на ОТА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот