Српското МНР: Тврдењата на украинската страна се неосновани, Милош Биковиќ е еден од најталентираните српски актери

Фото: Instagram / bikovic

Министерството за надворешни работи на Украина ја искритикува американската телевизиска мрежа „Ејџ-би-о“ затоа што му ја даде главната улога во серијата „Белиот лотос“ („The White Lotus“) на српскиот актер Милош Биковиќ, за кој тврдат дека ја поддржува руската инвазија, пишува „Гардијан“.

Инаку, Биковиќ доби руско државјанство во 2021 година и лично беше почестен од рускиот претседател Владимир Путин за неговиот придонес во руската уметност и култура. На актерот, како што и самиот кажа, му беше забранет влез во Украина во 2019 година поради национална безбедност.

Претходно овој месец, „Ејџ-би-о“ објави дека Биковиќ ќе глуми во третата сезона на популарната комедија, што предизвика бурни реакции од украинските корисници на социјалните медиуми.

„Милош Биковиќ, српски актер кој ја поддржува Русија од почетокот на целосната инвазија, сега ќе глуми во третата сезона на „Белиот лотос“, објави украинското Министерство за надворешни работи на социјалните медиуми.

„’Ејџ-би-о’, дали е во ред да се работи со лице кое поддржува геноцид и го прекршува меѓународното право?“, се додава.

Со соопштение до јавноста, сега се огласија и од српското Министерство за надворешни работи и укажаа на целосна неоснованост на тврдењата.

„Република Србија наследува долга традиција на културно творештво и ние сме многу горди на уставно загарантираното право на слободно научно и уметничко творештво.

Нагласуваме дека тврдењата на украинската страна се неосновани, бидејќи Милош Биковиќ, пред сѐ, е еден од најпопуларните и најталентираните српски актери од својата генерација, кој иако млад, веќе остави свој белег во српската и меѓународната кинематографија.

Потсетуваме дека министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на Милош Биковиќ му врачи повелба на Денот на српската дипломатија во 2019 година за неговиот исклучителен личен придонес за промоција на Србија и нејзиното богато културно творештво во светот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот