Средба со чешката писателка Луцие Фаулерова на „Букстар“: Секогаш ми е интересно да ги слушнам реакциите на читателите

Луцие Фаулерова на „Букстар“ во МКЦ

Чешката писателка и новинарка Луцие Фаулерова беше учесничка на деветтото издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ во Скопје, а покрај фестивалските активности го промовираше и македонскиот превод на нејзиниот роман „Девојката Смрт“.

Најголемиот книжевен успех на чешката писателка Луцие Фаулерова (1989) досега е објавата на романот „Девојката Смрт“ (Smrtholka) во 2020 година, бидејќи веќе во 2021 година ја освоила Наградата за литература на Европската Унија.

Книгата „Девојката Смрт“ може да се чита како семеен роман, како роман – студија за самоубиствата, како психолошко-контемплативен роман, како роман за девојка која и покрај тешката реалност сака да живее. За време на фестивалот остваривме средба со Фаулерова на која разговаравме за мотивите да го напише романот, но и за можностите во современиот свет човек да има слобода на избор, дури и кога станува збор за смртта.

– На почетокот ја имав идејата за приказната и уште неколку прашања за тоа која е волјата на човекот да преживее и волјата да го заврши својот живот. Потоа се обидов самата да сфатам зошто ме интересира оваа тема и во која насока треба да одам – која е мојата поента. Сакав темата да ја истражам од перспективата на мојот херој. Сакав да ја искусам нејзината опсесија, да ја разберам смислата на животот и смртта, на загубата и тагата… Во мојата книга се обидувам да го истражам ова прашање на 200 страници, па затоа е многу тешко да се одговори во една реченица. Мислам дека изборот на смртта е највисокиот тип на слобода. И од оваа перспектива верувам дека ако некој сака да стави крај на својот живот, но неговата физичка состојба не му дозволува тоа, тогаш и системот нема да му помогне. Тоа, можеби, е слично како да се биде жив закопан – објасни Фаулерова.

Иако навидум главната тема во романот е самоубиството, сепак, според неа, тоа е слободата на избор – дали човек да живее или не! Покрај книжевната, Фаулерова има и новинарска биографија. Дипломирала Чешки студии на Универзитетот „Палацки“ во Оломуц. Од 2014 година е редактор на книжевното списание „Алузе“.

Во однос на комбинацијата на новинарството и книжевноста вели дека кога открива некоја тема што почнува да расте во неа, обично истражува од сите можни извори. „Само сакам да најдам повеќе. Но, не го користам овој материјал од истражувањата како некоја референтна рамка од која се базирам во измислувањето на приказната. Би кажала дека ги користам само оние извори кои најмногу ми одекнуваат во мислите и кои служат за мојата приказна“, вели Фаулерова.

Луцие Фаулерова учествуваше на повеќе фестивалски читања на „Букстар“

Преводот на нејзиниот роман „Девојката Смрт“ од чешки на македонски јазик го направи Маргарета Карајанова, а книгата ја објави книжевниот центар „Антолог“, кој е организатор на фестивалот „Букстар“. На фестивалот Фаулерова оствари повеќе средби со читателите.

– Секогаш ми е интересно да ги слушнам реакциите на читателите. Сè уште е малку ново и некако надреално за мене што моите книги се објавуваат во различни земји. Тешко можам да замислам колку читатели ја прочитале мојата книга и каква улога во тоа играат преводот и другиот културен контекст. Така што за мене секогаш е одлично искуство. Но, досега не ми се чини дека културните разлики би го промениле искуството на странските читатели, барем тоа е она што можам да го кажам врз основа на прашањата што ми ги поставуваат. Затоа што се слични на чешките читатели – истакна Фаулерова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 201, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот