Србија е лидер во регионот во процесот на имунизација: Странски државјани одат да се вакцинираат во Белград
Србија нуди бесплатна вакцинација против ковид-19 за странци, поради што стотици граѓани на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија се упатуваат кон Белград, објавија западните медиуми.
Додека многу земји на Балканот и во Европа имаат проблем со забавеното снабдување и недоволно количество на вакцини, Србија се гордее со својот успех во обезбедувањето вакцини од неколку различни производители.
Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж вчера изјави дека комората им обезбедила 10.000 дози вакцина на бизнисмените во регионот.
– Сите ние сме еден регион и само заедно можеме да се избориме со ова зло, истакна Чадеж пред новинарите.
Стопанската комора е овластена да обезбеди 10.000 дози вакцина за бизнисмените и нивните работници, изјави српски владин извор, кој побарал да остане анонимен.
– Дојдов овде бидејќи вакцините никогаш нема да стигнат во Босна. Можеби на крај ќе дојдат, но ќе биде доцна, изјави Елма од Босна и Херцеговина, која патувала пет часа за да се вакцинира во Србија.
Критичарите во регионот велат дека српскиот претседател Александар Вучиќ ги користи вакцини за да го зајакне влијанието на неговата земја, но тој ги отфрла таквите обвиненија.
Србија во моментот ги користи вакцините на „Фајзер“/„БајонТек“, „АстраЗенека“, руската „Спутник V“ и кинеската „Синофарм“.
Склучените договори и овозможуваат на Србија да го заземе, според владините извештаи, второто место според вакцинации во Европа, по Велика Британија. Според официјалните податоци, повеќе од 2,2 милиони луѓе во земјата со седум милиони жители, веќе се вакцинирани. Србија од јануари досега им донираше вакцини на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија.