Според Гутереш, руската инвазија ја предизвика најголемата злоупотреба на човековите права

Антонио Гутерeш / Фото: Fabrice COFFRINI / AFP / Profimedia

Човековите права се на удар од сите страни, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, повикувајќи на „нов моментум“ во светот што „назаднува“. Отворајќи ја 52-та седница на Советот за човекови права во Женева, Антонио Гутереш се осврна на војната во Украина.

„Руската инвазија на Украина денеска го започна најголемото кршење на човековите права“, рече тој.

Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк го критикуваше враќањето на „стариот авторитаризам“ и „деструктивните воени агресии, кои потекнуваат од минатото и имаат глобални последици, како што може повторно да се види во Европа со безумната руска инвазија на Украина“.

Седницата започна со едноминутно молчење за жртвите од земјотресите во Турција и Сирија. Никогаш Советот за човекови права не заседавал толку долго – речиси шест недели, што е знак за неговата важност во време кога се слави 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.

Но, некои земји кои не се познати по почитувањето на човековите права сметаат дека ова е доказ за премногу мешање на ОН во внатрешните работи.

Војната во Украина, сиромаштијата, расизмот… генералниот секретар на ОН ја бранеше Генералната декларација која е „напаѓана од сите страни“ и ги критикуваше владите кои ја „поткопуваат“.

„Отидовме наназад“, рече тој, повикувајќи да се даде „нов моментум“ на човековите права, кои се решение за многу проблеми во светот, како климатската криза и злоупотребата на новите технологии.

Речиси 150 високи функционери, вклучително и министрите за надворешни работи на Франција, Иран и Кина, учествуваат на делот на високо ниво од состанокот што ќе трае до четврток. Во текот на денот преку видео врска ќе им се обрати американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Во четврток во Женева се очекува пристигнувањето на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков. Во центарот на дискусиите ќе биде руската инвазија на Украина, а на крајот на седницата е закажано гласање за продолжување на работата на истражителите на ОН во Украина, кои на 20 март ќе го претстават својот прв писмен извештај. откако во септември тврдеа дека таму се случуваат воени злосторства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот