Според Џафери не е пречка Хусни Исмаили да биде избран за потпретседател на Собранието

Талат Џафери, претседател на Собранието/ Фото: Слободен печат

Доколку формално биде предложено за секое решение со Бугарија да расправа Собранието, Парламентот нема да бега од тоа, особено ако решението е во полза на граѓаните и на државата, изјави на денешниот брифинг со новинарите собранискиот претседател Талат Џафери.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на седницата на Националниот совет за евроинтеграции што се одржа во вторникот рече дека секое решение до кое би дошле Северна Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието, на што се согласија пратениците и од опозицијата и од власта.

Џафери појасни дека во нашиот систем за надворешните односи и надворешната политика е надлежна извршната власт, а Собранието си го направи своето со резолуцијата за црвените линии во преговорите, но нема да бега од тоа доколку дојде формален предлог секое решение со Бугарија да помине во Собранието.

Џафери, во врска со тоа кога би се нашле на дневен ред на собраниска седница договорите од „Отворен Балкан”, што беа потпишани во вторникот во Тирана, а треба да се ратификуваат во парламентите во сите три земји, рече дека ако имаат карактер меѓународни договори ќе треба да се достават до Собранието за ратификација.

– Обично по тие прашања немало проблем во процедурата во Собранието, во смисла донесување на време. Во секој момент кога и да се достават, по доставување на материјалите на наредна седница ќе бидат предмет на разгледување и тука нема спор во процедурата и во надлежностите на Собранието, посочи Џафери.

Тој е задоволен од работата на Собранието изминатава година, со оглед на ситуацијата со коронавирусот и локалните избори.

– Ќе биде ажурирана анализата на овој мандат, одржани седници, предвидени точки, поминати точки и заостанати точки и зошто се заостанати тие точки. Нема причина да не бидам задоволен од работата на Собранието. На пример, ако оваа година покрај сите овие работи имало 123 дена работни на седници. Организациски земете во просек кој било Парламент колку работни денови има во текот на една календарска година и да се направи споредба, истакна Џафери на брифингот со новинарите.

Годинава во Собранието имало 60 координации, 123 седници, девет претседателства, 152 други активности, по 63 билатерални и мултилатерални активности…

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оцени денес дека нема основа да се отфрли предлогот на Алтернатива, по формирањето на новата влада, потпретседател на Собранието да биде Хусни Исмаили, за кој Антикорупциската комисија покрена иницијатива за кривична пријава бидејќи трошел пари како екс министер за култура во период кога законски не смеел да го прави тоа.

-За Собранието нема пречка тој да се избере за потпретседател. Се додека некој не е осуден со правосуден акт, презумцијата на невиност е над сите иницијативи, порача Џафери на брифинг со новинарите.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот