Спасовски се сретна со новиот амбасадор на БиХ, Јаќимовиќ

На средбата бил пренесен интересот од граѓаните на Босна и Херцеговина и од тамошната економска заедница, за уште поголемо унапредување на воспоставената добра соработка помеѓу двете држави.

Премиерот Оливер Спасовски денеска се сретна со Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата држава. Како што соопшти владината прес-служба, амбасадорот Јаќимовиќ му го честитал на премиерот Спасовски стапувањето на должноста и изразил очекување за скорешно остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата држава, пат кон којшто е определена и Босна и Херцеговина.
На средбата бил пренесен интересот од граѓаните на Босна и Херцеговина и од тамошната економска заедница, за уште поголемо унапредување на воспоставената добра соработка помеѓу двете држави.
Двајцата соговорници заеднички констатирале дека постои значителен напредок во односите помеѓу двете земји изминатите две и пол години, во повеќе области од полза на граѓаните, како што е меѓусебното признавање на возачките дозволи, влегувањето во државите со лични карти, направените заложби во создавањето услови за подобра економска соработка.
Констатирано е дека двете земји немаат отворени билатерални прашања и дека тоа отвора широк простор за меѓусебна соработка.
-Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. Добро е што раководствата на државите во регионот се насочени повеќе од секогаш кон надминување на какви било отворени билатерални прашања и за гледање кон иднината. Пријателствата и зајакнувањето на економската соработка ќе овозможат во нашата заедничка голема цел, да ги мотивираме граѓаните на нашите држави и посебно младите луѓе, да останат да живеат и работат во своите родни земји. И Република Северна Македонија ќе продолжи да придонесува во добрата регионална соработка и европските интеграции- нагласил Спасовски.
На состанокот станало збор и за можностите за поактивна соработката меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во делот на поврзувањето на стопанските комори, во областа на земјоделството, за планираното воспоставување авиолинија што ќе ги олесни комуникациите меѓу двете земји и граѓаните, за поттикнувања на промоцијата и соработката во областа на туризмот и во сите други области од значење за квалитетот на живот на граѓаните

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот