Совети за патниците: документирајте сè, за обесштетување ви требаат фотографии, сведочења и други писмени докази

Фото: Организација на потрошувачи на Македонија

Доколку агенцијата (организаторот на патувањето) го одбие приговорот на патникот, тој може да поднесе претставка/поплака до ДПИ или да поведе судска постапка, советуваат од ОПМ во екот на туристичката сезона

Скршени тоалети, мувла во собата, валкани чаршафи, несоодветен превоз… За докажување на причинетата штета, покрај потпишаната потврда за недостатокот за време на патувањето (доколку е пропишано со општите услови на агенцијата), секој патник со приговорот треба да достави сметки за платени трошоци и други докази што ги имал, како на пример: фотографии, сведочења итн. Доколку агенцијата (организаторот на патувањето) го одбие приговорот на патникот, тој може да поднесе претставка/поплака до Државниот пазарен инспекторат или да покрене судска постапка, советуваат од Организацијата на потрошувачи во екот на туристичката сезона.

– Сите жалби и поплаки за услугите во текот на патувањето и престојот патникот треба да ги упати до претставникот на агенцијата или доколку нема претставник, до локалниот давател на услугата (сопственик на хотел, апартман, возач на автобус итн.). Доколку овие лица не му излезат пресрет на патникот, тој треба да ја контактира агенцијата што е организатор на патувањето. Задолжително е патникот да ја извести агенцијата кога ќе дознае дека нешто не е во ред, затоа што подоцна нема да може да добие намалување на цената, доколку се утврди дека патникот можел да ја извести агенцијата, а таа со својата интервенција би можела да обезбеди исправна услуга.

Задолжително, патникот треба да внимава на општите услови на агенцијата со која склучил договор, дали е должен да побара потврда за недостатокот во текот на патувањето или престојот од претставникот на агенцијата или од локалниот давател на услугите, бидејќи доколку тоа е утврдено, а патникот не постапи во согласност со општите услови, без таа потврда нема да може да се жали за услугата. Но, доколку патникот побарал потврда, а притоа не ја добил, во тој случај ќе може да се жали поради тоа што не добил потврда. Доколку проблемот не е решен во текот на патувањето, патникот има право да поднесе писмен приговор до агенцијата во рок од 8 дена по враќањето од патувањето, во кој треба да објасни што се случило и да побара намалување на цената.

Покрај правото на патникот да бара да му се вратат парите за дел од услугите што не се извршени, тој може да бара и надоместок на материјална и нематеријална штета, доколку докаже дека штетата навистина настанала поради пропусти на агенцијата – посочуваат од ОПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот