СОНОТ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ на македонско семејство во Данска станал КОШМАР: Да им помогнеме!

Македонско семејство од Данска бара финансиска помош поради ситуација во која западнало откако при породувањето на второто дете се случиле компликации поради кои новороденчето има трајни оштетувања на мозокот, а животот на целото семејство станал кошмар.

Семејството заминало во Данска минатата година, не толку со намера да останат трајно да живеат, туку повеќе за да направат мала промена и да стекнат ново искуство во животот. Тогаш имале само едно дете. Но, во февруари годинава се родило и второто дете. На породувањето судбината си поиграла со нив.

– Првото дете го родив со царски рез и на тоа ги предупредив во болницата каде требаше да го родам второто. Но лекарите го игнорираа ова предупредување и инсистираа породувањето да се изврши по природен пат. Добив внатрешно крварење на раната од првиот царски и се се ископлицира. Бебето се задуши во крвта, се роди без пулс и 14 минути беше без кислород поради што и доби сериозно оштетување на мозокот и церебрална парализа – раскажува мајката Дијана.

Сега бебето е сместено во медицинска институција каде живее одвоено од семејството и за тоа плаќа државата, но се уште нема конечна одлука како ќе се одвиваат работите понатаму.

Дијана и нејзиниот сопруг Боби се соочуваат со тешка состојба, се уште не го знаат добро јазикот, по настанот останале и без работа, се наоѓаат во туѓа земја, каде не ги познаваат законите и прописите и немаат обезбедено соодветна правна помош.

Бебето Лео се наоѓа во многу тешка состојба, не може самостојно да извршува основни функции, како пиење вода и хранење, јаде преку сонда. Неизвесно е и како ќе се развива понатаму и какви се последици по неговото здрвје ќе остави оштетувањето на мозокот. .

Единствен финансиски приход им е трудничкото што го зема Дијана, но и тоа е ограничено. Помош барале од нашата амбасада во Копенхаген и од Министерството за надворешни работи, но добиле одговор дека тоа се внатрешни работи во државата и не може да се мешаат.

– Тешко е да си сам во туѓа држава без никаква помош во ситуација како нашата. Моето трудничко истекува во декември, тука статусот не ни е решен. И сместувањето на детето беше организирано под голем притисок. Сакаа ние да се откажеме од родителското право за да го сместат во институција – раскажува мајката.

Тие ја тужат болницата, која ја признала вината, но процедурата е во тек, поради што и не можат да се вратат во државата.

На иницијатива на нивни роднини кои живеат во странство решиле да побараат помош преку донации, кои ќе им помогнат повторно да застанат на нозе. Донирањето се прави преку оваа Фејсбук страница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот