Со премиерата на балетот „Молитви на моето тело“ се заокружува јубилејот 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов

Плакат за балетскиот триптих „Молитви на моето тело“

Премиерната изведба на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ ќе се одржи на 20 декември, на роденденот на поетот Ацо Шопов, на големата сцена на Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.

Балетската претстава (триптих) „Молитви на моето тело“ е инспирирана од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов по повод одбележување 100 години од раѓањето на поетот.

Претходно, во Фоајето на НУ Национална опера и балет, во 19.30 часот, свечено ќе биде затворен јубилејот 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов.

Идејата за проектот и костимограф на балетот „Молитви на моето тело“ е Александар Ношпал, а во креативниот тим се и драматургот Соња Здравкова-Џепароска, кореографите Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, композитори Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски, сценографот Михалјо Стојановски, како и визуелниот уметник Флоријан Чанга (Албанија) и монтажерот на филм Доријан Миловановиќ. Мултимедија и графичкиот дизајн е на Лазе Трипков, поетското читање на актерот Никола Ристановски, асистент костимограф е Ангела Богеска, а на светлото работеа Јакуп Јакуп, Нино Митевски и Перо Марачков.

– Создавањето драматуршка предлошка на поезијата на Ацо Шопов беше екстатичка игра co значења, состојби, емоции, нијанси, ароми, бои,… Тоа е опоен процес на продирање во најдлабоките химери на неговата поетска реч, но при тоа погледнати преку диоптријата на обликовната матрица на едно сценско дело. Поаѓајќи од танцовиот изведувачки дискурс идејата беше да се постигне преведување, конвертирање на зборот во движење.

Претставата е втемелена на дванаесет песни на Ацо Шопов, единаесет од циклусот „Молитви на моето тело“ и песната „Раѓање на зборот“, која мошне природно се надоврза на циклусот. Песните на Шопов се моќни, но едновремено интимни приказни пресликани во еден нов, поинаков медиум. Поетот го поставува телото во својот поетски интерес, телото од друга страна е алатка, знак во танцовата уметност. Поради тоа соединувањето на зборот на Шопов и идејата за телото како негова појдовна инспиративна парадигма, со танцот како јазик се одвиваше природно и мошне органски. Претставата стреми кон креирање на перформативна алхемија, симбиоза на изрази, современ синкретизам.

За потребите на претставата песните се организирани во триптих, од коj секој дел содржи по четири песни поврзани во тематско-функционална рамка. Трите тематските циклуси се конектирани со идејната нитка која се пројавува во секој од нив именувани раѓање, преплетување и вознес. Предложеното групирање не е идеално само во однос на некаква математичка делба, туку многу повеќе во содржинска смисла, која резултира со одлична функционалност на песните како засебни потцелини. Трите пластови имаат своја ознака и тематска полнетица. Во секој од нив има флуктуација од вовед преку своевидна кулминација и разрешување во повторно возвишување на следниот циклус.

Јачината на поезијата на Шопов како драматург ме натера да направам една нестандардна интервенција вклучувајќи ја вербалната компонента, односно изговорените сегменти од неговата поезија вградени во музиката, сцените или како писмо присутни во сценскиот дизајн, што даде еден особен квалитет на претставата – истакнува драматургот Соња Здравкова-Џепароска.

Балетскиот триптих е составен од циклусите „Раѓање“, „Преплетување“ и „Вознес“.

Циклус – „Раѓање“ (Nativitas):

Прва едночинка – кореограф: Ивана Коцевска, композитор: Дарија Андовска

Настапуваат:

Мајка: Мими Поп- Алексова Атанасовска / Христина Наќевска

Жена: Мартина Димовска/Аманда Роча/Ања Филиповска

Девојка: Наташа Трендафилова Гицев/ Медина Јусуфовиќ/Биби Басмаџиева Ковачевска

Три мажи: Франциско Хименес Руи (Алфред Јаго), Балаж Лочеи (Ендру Кук), Игор Веланоски (Николас Oрсо, Веселин Трајковски)

Четири жени: Ивана Димковска, Илијана Данилов, Аманда Роча, Ева Перковска

(Медина Јусуфовиќ, Меланија Гоцевска, Матеа Каревски, Ања Филиповска, Мартина Цветаноска)

Циклус – „Преплетување“:

Втора едночинка – кореограф: Адријана Данчевска, композитор: Александар Гроздановски

Настапуваат: Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ивана Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча

Франциско Хименес Руис,Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски, Алфред Јаго.

Циклус – „Вознес“ (In perpetum):

Трета едночинка – кореограф: Саша Евтимова, композитор: Александар Пејовски

Асистент кореограф: Ксенија Синџиќ (Црна Гора)

Настапуваат: Мими Поп-Алексова Атанасовска, Марија Кичевска, Александра Мијалкова, Марија Јосифовска, Олга Панго, Биби Басмаџиева Ковачевска, Наташа Трендафилова, Марина Анастасовска, Христина Наќевска, Илијана Данилов, Аманда Роча, Мила Ниновска, Ангела Велевска, Меланија Гоцевска, Ивана Димковска, Мартина Димовска, Ева Десковска.

Бобан Ковачевски, Балаш Лочеи, Франциско Химнес Руис, Игор Веланоски, Миро Митрашиновиќ, Ендру Кук, Алфред Јаго, Веселин Трајановски, Тодор Стојанов, Агим Бафтии, Кристијан Јангос, Мартин Саздовски, Николас Орсо, Стефан Кочевски (Марин Анчевски)

(Вили Карајанова, Медина Јусуфовиќ, Андријана Богатиновска, Леонтина Карчева, Исидора Китановиќ , Теодора Ставревска, Бојана Арсовска, Ања Филиповска).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот