Со авионско засејување на облаците спречена појава на град во повеќе региони во државата

Со помош на новата метода – авионско засејување на облаците вчера повторно беше спречена појава на град во повеќе региони во државата.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) активно ги пратеше облачностa и движењето на градоносните облаци преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште и интервенираше во загрозените подрачја. Со брзата и прецизна интервенција, во повеќе региони е спречена појава на град и е заштитено земјоделското производство, соопшти денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Димковски, кој заедно со директорот на УХМР Ивица Тодоровски го посети радарскиот центар Ѓуриште, истакна дека во сите региони кадешто е делувано изминатиов период, интервенциите со оваа нова метода, се успешни.

– По авионското засејување градоносните облаци преминале во појава на дожд. Оваа нова метода за заштита од временски непогоди (град), годинава почна да се применува првпат и ќе се спроведува на целата територија на нашата држава. Со овој модерен систем на заштита од град ќе се придонесе за заштита на земјоделското производство од временски непогоди и намалување на сумата што изминатите години се издвојува за исплата на обесштетувања, рече Димковски.

Директорот Тодоровски посочи дека вчера нестабилност прво имало во Битолскиот регион, каде било извршило авионско засејување. Истовремено се дејствувало и во Гевгелискиот и во Неготионскиот регион.

– Потоа се продлжи со дејствување во Кичевскиот регион, Македонски Брод, Кратово, Свети Николе, Велес. Според информациите од нашите радарски центри, секаде во рамничарските делови е спречена појава на град, изјави Тодоровски.

Димковски и Тодоровски беа придружувани од градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.

Радарскиот систем за детектирање и следење облачни маси, кој долги години не работеше, од пред две години е поправен и надграден. Инсталирани се нови автоматски современи радарски контролни и мониторинг единици за управување. Инсталирана е и новата верзија на софтверскот пакет, а извршена е и целосна калибрација. Надградениот радарски систем овозможи навремена прогноза на појавата на нестабилната воздушна маса која во текот на вчерашниот ден ја зафати територијата на нашата држава и која постепено се поместуваше од југо-запад кон северо-исток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот