„Слободен печат“ дознава: Идентификувани 40 од фалц-пасошите во случајот „Двојник“

Македонски пасоши/ Фото: МИА

Истрагата во случајот „Двојник“ го утврдила идентитетот на најмалку 40 криминалци кои поседуваат фалсификувани македонски пасоши, односно вистински пасоши издадени од МВР, но со лажен идентитет, велат извори од истрагата за „Слободен печат“.

Најмногу лица со фалсификувани македонски пасоши има од Црна Гора, од Албанија, а има луѓе со потерници од Италија, Србија, Словенија, Данска, Грција и Франција, како и двајца Бразилци. Проверката и идентификацијата е извршена со американска стручна помош, и притоа бил користен софтвер за препознавање лица.

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, вели дека МВР треба да ги сторнира сите пасоши со лажен идентитет, за да не можат да се користат, ако досега тоа не е направено. Според него, треба да следи анализа на случајот „Двојник“, за да се утврди дали имало и други инволвирани.

Иако сегашната истрага се води и внатре во Министерството за внатрешни работи, но и надвор од него, досега не е утврдена организирана група. Единствената врска меѓу сите вмешани е Раиф Мифтари, посредникот меѓу нив, кој не е уапсен и по кого е распишена меѓународна потерница.

– Тие што се вклучиле во фалсификат треба да одговараат. Оперативните служби во МВР, Агенцијата за Национална Безбедност, Агенцијата за Разузнавање треба да соберат факти, информации и да се направи продлабочена проверка на каков начин се издале пасошите.  За да функционира тоа треба најмалку двајца. Тој што ги прима барањата за издавање пасоши и тој што ги контролира, постои систем на надлежности – вели Трајанов за „Слободен печат“.

Голем дел од 215 пасоши со туѓ идентитет се купени од работници кои сакале да работат во европска држава со македонски пасош, додека цената им била околу 20 илјади евра. Останатите завршиле кај крупни криминалци од регионот. Идентитетот се крадел од луѓе кои се стекнале со македонско државјанство пред повеќе децении, но никогаш не извадиле биометриски документ. Најмногу фалсификувани пасоши (60) биле издадени во 2019 година, а слична бројката била и во 2020 година.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот