Слабостите на јавно здравство му ги наполнија џебовите на приватното

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Проблемите во државното здравство им ги наполнија џебовите на приватните лаборатории, кои заработуваат астрономски профити наплатувајќи им ги на граѓаните услугите за дијагностика и испитување на ковид-19, а за кои нема време за чекање ред во државните лаборатории. Лабораторијата на МАНУ целиот четврти бран беше затворена, па тоа дополнително го намали капацитетот за тестирање во државното здравство.

За закажување во јавното здравство се чека со денови, па граѓаните се принудени ПЦР-тестови, испитувања на крвта и на де-димерите, како и одредувањето на антителата, да прават во приватни лаборатории. Таму ниту се чека за закажување, ниту се чека за резултати, а цените се високи.

За само три месеци, лабораторијата „Никоб лаб“ во сопственост на Кирил Лазаров, остварила профит од 56 милиони денари и покрај тоа што не работи со Фондот за здравство и нуди најниска цена за ПЦР-тест во земјава, од илјада денари. Лазаров за „Слободен печат“ вели дека на сцена во земјава функционира, како што ја нарече, „мафија“ што прескапо ги наплаќа тестовите за дијагностика на ковид-19, а профитите се астрономски.

– Ние сме биохемиска и молекуларно-дијагностичка лабораторија, што значи дека ги покриваме сите видови анализи што може да бидат потребни во здравствениот систем. Надвор од мрежата сме, што значи не сме врзани со Фондот за здравство. Ова е приватна инвестиција и се финансираме од пациентите што доаѓаат кај нас. Почнавме со работа на први јуни и веќе вршиме повеќе од 40 отсто од сите тестирања во земјава, што се гледа од билтените што ги објавува Министерството за здравство. Тоа се должи на ниската цена што ја понудивме на граѓаните од 1.000 денари за ПЦР-тест. Ние покажавме дека може да се работи и со пониска цена од онаа што ја нудат другите лаборатории – вели Лазаров.

Според него, скапите тестови во претходните бранови беше една од причините зошто имавме толкава смртност од ковид-19, споредено со другите држави. Многу семејства со пониски примања не можеа да ги платат високите цени за тестирање. Тие цени, пак, им донеле огромни профити на приватните лаборатории.

– Мојот чист профит за три месеци работа е 56 милиони денари. Кога јас со илјада денари за еден ПЦР-тест работам профитабилно, можете да замислите за каков профит се работи со цена од 4.000 денари од ПЦР-тест! Се обидов да работам со Фондот, ама ми го поништија огласот со притисок врз министерот. За да не можам да ја искористам мојата логистика со „Никоб осигурување“, што ја имам во цела Македонија, да не може да се собираат материјали од цела Македонија и да се обработуваат во Скопје, со мобилни тимови. Истите тие лаборатории имаат по пет договори со Фондот и нивните профити се мерат во милиони евра годишно и затоа тешко го даваат тој колач – вели Лазаров за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ се обрати до трите најголеми приватни лаборатории во земјава – „Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“ – со прашањето колкав е нивниот профит во 2019 година, споредено со 2020 година. Одговор добивме само од „Синлаб“ од каде што рекоа дека по оданочувањето во 2019 година оствариле профит од 5.795.635,00 денари, а по оданочувањето во 2020 година профитот изнесувал 26.605.814,00 денари.

Според статистиките на Министерството за здравство, најголемиот дел од тестирања се прават во приватните лаборатории. На пример, од вкупно направени 4.072 тестови за еден ден, во државните лаборатории се спроведени само 588 тестирања.

„Синлаб“: Растот на нашите приходи не е од ковид-тестовите

Од компанијата „Синлаб“ појаснуваат дека во 2020 година биле меѓу последните кои, во средината на септември, отвориле оддел за ковид-дијагностика. Во центарот на вниманието во овој период им биле пациентите, кои покрај овие испитувања кај нив доаѓале и поради други лабораториски иследувања.

„Овој оддел работеше во последните месеци на минатата година, а во меѓувреме се насочивме на анализи со домашни посети, бидејќи многумина не можеа физички да одат во лабораторија. Всушност, нашиот фокус беше токму тоа да успееме, да ги опфатиме оние што имаат потреба од лабораториски услуги, а поради коронавирусот беа ограничени да доаѓаат во нашите простории. Растот на бројките се должи токму на растот на видот и на обемот на услуги различни од ковид-дијагностика, во однос на претходните години. Всушност, мал дел од вкупниот профит е од ковид-дијагностика. Ова лесно може да се провери преку дневните статистики за изработени ПЦР-тестови по лаборатории“, велат од „Синлаб“ за „Слободен печат“.

„Пари“: Вкупните приходи на лабораториите се удвоиле за една година

Лабораториите „Авицена“ и „Биотек“ не одговорија на нашите прашања за профитот што го направиле во 2020 година. Но, анализа на порталот „Пари“, од мај годинава, открива дека и профитите и бизнисот за приватна дијагностика цути откако почна пандемијата. Според генерирани податоци од платформата на Бизнисмрежа.мк, „Пари“ објави дека вкупните приходи на трите лаборатории во 2020 година се удвоиле. Во 2020 година имало нестандардни приходи и профити во сите три компании.

Според анализата на „Пари“, „Авицена“ остварила најголем приход – од 2,2 милиони евра во 2019, на 4,6 милиони евра во 2020 година. Вкупната добивка на „Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“ во 2020 година е 3,6 милиони евра.

Интересно е да се забележи и дека трите лаборатории ги остварувале профитите без да вработат значително повеќе вработени. Трите фирми заедно во 2019 година имале 150 вработени, а во 2020 година 168 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот