Скопје ја губи битката со загадениот воздух, поради незаинтересираните инспектори

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, која долги години беше и на лидерска позиција во партијата смета дека е невозможно истовремено да немаме чист воздух, ама да нема ни казни за компаниите кои имаат А-интегрирана дозвола.

Скопје и оваа зима се гуши, а скопјани за загадувањето бараат одговорност од властите. Првиот чекор во борбата со загадувачите се редовните и вонредните инспекциски контроли.

За Скопје се задолжени инспектори од градско и од општинско ниво. Инсталациите што работат со Б-интегрирани дозволи ги контролира градскиот инспекторат, а оние со елаборати, се надлежност на општинските инспектори. Сите работат независно еден од друг и тука настануваат проблемите со надлежноста и координацијата.

Градскиот инспекторат последнава година (2019) покажа силна посветеност, динамика и упорност во наоѓањето и казнувањето на загадувачите под негова надлежност. Често пати реагира и за загадувања од надлежност на државниот инспекторат или општинските инспектори. Раководителот на Градскиот инспекторат, Мирослав Богдановски, инсистира на координација на работата на инспекторатите на сите три нивоа, на обезбедување помош од страна на полицијата при инспекциските контроли, како и на дообука на инспекторите. За зголемената ефективност на градските инспектори говори зголемувањето на бројот на спроведени контроли при што од 9 изречени казни во 2018 година, бројот на изречени казни во 2019 е зголемен на118 во 2019-та. Покрај тоа, набавен е дрон за ноќно набљудување на загадувањата, како и соодветни возила и опрема, информираат од Инспекторатот.

Податоците од општинските контроли покажуваат сосем друга слика. И покрај низата спроведени инспекциски надзори во изминатите две години, бројот на изречени казни останува низок или воопшто нема изречени казни, што е неприфатливо во однос на реалните проблеми со загадувањето на животната средина. Овој податок е добиен по спроведено истражување на Зелениот институт преку проект за инспекцискиот надзор на локално ниво во четири скопски општини, Аеродром, Центар, Карпош и Гази Баба, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање. Побарано е мислење од општинските инспектори од една страна и од загадувачите, од друга страна. Резултатите покажуваат неверојатна соработка помеѓу загадувачите и оние што треба да ги контролираат, па истражувањето содржи податоци за неверојатна „хармонија“ помеѓу овие две спротиставени категории….

Најголем дел од изречените казни во Општина Центар се по Законот за бучава, според изјавите на општинскиот инспектор, што значи дека казнените одредби кои се предвидени со другите законски решенија кои ја тангираат оваа проблематика, ретко или воопшто не се спроведуваат во пракса.

80% од испитаниците се изјасниле дека редовно, повремено или многу ретко се предмет на вонреден инспекциски надзор, додека, кај 20% од инсталациите воопшто не е спроведен вонреден инспекциски надзор. Вонредниот инспекциски надзор во Општина Центар се спроведува: Во текот на работната недела, кај 60% од анкетираните инсталации, Надвор од работното време или во текот на викенди, кај 40% од анкетираните инсталации.

Тоа што најмногу зачудува се изјавите на испитаниците кои посочуваат на пријателски однос со инспекторите, а со тоа предизвикуваат сомнеж, дали можеби се работи за пријателство засновано врз основ на подароци.

„94% од испитаниците се изјасниле дека инспекторите имаат професионално и стручно однесување во текот на инспекцискиот надзор, што е чудно и несвојствено за релација инспектор-угостител“, се вели во анкетниот извештај на д-р Христина Оџаклиеска од Државниот инспекторат за заштита на животната средина.

Анализата на податоците од сите општини покажува дека, инспекцискиот надзор во најголем процент трае од 30 минути до 1 час.

„Со оглед на алармантната состојба со загадувањето оваа пракса во иднина треба да се промени“, дополнува Оџаклиеска.

Од друга страна, Гордана Максимовска, инспектор во Општина Карпош, вели дека некогаш половина час е доволно за да се прегледаат документите, но ако е потребно се задржуваат и до два часа.

– Доколку има мерења на испитување на загадување на воздух, почва или вода, се задржувааме понекогаш до два часа, се земаат по три примероци, имаме овластена фирма која мери воздух, вода, бучава, покрај редовната контрола одиме и вонредно во инспекција доколку забележиме дека има потреба или по пријава – вели Максимовска.

Како за споредба, инспекциските надзори, во земјите членки на Европската Унија, траат и по неколку денови. Оттука се појавува прашањето, дали за еден час, или помалку инспекторот може да направи релевантна анализа и инспекција на работењето, со цел да пронајде евентуални неправилности.

Истражувањето на д-р Христина Оџаклиевска од Д.и.з.ж.с. на тема Платформа за координација и граѓанско учество во инспекциски надзор врз загадувачите на воздухот“, води кон сознанија дека кај ниту еден од анкетираните правни субјекти во Општина Карпош, при инспекциски надзор, инспекторите не побарале независно лабораториско мерење на емисиите од правниот субјект иако дел од анкетираните правни субјекти имаат согорување во рамки на производниот процес.

50% од испитаниците, кои учествувале во ова истражување се изјасниле дека многу ретко се предмет на вонреден инспекциски надзор, додека кај останатите 50% воопшто не е спроведен вонреден инспекциски надзор.

Граѓаните се жалат дека инспекторите на постапуваат по нивните пријави

Спроведувајќи го ова истражување разговаравме со повеќе инспектори, кои одговорно тврдат дека нивната обврска ја извршуваат во целост, и дека причините за отровниот воздух кој го дишеме не треба да ги бараме во неработењето на инспекциските служби.

Но, спротивно на ова тврдење се поплаките на граѓаните кои се жалат дека инспекторите на реагираат соодветно на пријавите. Социјалните мрежи се почесто овозможуваат јавноста да дознае за некој проблем, но исто така и да се побара отчет зошто не се реагирало на некоја пријава.

Инспекторката Максимовска ги коментира и повиците на социјалните мрежи, придружени со фотографии од оџаци од разни објекти, за поефективно ангажирање на инспекторите.

– Последните мерења на неколку угостителски објекти за скара на кило, ќебапчилници и бурекџилници покажаа само чадни единици, а не и загадување на воздухот, како што мислат граѓаните. Доколку се констатираат чадни единици, сопствениците на објектите ги задолжуваме со решение да направат воден филтер кој оди низ повеќе сита. Граѓаните треба да знаат дека чадот од оџаците најчесто нема емисии на ЦО2.  Ние како сектор за животна средина во Општина Карпош, не казнуваме за загадување, според постапката, мора лабораториски да се измери загадувањето, ние постапуваме откако ќе ги добиеме податоците, но досега сме немале надминување на нивото на загаденост – објаснува Максимовска.

Корумпираноста на дел од инспекторите е јавна тајна

За корумпираните инспектори знаат и нивните колеги, но и претставници од политичките партии. Иако од оваа тема сме засегнати сите, без исклучок, стравот од разоткривање на идентитетите на корумпираните инспектори е голем.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, која долги години беше и на лидерска позиција во партијата смета дека е невозможно истовремено да немаме чист воздух, ама да нема ни казни за компаниите кои имаат А-интегрирана дозвола.

– Ако нема казни, значи компаниите работат по стандарди, и не загадуваат, ама во тој случај во Скопје ќе имавме чист воздух. А, бидејќи Скопје редовно се наоѓа на врвот на светските топ листи за најзагаден град, не можеме да кажеме дека компаниите ги задоволуваат еколошките стандарди. Тогаш, зошто нема казни, прашува Поповска.

Ваквиот став го делат и дел од инспекторите, но поради недовербата во системот и институците не се осмелуваат да пријават злоупотреба на службена должност.

(Сторијата е изработена во рамките на проектот „Зелени фондови во сивите области – Корупција во фондовите за заштита на животната средина под лупа на медиумите и невладините организации во Република Србија и Република Северна Македонија„ имплементиран од Ромски центар за демократија (РС) и Зелен Институт (РСМ) е поддржан од Европската унија преку програмата за мали грантови на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Ставовите изразени во оваа статија не го одразуваат ставот на Европската унија и/или на партнерите во проектот.)

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот