Скопјани на референдум ќе кажат да или не за БРТ-превозот?

данела арсовска брт превоз
Брт превоз во Скопје / Колаж: СП. / Фото: Град Скопје, Данела Арсовска

Референдумот како опција треба да се практикува за решенија како што е БРТ, кое ќе го оптовари буџетот на државата со 70 милиони евра, смета градоначалничката на Скопје.

Градоначалничката Данела Арсовска размислува скопјани на референдум да одлучат дали сакаат во градот да се воведе брз автобуски превоз, односно БРТ, за што се залагаше претходниот градоначалник Петре Шилегов и за кој од Европската банка за обнова и развој е обезбеден заем од 70 милиони евра. Според неа, референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ, кое ќе го оптовари буџетот на државата со милионски суми евра.

– Референдумот е една од опциите дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Тоа не го исклучувам. Ќе почнеме да го практикуваме за секое клучно прашање. За БРТ-системот скопјани не се консултирани. Исто така, граѓаните не се запознаени целосно со проектот, а јас низ изборната кампања ги објаснив ризиците за овој вид транспорт – рече Арсовска во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.

Таа истакна дека за БРТ-превозот не постои ниту презентација пред Советот на Град Скопје, ниту одлука на Советот, иако советниците се претставниците на граѓаните.
Според неа, постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение. Еден од ризиците е, како што вели, тоа што на Партизанска ќе се отстрани целото средишно зеленило, но уште поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната цевка за пивка вода за Скопје.

-Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации и тоа не е пресметано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка, а е дополнителен трошок од над 6 милиони евра – рече Арсовска и додаде дека е чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив.

Како поддршка на изнесеното на градоначалничката, вчера излегоа и од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“. Според нив, БРТ и конкретната избрана варијанта е наметнато решение за Скопје, со оглед дека нема никаква опсежна студија за оптимизација на јавниот транспорт и со оглед на тоа дека во тек е изработка на Планот за одржлива урбана мобилност на Скопје, поддржан од Европската Унија.

– Таканареченото автобуско метро, кое се планира да се воведува во Скопје, ќе минува врз главната цевка за вода. Под средишната жардиниера на булеварот Партизански одреди на потегот од Ѓорче Петров до зградата „Тифани“ се наоѓа главната цевка за водоснабдување на Скопје Ф 1.600. Ќе се уништи средишното зеленило на сите булевари каде што БРТ поминува – ќе се уништат околу 7.000 дрвја и грмушки, а на улицата Цветан Димов ќе се уништат единствените повеќедецениски дрвја на тој потег. Скопје мора да се развива климатски неутрално и во никој случај не смееме да дозволиме уништување на здраво зеленило – велат од „Зелен хуман град“.

Републичкото собрание на почетокот на април годинава го донесе Законот за задолжување на државата со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“ со 70 милиони евра. Веднаш потоа Градот, Министерството за финансии и ЕБОР го потпишаа договорот за БРТ, а во кон крајот на октомври на вебсајтот на банката беше објавен меѓународниот тендер. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров.

Тендерот ќе се спроведува во две фази. Првата претквалификациска фаза ќе трае до 14 декември, а фирмите што ќе ги исполнат условите од тендерската документација, ќе се квалификуваат во втората фаза, по која ќе се избере изведувачот на проектот.
Проектот за изградба на систем за брз автобуски превоз се подготвуваше две години и во него беа вклучени реномираните експерти од универзитетите во Скопје и Битола, Белград, Лондон и во Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот