Скица за портрет: Д-р Жарко Христовски

Кога го играте последното танго на долгиот пат, наречен живот, се појавува тој, во бело докторско руво, насмевнат, без ронка паника, ви приоѓа и ве фаќа за рака, додека низ забите процедува одвај чујно: ,,Не грижете се, ќе биде добро“. Околу него група лекари, медицински сестри и техничари, сите претворени во уво, чекајќи да постапат по налозите на д-р Жарко Христовски, шефот на кардиолошкиот тим на болницата „Аџибадем Систина“.

Кога во еден миг, како во магновение што се мери со делче од секунда, ќе сфатите дека немате здив да го надополните белодробието и во истиот момент како заматен сон ќе ви се пристори како црната рака со долги прсти и остри нокти полека ви се доближува, цинично кикотејќи ви се в лице, првичната помисла во тој паничен стрес е дека ,,тоа е тоа“, иако вие, живеејќи во длабока заблуда дека сте силни, одеднаш станувате ронка што пропаѓа во црното вулканско гротло што сѐ уште чади. И во истиот момент како струен удар низ главата ви поминува животното правило дека сѐ што сте правеле во животот во еден момент ќе дојде на наплата, дека ниту едно суштество не успеало да му се спротистави, а уште повеќе да го надмудри. Секако, станува збор за вечната човекова потреба да мисли дека нема токму тој да биде жртва пред веќе поставениот олтар на човековите заблуди. А тоа (о, каков апсурд), би значело да му се избришани сите грди статистики оптоварени со тони испушени цигари, хедонистички трпези, од непешачење (под разни изговори)… Уште една тешка човечка глупост, измислена како алиби за самоблефирање пред надоаѓачкиот епилог…

…И кога мислите дека ги гледате последните секвенци на дотогаш во розово насликаниот свет на самомамење, во очите на најблиските, кои ве донеле во ургентната единица на кардиолошкото одделение на „Систина“ веќе заискрува невешто прикриена солза. И токму во тој момент, кога го играте последното танго на долгиот пат, наречен живот, се појавува тој, во бело докторско руво, насмевнат, без ронка паника, ви приоѓа и ве фаќа за рака, додека низ забите процедува одвај чујно: „Не грижете се, ќе биде добро“. Околу него група лекари, медицински сестри и техничари, сите претворени во уво, чекајќи да постапат по налозите на д-р Жарко Христовски.

Д-р Жарко Христовски не сака да зборува за себе. Дури категорички го прекинува разговорот во кој насетува дека се крие можеби некаква лична нота. Би сакал да разговара за резултатите од вложениот труд. Сепак, со мали новинарски итроштини, успевам да откријам макар делче за овој динамичен човек. Дотолку повеќе што нашата јавност со години ја трујат разни шарлатани, фолиранти, незнајковци и криминалци,  кои во својот живот, освен штета на овој народ, не знаеле и не знаат да направат ништо во негова корист. Ме мотивира желбата дека е непростливо приказната за успешните, креативните и трудољубивите да остане заробена во тесниот круг на луѓе или меѓу ѕидовите на болничките ординации, операциски сали и амбуланти…

Меѓународно искуство

Д-р Жарко Христовски има 56 години, од кои 25, веднаш по завршувањето на Медицинскиот факултет во Скопје, ги посветил на кардиологијата.

„…Најголемиот мотив во целост да ѝ се посветам на кардиологијата беше моментот на смртта на мојот татко кој многу го сакав. Тој замина од овој свет токму поради срцевата болест; немаше среќа да стигнам да му помогнам. Затоа решив да научам сѐ што може да се научи од домашната и од светската литература, не само книшки, туку пред сѐ практично, за да стане дел од мене во сите можни предизвици.“

Неговите амбиции не завршувале да стане лекар-кардиолог во некој здравствен дом. Мечтаел по нешто повисоко, попредизвикувачко… Сакал на лице место да види како кардиологијата напредува подалеку од Македонија. Така, меѓу повеќе медицински установи, подолго време работел во Италија, каде што ги купил занаетчиските тајни од најпознатите светски признати професори. Потоа продолжил во Хрватска, па во Словачка, додека последната станица Казахстан ја задржал за крај. А таму, за кратко време, станал национално позната личност откога се дознало какви огромни успеси постигнува во обуката на локалните лекари за тајните на интервентната кардиологија. Му нуделе огромни пари да остане таму, но љубовта кон својот народ и желбата да му се стави на располагање, била посилна од сѐ.

„Ги сакам луѓето. Тоа било и останало моето животно кредо, како и никогаш да не ѝ се предавам на болеста. Тоа ми дава сила да ги вложувам своите максимални усилби да им помагам на луѓето. Генерално, мојата професионална филозофија никогаш нема да се смени, а тоа е дека само добар и возвишен човек може да биде добар лекар. Оние што завршиле Медицински факултет од лукративни причини или помодарство, брзо се препознаваат. Таквите никогаш не сум ги сакал во мојот тим, сметајќи дека можат да прават само штета. Успеав дури неколку роднини да ги разубедам во намерата да се запишат на медицинските студии познавајќи го нивниот хабитус. Секој лекар, а посебно најдобрите, мора да биде по малку и психијатар, зашто пред себе не ја поставува само задачата да ја лекува основната болест, туку да ја согледа целокупната личност на пациентот на кој му треба помош“, вели д-р Христовски.

Колку и да се труди да се држи што подалеку од јавниот фокус, д-р Жарко Христовски не може да ги спречи луѓето што ги излекувал и ги вратил од мртвите да ја шират вистината за него, неговата пожртвуваност и длабоката почит за служење со несомнени успеси. Таквите гласови за него и неговиот тим се слушаат дури и на пошироките балкански простори. Така, еден од водечките грчки кардиолози од солунската кардиолошка клиника „Еуромедика“, д-р Јоргос Котопулос,  има изјавено дека скопската „Систина“ има извонреден кардиолошки тим, оспособен успешно да се носи со најтешките медицински предизвици.

На здравјето сѐ треба да му се подреди

На здравјето сѐ треба да му се подреди“ – тврди д-р Христовски. „Обичниот уличен питач, ако е здрав, побогат е од најбогатиот султан што спие на кревет од дијаманти. Што се однесува до заблудите кај луѓето, нивниот извор и привид треба да се откријат навреме за објаснувањето да биде лековито“ – често го цитира омилениот филозоф Кант – „Ако се открие навреме, не е далеку времето на излекувањето.“

Авторот на овие редови, професионален новинар со шестдецениско искуство, секогаш јавно тврдел дека македонските здравствени работници се најголемото богатство што Македонија го има. Тоа го потврдуваат чудесните и храбри подвизи на саможртва што самосвесно, терани од сопствената човечка и професионална совест, ги прават епидемиолозите, инфектолозите, виролозите, заедно со сета армија медицински сестри, техничари, болничари и сите други што им помагаат да го победат ова планетарно зло. Сега сите ги воспеваат овие наши херои и хероини, безимени јунаци на нашево време, но ќе видиме дали така ќе остане кога ќе го совладаат коронавирусот. Македонското општество им го должи тоа, заедно со вечната благодарност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот