СЈО не е Катица, Јанева не е СЈО!

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не смее да престане да работи и да ги запостави започнатите предмети дури и да биде потврден сомнежот дека Катица Јанева сепак му била „ортак“ на веќе притворениот шоумен Бојан Јовановски за рекетирање бизнисмени. Ова го порачуваат правните експерти од земјава и додаваат дека секој што го прекршил законот треба да одговара пред законот, а евентуалното докажување дека Јанева е навистина виновна, воопшто не треба да ја запре работата на ова обвинителство, оти како што објаснуваат, таму работат и професионални обвинители кои во моментов буквално се црвенеат од срам поради гласините во јавноста дека нивната досегашна шефица наводно запливала во криминалните води.

Со фактот дека СЈО не е само Катица Јанева и дека само Катица Јанева не е СЈО се согласија сите преостанати специјални обвинители, истражители и вработени во оваа институција, а посочија дека секогаш работеле чесно и законски, убедувајќи ја јавноста дека ниту еден од нив не треба да биде жртва на поединечни грешки. За волја на вистината, никој од нив воопшто не ја ни спомна својата досегашна шефица, туку само посочија дека гласот не ѝ го слушнале дури од моментот кога Јанева ја поднела својата неотповиклива оставка.

Тие ветија дека ќе продолжат да ја вршат својата работа професионално без разлика на тоа како ќе се одвиваат работите во поглед на случајот „Рекет“, а исто така порачаа дека поставиле стандарди во борбата против корупцијата и дека очекуваат политичките партии да го имаат на ум тој факт кога на лидерска средба ќе ја решаваат судбината на СЈО.

Силна поддршка за ова обвинителство вчера пристигна и директно од Европската комисија (ЕК) која побара истрагите за илегалните прислушувања да продолжат и покрај оставката на Јанева, односно нејзиното поврзување со притворениот Јовановски. Оттаму велат дека ја примиле на знаење најавата на Јанева да го напушти СЈО, но повторуваат дека сега е многу важно сите парламентарни политички партии од земјава да продолжат да работат за изнаоѓање одржливо решение за статусот на оваа институција.

„Европската Унија потсетува дека е важно да се продолжи со воспоставување отчетност за криминалите кои произлегуваат и кои се поврзани со илегалните прислушувања“, наведено е во кусото соопштение од ЕК.

Претседателката на Транспарентност нулта корупција, Слаѓана Тасева, вели дека СЈО може многу лесно да го врати својот кредибилитет, но само ако нема повторно импровизации со поставувањето на неговиот иден лидер.

– Потребен е докажан професионалец без законски ограничувања од каде доаѓа, а најважно од сè е тој да има личен интегритет и дома и надвор. Лидерството не смее да биде одредено од политичките партии со импровизации во законот и самото назначување како пред четири години. Овој пат нема простор за експериментирање и би додала дека треба постојано на новиот специјален обвинител да му се прават тестови за интегритет, какви што постојат. Како и да е, сметам дека последниот развој на настаните нема да го минираат понатамошното постоење на СЈО, чиј мандат истекува на 15 септември годинава – вели Тасева.

За поранешниот пратеник Павле Богоевски, пак, одговорноста е индивидуална, но и институционална. Тој вели дека сега парламентот е на потег и тој треба да изнајде решение со кое СЈО ќе се внесе во редовниот обвинителски систем.

– Сите се сеќаваме како Катица Јанева тврдеше дека немало потреба да се бара притвор за Груевски пред тој да избега. Се сеќаваме дека во поплавата во СЈО, освен списите за „Империја“, беа опфатени и списи за уште два предмета. Се сеќаваме и на низа други работи кои засебно не укажуваат на ништо незаконско, но во контекст на последните настани, побудија сомнеж во целокупното постапување на специјалната обвинителка. Не може да има владеење на правото и правна држава без фер и правична постапка за сите. Сега, Собранието мора да најде законско решение со кое СЈО ќе се внесе во редовниот обвинителски систем и ќе биде подложно на сите мерки на контрола и надзор како и останатите обвинители. Мора да се најде и модус за проверка на евентуално незаконско влијание во другите постапки, кој нема да им наштети на постапките кои се водени законски – објаснува Богоевски.

Пекевски: Ако Јанева е виновна, иднината на СЈО е неизвесна

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека ако се докаже оти Катица Јанева навистина била инволвирана во изнудувањето рекет, тоа практично ќе значи дефинитивен крај за СЈО.

– Не е можно некој да работи посветено во една институција, а притоа да не биде свесен дека токму шефот на таа институција прави нешто многу валкано. Мислам дека сите обвинители и соработници на Катица би морале да ја насетат смрдеата на криминалот, доколку, секако, се докаже дека имало криминал. Замижувањето и молчењето за матните води е еднакво со прифаќање и одобрување на самиот криминал. Затоа сметам дека нема да има иднина во таа институција, бидејќи никој од вработените досега не реагирал за неправдата. Дури и да биде изгласан Законот за обвинителство и дури и да му се даде нова шанса на СЈО, сепак сметам дека на крајот ќе добиеме само мртвороденче – објаснува Пекевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот