Сите теории на заговор на едно место

Фото: Слободен печат

Тоа што мене најмногу ме вознемири од вестите што доаѓаат од земјата на нејзиното височество, беше информацијата дека поголема група министри во владата на Џонсон, не ја отфрлаат можноста дека коронавирусот ковид-19 е, всушност, излезен на некој начин од лабораторијата во Вухан, Кина, од каде што кон крајот на минатата година почна да се шири заразата, која потоа премина во пандемија.

Кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора, се обрати во живо пред своите поданици, порачувајќи им дека сите тие заедно ќе ја пребродат кризата. Дека ќе победат во борбата со епидемијата на коронавирусот. Но, тоа што им се виде како најинтересно на британските медиуми од ова обраќање на кралицата, беше фактот дека е само петто нејзино вонредно обраќање пред нацијата во последните 70 години. Можеби е време за паника, помислија многумина.

Во меѓувреме, од Островот ја добивме и вознемирувачката вест за здравствената состојба на тамошниот премиер Борис Џонсон, кој е примен на болничко лекување, откако по лекарските прегледи било утврдено дека симптомите што тој ги дава од заразата се „упорни“. Џонсон не е млад човек, па веројатно било пресметано дека тој би требало да се стави под лекарска контрола, со цел да се избегнат фаталните последици по неговото здравје, откако се знае дека веќе подолго од една недела тој е заразен со коронавирусот. Место за паника, секако, нема.

Но, тоа што мене најмногу ме вознемири од вестите што доаѓаат од земјата на нејзиното височество, беше информацијата дека поголема група министри во владата на Џонсон, не ја отфрлаат можноста дека коронавирусот ковид-19 е всушност излезен на некој начин од лабораторијата во Вухан, Кина, од каде што кон крајот на минатата година започна да се шири заразата, која потоа премина во пандемија. Значи, повеќе британски министри не ја отфрлаат тезата, која во последно време може да се пронајде во објавите и твитовите на секој теоретичар на заговори, кој барем малку држи до себе. Теории има повеќе, но личностите што ги лиферуваат се секогаш исти. Или барем до неодамна беа истите, бидејќи од вчера тие седат и во британската влада.

Но, во што всушност се состојат теориите. Таму некаде пред Нова година ја прочитав првата приказна дека Кинезите го развивале коронавирусот како боен отров, со цел да го пуштат на територијата на своите непријатели. Но, вирусот кој веројатно е така ѓаволесто настроен, избегал од тоа епруветите и се стрчал кон пазарот на Вухан каде што се продаваат ретки диви животни за јадење и скокнал во некоја змија, која штотуку изела лилјак!? Можеби? Но, за само еден или два дена во доброинформираните таблоиди во Србија налетав на една сензационална вест, во која се вели дека Американците го развиле, а потоа и го пуштиле на кинеска територија вирусот, за да ја запрат кинеската економија која се заканува да ја уништи нивната. Добро велам, тоа има некаква смисла.

Сепак, вирусот ја прелета планетата и два месеца подоцна Кина е жива и здрава, а САД се најдоа во епицентарот на заразата. Токму тоа беше повод да се напише нова вест, во која се поентира дека Кинезите лабораторски го развиле вирусот за да ја уништат американската економија?!

Лично уживав и кога читав за онаа епопеја околу докторот кој прв предупредил на ширењето на новиот вирус, потоа беше уапсен, а потоа и ненадејно умре од заразата. Истиот тој, два месеца подоцна оживеа, стана жена и мистериозно исчезна. Или двајца доктори во исто време предупредиле на заразата, или тука теоретичарите потфрлиле?

Да бидам искрен, тоа со 5Г мобилната технологија и со коронавирусот не го разбрав најдобро. Не сфатив како тоа преку антените се шири вирус? Преку мобилен телефон или преку СМС? Навистина не знам.

И кога конечно бев пред донесување резолуција со која ќе ги отфрлам сите можни теории на заговор, се појавија министрите на Џонсон. Од добро известени кругови се наведува во медиумите, тие врз база на доверливи информации, повеќе не ја отфрлаат можноста вирусот да излегол од лабораторијата во Вухан.

Вистината е веројатно многу помалку интересна од тоа што пишуваат таблоидите, теоретичарите на заговори или британските министри. Коронавирусот е опасен непријател по здравјето, но огромен дел од човештвото ќе преживее, а со тоа и огромен дел од Британците, кои на раат и со носталгија ќе можат да се сеќаваат на деновите од нивната славна империја, во која сонцето никогаш не заоѓало. Токму во империјалните архиви на својата земја ќе можат да го пронајдат податокот дека баш нивните трупи го извеле првиот биолошки напад во историјата. Ќебињата наменети за индијанските племиња од округот на Њујорк биле премачкани со исцедоци од големи сипаници, стручно познати како вариола вера. Дури потоа следува иперитот, антраксот и лилјакот од Вухан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот