Сите љубовници на Катерина Велика: Никогаш не го засакала својот сопруг, а утехата ја барала во креветот на другите мажи

Катерина Втора / Фото: Profimedia

Катерина Втора (позната и како Велика), која е родена на денешен ден во 1729 година, влезе во историјата како царица која направила најмногу за да го подигне угледот на Руската империја во светот. Но, таа не била позната само по освојувањето на Крим и преписката со француските интелектуалци, туку и по тоа што од година во година ги менувала љубовниците, пишува „Стил“.

Катерина, родена како Софија Фредерика Августа фон Анхалт-Цербст, се омажила во 1745 година за рускиот престолонаследник Петар. Таа никогаш не го засакала својот сопруг, а ни тој немал љубовни чувства кон неа. Во тој несреќен брак се родиле две деца: Павле и Ана. Според различни верзии, ниту едно од овие две деца не било од идниот император Петар Трети.

Сергеј Салтиков

Се претпоставува дека таткото на првиот син на Катерина е Сергеј Салтиков. Тој се појавил на малиот (кнежевски) двор во 1752 година, како човек во служба на Петар Трети. Младиот човек бргу ја стекнал довербата на кралското семејство, а ја воодушевил и кралицата Катерина.

„Тој беше убав како ден и, се разбира, никој не можеше да се спореди со него на големиот (царски) двор. Беше паметен, имаше светски манири“, забележала царицата во нејзините „Белешки на Катерина“.

Гласините дека тој е вистинскиот татко на принцот Павле не му дозволија на Салтиков да остане на дворот долго време. Неколку месеци пред раѓањето на Павле, му било забрането да се приближи до Катерина. Две недели по породувањето на царицата, тој бил испратен во Шведска како амбасадор. Катерина со месеци плачела за својот прв љубовник.

Станислав Понијатовски

Вториот таен љубовник на царицата бил Станислав Понијатовски, идниот крал на Полска.

Тој пристигнал во Русија во 1756 година, како дел од придружбата на англискиот амбасадор Вилијамс. Полјакот набрзо се заљубил во Катарина. Тој се смета за татко на принцезата Ана, која е родена во 1757 година.

„Само Господ знае со кого забременила мојата сопруга. Не знам дали е мое дете и дали треба да го признаам“, навел Петар Трети во едно писмо.

Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Григориј Орлов

Гардистот Григориј Орлов пристигнал во Петербург во 1760 година и навистина ги сменил нештата на дворот. Желен за моќ и задоволство, тој веднаш ѝ го привлекол вниманието на Катерина. Младиот војник, заедно со неговите браќа, одиграл важна улога во државниот удар во палатата во 1762 година, кога Катерина го заменила својот сопруг Петар Трети на тронот.

Неколку месеци пред овој настан, царицата тајно го родила синот Алексеј, чиј татко бил Орлов. Детето го добило презимето Бобрински и било предадено на воспитување на друго семејство. По смртта на Петар Трети, Григориј станал толку храбар што дури планирал да се ожени со Катерина, но таа самата напишала: „Пријателе мој, и јас те сакам, но ако се венчаме, нè чека судбината на Петар Трети“.

Тие никогаш не се венчале, но останале заедно цели 12 години. На почетокот на 1772 година, грофот отпатувал на мировниот конгрес во Фокшан, а во негово отсуство, друг млад човек ѝ го привлекол вниманието на Катерина.

Александар Василчиков

Овој човек станал официјален миленик додека бил на должност во Царско Село. Тој бил 17 години помлад од царицата. По заминувањето на грофот Орлов, Василчиков ги окупирал неговите кабинети во замокот, а пред нивните врати била поставена стража во случај Орлов да се врати.

Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Григориј Потемкин

Еден од најпознатите фаворити на Катерина Велика бил грофот Григориј Потемкин. Царицата го познавала Григориј одамна. Нивната љубов била толку силна што тајно се венчале во 1775 година. Тогаш се родила и нивната ќерка Елизабета. Во април 1776 година, Потемкин отишол да ја прегледа губернијата Новгород, а царицата веднаш нашла замена за него. Сфаќајќи дека не може да го задржи вниманието на својата сакана и плашејќи се за својата позиција на дворот, Потемкин решил самиот да ги избира љубовниците на неговата сопруга.

Иван Римски-Корсаков

Во 1778 година, Потемкин го поканил Иван Римски-Корсаков, кој бил 25 години помлад од Катерина, во спалната соба на царицата. Но, тоа што ја воодушевило кралицата бил неговиот талент за виолина. Токму поради Римски-Корсаков, таа поканила музичари од целиот свет во Русија. Сепак, тој се покажал како неблагодарен. Ја изневерил Катерина со грофицата Праскавеја Брус, поради што бил протеран од дворот.

Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Александар Лански

Царицата го забележала Александар Лански за време на неговиот летен одмор во Царско Село. Тој бил 29 години помлад од неа. Младиот човек со романтична природа долго време ја освојувал царицата. Не го интересирала политиката, но страсно сакал да чита. Александар, кого царицата го назначила за нејзин аѓутант, бил маѓепсан од Катерина. Тоа била идилична љубов. Кога младиот човек починал во 1784 година, Катерина поминала девет месеци во жалост.

Александар Димитријев-Мамонов

Сепак, Катарина набргу нашла утеха во друг млад човек – роднината на Потемкин, Александар Дмитријев-Мамонов. Благодарение на „широката рака“ на царицата, тој станал еден од најбогатите луѓе во земјата. Меѓутоа и овде се покажало дека парите и моќта не најважни. Александар се заљубил во дамата на дворот, Дарија Шчербатова. Наводно, на колена ја молеле царицата за прошка. Царицата лично ги венчала, им дала подарок и ги избркала од главниот град.

Платон Зубов

Последниот љубовник на Катерина бил Платон Зубов, кој бил 38 години помлад од неа. За време на патувањето на царицата од Петербург до Царско село, тој на секој начин се обидувал да го привлече вниманието на Катерина, што и му успеало. Од тој момент, тој учествувал во сите државни работи и станал, буквално, втор човек во империјата.

Тој со сите сили се обидувал да го тргне настрана Григориј Потемкин. Нивната љубовна врска траела речиси до смртта на Катерина и многу влијаела не само на неа, туку и на политиката што се водела во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот