ШТО ОБЈАВУВААТ МИНИСТРИТЕ НА ФЕЈСБУК: Некој сопругите, некој партиските лидери

Најголем број од министрите во Владата приватниот живот го кријат како змијата опашката. Но, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за еконимија Крешник Бектеши, како и првиот човек на образование, Арбер Адеми, сите од ДУИ, се чини дека ги рушат предрасудите на оваа тема и социјалните мрежи максимално ги користат за да си изградат имиџ на вредни политичари, одлични сопрузи и татковци и луѓе кои се блиски до народот. Тие не се воздржуваат да ја користат убавината на своите жени за да освојат уште некој лајк повеќе на Фејсбук.

Османи е толку активен на Фејсбук што преку неговиот профил може да се добие информација дали негде лета, дали слетува, дали е во Владата и работи на членството во ЕУ и НАТО или пак оперира во салата на Клиниката за дигестивна хирургија. Човек да му позавиди како може да стигне на сите страни. Кога сме кај приватниот живот, тој речеси секојдневно споделува фотографии од семејството, неговите две деца, момче и девојче, и преубавата сопруга Валбона.

Однесувањето на министерот за економија Крешник Бектеши е речиси идентично како и на Бујар, само што тој не оперира. Неофицијалните информации велат дека тоа не е случајно, бидејќи овие министри имаат маргетиншка агенција која работи на градење на нивниот имиџ.

Така, на фејсбук профилот на Бектеши редовно може да се види слика од неговите деца како се бањаат во базен на пример, или фамилијарна фотографија од првиот училишен ден, од роденденот на министерот или неговите деца.

Министерот за образование Арбер Адеми, последен пост што го споделил е видео од неговата ќерка како пее. На профилот има и фотографии со неговата сопруга Албина од различни приватни настани како свадби, семејни прослави, излети.

Кога е во прашање вицепремиерот Садула Дураку, кој на заменик-претседателската функција во Владата дојде по изјавата дека „не се бави со граѓаните“ која ја даде како министер за екологија, паѓа во очи дека на профилот на Фејсбук од приватниот живот може да се најде само информација дека се оженил во 2009 година. Можеби Дураку не објавуваа фотографии од семјството, но затоа објавува фотографии од партискиот лидер Али Ахмети.

На профилот на министерката за правда, Рената Десковска, може да се најдат нејзини фотографии со сопругот Тони Дескоски кој и не е толку непознат за јавноста, бидејќи е универзитески професор. Се споделуваат посети на концерти, зимувања, прослави на роденден.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, иако нема премногу фотографии од приватниот живот, сепак, на неговиот профил може да се видат сликите од неговата свадба.

Другите министри во Владата се исто така многу активни на Фејсбук, но споделуваат фотографии и видеа од нивните професионални и партиски настани. На пример на министерот за информатичко општетсво Дамјан Манчевски единствена слика која не е партиски и професионална е онаа како пазари, но и таа е во функција на кампањата за ДДВ.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот