Шпанска „Марка“: Дебатата е завршена, Новак Ѓоковиќ е најдобриот на сите времиња

фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е најдобриот на сите времиња, пишува шпанскиот спортски весник „Марка“ откако славеше на „УС Опен“ и ја освои 24 рекордна Грен слем титула во кариерата.

Ѓоковиќ сега има два поважни трофеи од Рафаел Надал и четири повеќе од Рожер Федерер, па неговата доминација ја препознаа и медиумите од земјата од каде што доаѓаат Надал и Карлос Алкараз. Во авторскиот текст на „Марка“ се наведени причините кои несомнено го ставија Ѓоковиќ на пиедестал и му ја доделија титулата најдобар тенисер на сите времиња.

Познато е кога Ѓоковиќ ќе игра на „Австралија опен“ доколку добие дозвола од судот

Првиот и најочигледен доказ е дека има освоено најмногу Грен слемови. Се истакнува дека Ѓоковиќ по четврти пат во кариерата освои три Грен слем турнири во една сезона, што никој досега не го направил. Потоа се додава дека Ѓоковиќ штотуку ја започна 390 недела на врвот на АТП листата и дека во март 2021 година го престигна Федерер, кој има 310 недели како првопласиран.

Се издвојува 2015 година, која Ѓоковиќ ја заврши со рекордни 16,785 поени. Во таа 2015 година Србинот освои три грен слем пехари – „Австралија опен“, „Вимблдон“ и „УС Опен“, дури седум мастерси од серијата 1000, како и завршниот мастерс.

ВИДЕО | Голема прослава во Белград: Ѓоковиќ не можеше да ги задржи солзите пред илјадниците српски навивачи

Кога сме кај мастерсите, треба да се истакне дека Ѓоковиќ има дури 39, три повеќе од Надал. Покрај тоа, Србинот е единствениот тенисер кој победил барем еднаш на деветте Мастерс турнири од серијата 1000, и не само тоа, туку секој го освоил најмалку двапати.

Се додава и дека Ѓоковиќ по 30 години освоил дури 12, односно половина од пехарите на Грен слем турнирите и дека со 36 години и три месеци станал најстариот победник на „УС Опен“ во историјата.

Не смее да се заборави ни фактот дека Ноле освои шест завршни мастерси, колку што има Федерер. Конкретно се додава дека Ѓоковиќ е подобар од двата најголеми ривали во меѓусебниот скор. Има скор 30:29 против Надал, а 27:23 против Федерер.

АТП: Ѓоковиќ се врати на врвот со голема предност пред Карлос Алкараз

Друг податок кој потврдува дека Србинот е најдобар на сите времиња е процентот на успех на АТП турнејата. Ѓоковиќ победи на 1076 од 1287 мечеви, што е процент на успешност од 83,6 отсто. Надал е на 82,9 отсто, со 1068 победи во 1288 мечеви.

Кога станува збор за бројот на титули, Ѓоковиќ е најуспешен меѓу активните тенисери, ги има 96, а Надал 92. Пред Новак се само Федерер со 102 и Џими Конорс со 109. За крај, треба да се напомене дека Ѓоковиќ во неделата вечерта го одигра своето 36 грен слем финале, Федерер има 31, а Надал 30.

ВИДЕО | Нема одмор за Ѓоковиќ: Нова задача има првиот светски рекет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот