Широк фронт за корупцијата да се стави „во тесно“

Љупчо Николовски / Фото: Рики Пејковски - Слободен печат.

Владата утре ќе ги објави новите мерки со кои ќе се бори против корупцијата. Вицепремиерот Љупчо Николовски најави отворање широк политички фронт за конечно „средување на земјата“ и уверува дека има политичка волја за изградба на систем ослободен од корупција. Од неговиот Кабинет информираат дека акцентот ќе се стави на дигитализацијата, инвестиции во делот на инспекторатите, транспарентноста на институции, особено општините, реформи во администрацијата, во јавните набавки и друго.

– Ако мене ме прашувате во кои области ја има најмногу корупцијата, тоа е во урбанизмот, издавањето дозволи, концесии, во спортот, во службите во општините, секаде каде што навиките се вкоренети, не во овие две или три години, туку со децении наназад. Ние сега имаме пред нас да решиме децениски проблем и убеден сум дека како чесна, нова генерација на македонски политичари сите заедно ќе успееме во таа борба – изјави Николовски.

Најновите мерки Владата ги дефинираше со невладиниот сектор, од каде очекуваат фокусот да биде ставен на правосудството. Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, важно е во борбата да се вклучат и судските власти, особено преку доследно спроведување на т.н. филтрација во правосудството, а сличен став споделува и претседателката на „Транспаренси Македонија“, Слаѓана Тасева.

– Процесот на филтрација и процесот на оценување треба да биде спроведен со почитување на самата идеја од која воопшто произлезе ваков процес. Ако судските власти, односно Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, навистина сакаат да се справат со клиентелизмот во сопствените редови, ќе ги спроведат новите методологии суштински. Имаме искуства со носење нови правила и стратегии, но во пратика немало особено голема промена – вели Поповиќ.

Тасева смета дека приоритетите што се детектирани се владеењето на правото и реформите во правосудството, односно индикаторите што посочуваат на недоволно почитување на човековите права и слободата на медиумите.

Од Министерството за правда, за „Слободен печат“ информираат дека процесот на филтрација се спроведува согласно очекуваната динамика и Судскиот совет веќе разрешил неколку судии.

Но, Поповиќ додава дека освен судството, постојат и голем број полиња во кои токму Владата ќе има подиректен удел во справувањето со корупцијата. Според него, не смее да се изостави она што се случува во животната средина и урбанизмот, здравството, образованието.

– Ќе треба да се работи на два фронта, односно ни требаат превентивни мерки и мерки преку кои ќе можеме полесно да идентификуваме кога има злоупотреба. Ќе треба фокусот да го ставиме на носењето на ДУП-овите, јавните набавки, вработувањата – предлага Поповиќ.

Претходно, и претседателот Стево Пендаровски повика Владата час поскоро да ги удвои силите во борбата против корупцијата, бидејќи, како што вели, сега веќе нема оправдувања за властите, а најновиот индекс за перцепција на корупцијата е крајно сериозен индикатор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот