Шахпаска: Наша задача и обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за нивно добро

Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика.

Новоименуваната министерка Јагода Шахпаска ја презеде функцијата од заменик министерот Ѓонул Бајрактар, кој ја вршеше оваа должност, поради испразнетото министерско место.

Со тоа министерката за труд и социјална политика Шахпаска и официјално го започнува управувањето со овој сектор.

Како членка на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Северна Македонија во претходниот пратенички мандат и како поранешна пратеничка која активно била вклучена во социјалната реформа, но и во повеќето процеси во надлежност на овој ресор, министерката Шахпаска истакна дека е свесна за предизвиците што го очекуваат ова Министерство, кое е темелот за создавања функционална и одржлива социјална држава.

„Чест и задоволство, но и огромен предизвик ми претставува да го предводам секторот за кој гласно се борев и се залагав и од собраниската говорница, но и во Комисијата за труд и социјална политика. Реализацијата на социјалните политики кои се насочени кон вистинска грижа за сите граѓани, а особено кон најранливата категорија на граѓани е од огромно општествено значење за нашата држава. Инвестирањето во луѓето, во подобриот стандард, во повисоки плати и пензии, во социјална заштита која овозможува излез од кругот на сиромаштијата се приоритетите за мене и за Министерството во наредниот период“, истакна Шахпаска.

Таа нагласи дека во мандатот кој ѝ е доверен ќе се залага за реализација на политики засновани врз принципите на градење на праведна и социјална држава, која покажува вистинска грижа за своите граѓани. За подобар животен стандард, вреднување на трудот на работникот, заштита на неговите права, борба против сиромаштијата и невработеноста и уште многу други предизвици кои се во надлежност на ова министерство.

Веднаш по примопредавањето на функцијата, министерката Шахпаска имаше состанок со раководниот тим на Министерството за труд и социјална политика, составен од државните советници и раководители на сектори.

На состанокот таа се информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.

Министерката Шахпаска потенцира дека од вработените во Министерството за труд и социјална политика очекува тимска работа и целосна посветеност во реализацијата на сите проекти предвидени во Програмата на Владата за наредниот четиригодишен мандат.

„Наша задача и обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за нивно добро“, рече министерката Шахпаска.

Таа нагласи дека во претходниот мандат Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика покажаа дека може да се промени начинот на кој државата се грижи за своите граѓани и дека тој концепт во наредниот период ќе продолжи со уште позасилена динамика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот