Селекторот избира, претседателот го бираат

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Фудбалскиот селектор Игор Ангеловски е тој што треба да му го продолжи мандатот на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, а не обратно. Затоа што му донесе на ФФМ, заедно со играчите, историски пласман на Евро 2021 и речиси 9,5 милиони евра во касата на Федерацијата.

Наближува Нова година, кога формално-правно завршува соработката меѓу селекторот на најдобрата македонска репрезентација, Игор Ангеловски и Фудбалската федерација на Македонија, а Управниот одбор на ФФМ, кој е наводно задолжен за решавање на ова прашање, сè уште молчи. На последната седница на Управниот одбор беше решавано за договорите на лекарскиот персонал во националните тимови, за распределба на влезниците за натпреварите на македонската репрезентација на Европското првенство (ЕП) и за други тековни работи, но ниту збор нема за можеби најважното – кој ќе го води националнот тим веќе во јуни наредната година, кога е закажано Евро 2021.

Сериозна федерација овие дилеми одамна ќе ги решеше за да може селекторот веќе да прави план и програма за подготовки. Во интерес е и на ФФМ на ЕП да не бидеме статисти, зашто секој освоен бод ќе значи историја, углед и пари. Но колебливоста УО остава простор за сомнеж дека нешто се готви во кујната на ФФМ. Којзнае зошто, можеби затоа што Ангеловски не дозволува друг да му го крои тимот!?

Ангеловски, покрај капитенот Горан Пандев и играчите, е најзаслужниот за пласманот на ЕП, а беше под закана за отказ. Иако е нејасно зошто. Клучниот потег – враќањето на Пандев во тимот – беше успех на селекторот. Ова раководство на ФФМ како одвај да чекаше негова грешка за да го смени, без разлика што репрезентацијата, откако ја презеде популарниот Мрме, бележи континуиран напредок на ФИФА-листата, и во играта и во резултатите, се врати тимската хемија, а круна на сè е пласманот на ЕП.

Фубалските полјанки се плодна почва за криминал со пари, местенки и остварување други интереси, а во земјите каде што политиката се меша во спортот – и за манипулација со навивачите во партиски цели. Познат е примерот со Србија, кога творецот на пласманот на СП 2018, Славољуб Муслин, беше заменет од Младен Крстаиќ пред патот за Русија. Токму во Фудбалскиот сојуз на Србија мешетареле политиката и менаџерите поради милионските договори на играчите. Најпознатиот судски процес се водеше против сопругата на воениот злосторник Жељко Ражњатовиќ – Аркан, славната пејачка Цеца, која незаконски продавала играчи во странство како прв човек на Обилиќ, клуб под заштита на државата во времето на Слободан Милошевиќ.

Упатените во фудбалот знаат што значи да се стави „свој селектор“, кој исполнува барања на менаџери, партиски апаратчици, фудбалски и други моќници. Зад грбот на фронтменот од клупата се кријат сите кои подметнуваат фудбалери во националниот тим со цел што подобро да ги продадат. Зашто, шансата да бидеш виден од светската фудбалска јавност, макар и на само три меча, ретко се пропушта.

За рејтингот на актуелниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини сум пишувал многупати. Фудбалски анонимус, без меѓународен углед, без педигре како играч, дури и без портфолио како политичар, бизнисмен или менаџер. Стана претседател затоа што му беше десна рака на вмровската инсталација во ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, сосед на Никола Груевски што беше на чело на Федерацијата пред Сејдини. Криминалите во ФФМ од тој период дури сега излегуваат на виделина.

И сега, некој Сејдини, да не употребам зборови кои кружат за него, а се понижувачки, бирократ со дебела плата (не е официјално објавена, но неговиот претходник самиот си одобри месечни примања од 4.000 евра), ќе решава за судбината на човекот кој ја крена нацијата на нозе?! Дали е свесен за ризокот дека со промена на кормиларот на тимот што добива може да направи потреси во репрезентацијата пред историскиот настап на Европското првенство?

За жал, кај нас се изместени многу нешта. Игор Ангеловски е тој што треба да му го продолжи мандатот на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, а не обратно. Затоа што, заедно со играчите, му донесе на ФФМ речиси 9,5 милиони евра. Зар има дилема кој треба да биде награден за македонската фудбалска евроинтеграција!

Изборот на Сејдини, на сите претходни, веројатно и на сите идни претседатели на ФФМ, бил и ќе биде избор на партиите на власт и на стотина поткупени членови на Собранието на ФФМ, каде што со децении не се води вистинска дебата за напредок на фудбалот. Главната цел денес на делегатите е – како да се патува на Евро 2021. Се разбира, на трошок на ФФМ!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот