Секторот за финансиски услуги во Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформација

Секторот за финансиски услуги во Република Северна Македонија е подготвен за финтек-трансформaција. Потребата за развој на финтек-секторот е оправдана, заради многубројните придобивки и можности. Дигиталната трансформација е во фокусот на сите страни вклучени во екосистемот, при што соработката на банките и небанкарските финансиски институции со компаниите коишто обезбедуваат услуги за поддршка на финтек-секторот е во почетна фаза. Истовремено, постои свесност за ризиците коишто произлегуваат од процесот на дигиталната трансформација. Притоа, неопходни се натамошни измени во регулативата заради поддржување на развојот на финтек-секторот.

Ова, како што соопшти Народната банка, се дел од најзначајните заклучоци од Анкетата за развој на финтек-секторот во земјата, којашто Народната банка ја спроведе во октомври минатата година, по електронски пат, во рамките на проектот за развој на финтек-секторот, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ). Физибилити-студијата којашто содржи подетални информации за резултатите од Анкетата, денеска, е објавена на веб-страницата на Народната банка, откако претходно беа разгледани резултатите на виртуелна средба на експертите од Народната банка.

Од Народната банка наведуваат дека одѕивот на Анкетата беше солиден со одговори од вкупно 220 испитаници. Во Анкетата како испитаници учествуваа: банки (вклучително и Македонската банкарска асоцијација), небанкарски институции (осигурителни компании, брокерски друштва и останати небанкарски институции), компании за алтернативно финансирање, акцелератори, инкубатори и други партнери за поддршка на развојот на малите бизниси, регулатори и одредени државни институции.

Најголемиот број од испитаниците, како што посочуваат во соопштението, беа претставници на традиционалните финансиски институции (банките и небанкарските институции), додека бројот на останатите учесници во екосистемот беше помал, што всушност соодветствува со тековната структура на финансискиот систем во земјата и првичните резултати од мапирањето на екосистемот.

 Во однос на можностите и придобивките од развојот на финтек-секторот во нашата земја, најголемиот дел од испитаниците сметаат дека: финтек-секторот може да обезбеди поголем број можности и подобри услуги, пред сѐ за потрошувачите, но и за малите бизниси. Истовремено, тие го споделуваат мислењето дека финтек-секторот има потенцијал да ја зголеми финансиската инклузија, како и дека може да придонесе за усогласување на финансискиот систем со меѓународните најдобри практики. Воедно, еден помал дел од испитаниците сметаат и дека со развојот на финтек-секторот ќе зајакне финансискиот систем и дека развојот на финтек-секторот може да помогне за интеграција на земјата во Европската Унија.

Што се однесува до ризиците и предизвиците од развојот на финтек-секторот, резултатите од Анкетата укажуваат дека главен предизвик од развојот на финтексекторот се ризиците за безбедноста, заради можноста од кибер-напади, финансиски криминал и перење пари. Тоа е всушност и најчесто споменуваниот ризик на глобално ниво, кога станува збор за ризиците и предизвиците поврзани со финтек-секторот.

Регулаторната рамка којашто поддржува иновативни решенија, притоа водејќи сметка за потенцијалните ризици, како што стои во соопштението, е во основата на развојот на финтек-секторот, дигиталната трансформација и модернизацијата на финансискиот систем. Сите групи испитаници ја посочуваат регулативата за платните системи како најголема пречка за развој на финтек-секторот. Оваа пречка би се надминала со спроведувањето на новиот Закон за платните системи и платежните услуги, којшто би бил донесен оваа година. Со него ќе се создадат услови за влез на нови институции на пазарот. Со новата регулатива од областа на платежните услуги би се зголемила конкуренцијата, би се подобриле услугите за граѓаните и компаниите и на тој начин би се обезбедила поддршка на развојот на финтек-секторот.

Од технологиите коишто би имале потенцијално најголемо влијание во наредниот период од 3 до 5 години, најголемиот дел од испитаниците ги издвојуваат: иновациите во плаќањата, анализите со користење големи бази на податоци (англ. Big data analytics), компјутерските програми коишто поттикнуваат конверзација со луѓе (англ. Chatbots).

Физибилити-студијата, којашто содржи подетални информации за резултатите од Анкетата, ќе послужи како основа за подетални дискусии со финансиските институции, регулаторите и други заинтересирани страни заради преземање натамошни активности за поддршка на финтек-развојот. Една од клучните активности за оваа цел ќе биде изработката на национална стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот којашто е планирано да се подготви во текот на оваа година. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот