Секој со свое мени за уставните промени

устав на рм
Фото: МИА

Внесувањето на Бугарите во Уставот е многу спорно, бидејќи тие го негираат постоењето на македонскиот национален идентитет и бараат да бидат запишани како основачи на македонската држава, вели Александар Николовски, потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Власта негува оптимизам дека ќе успее да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени со кои ќе се внесат Бугарите во Преамбулата, иако засега не е јасно на кој начин ќе го обезбеди тоа, со оглед дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува категорична дека нема да дозволи СДСМ да собере 81 пратенички глас. Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов да се одржи втората меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Европската комисија на која ќе се заокружи отворањето на преговорите за членство и токму таа обврска предизвикува низа дилеми поради различните толкувања и од македонска и од бугарска страна – дали Бугарите ќе влезат само во Преамбулата заедно со другите заедници или Софија ќе инсистира да бидат конститутивен народ.

Засега не е познато кога власта ќе ја почне процедурата, затоа што според најавеното, нема потреба од брзање и календарот за уставните измени ќе се договара во септември, по годишните одмори.

Николоски: Бугарите сакаат да се државотворни во Македонија

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ отпрвин немаше проблем Бугарите да бидат во Преамбулата и се согласуваше со СДСМ дека тие треба да бидат внесени заедно со Хрватите и со Црногорците, но истовремено бараше со реципроцитет и во бугарскиот Устав да биде признато тамошното македонско малцинство. Сега опозициската партија гради друг наратив – дека Бугарија сака Бугарите во Македонија да бидат државотворен народ.

Партискиот потпретседател Александар Николовски вели дека за нив внесувањето на Бугарите е многу спорно, бидејќи тие го негираат постоењето на македонскиот национален идентитет.

– Преамбулата на Уставот вели дека Македонија е основана и во неа живеат македонскиот народ и делови од другите народи. Бугарите бараат да бидат запишани како основачи на македонската држава, тоа е првото. И второто, тие се единствените од сите запишани во Уставот, кои го негираат македонскиот национален идентитет. Ниту Албанците, Турците, Србите, Власите, ниту Ромите не велат дека ние сме Албанци, Турци, Власи, Срби или Роми, туку велат дека сме различни, а Бугарите дека сме исти – вели Николоски.

Тој додава дека прифаќањето на бугарските барања значи бугаризација, затоа што сите други земји што преговараат за членство со ЕУ мора да исполнат три критериуми, а само за Македонија постои четврт критериум, билатералните договори со Бугарија и со Грција.

Дарко Каевски од СДСМ вели дека сега е време сите пратеници да покажат конструктивност и најави поединечни дискусии со секој пратеник.

– Очекувам дека тие ќе бидат наспроти деструкциите и блокадите што ги прави Христијан Мицкоски и неговиот партнер Димитар Апасиев. Очекувам во периодот што следува да се отворат широки дискусии, разговори со сите поединечно, со цел државата да продолжи по европскиот пат, оној што го избраа поголемиот број пратеници во Собранието, оној пат зад кој стојат и граѓаните и е во интерес на државата – порача Каевски.

МВР не очекува немири

Прифаќањето на францускиот предлог со кој Македонија ги отвори преговорите за членство во ЕУ помина со бурни протести во Скопје, но министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не очекува немири при менувањето на Уставот. Неодамна тој изјави дека е рано за оцена како ќе се одвива политичката ситуација при дебатата за уставните измени, но смета дека нема простор за никакви тензии.

– Македонија нема алтернатива освен патот кон ЕУ и затоа треба сите политички субјекти, сите граѓани да направиме сѐ за да успееме на патот на ЕУ и европските вредности да станат дел од начинот на нашето живеење – вели Спасовски.

Тој додава и дека владејачкото мнозинство досега никогаш немало двотретинско мнозинство за повеќе уставни измени, но очекува во отворена дебата да преовлада интересот на државата.

– Затоа е Парламентот, затоа е домот на демократијата тука, за да се отворат тие дебати, да се изнесат аргументи и на основа на аргументите да се носат и одлуките. Треба да кажеме зошто сметаме дека е добро да влезат и Бугарите, и Црногорците, и Хрватите, и Евреите во Уставот. Да ги чуеме и аргументите зошто тие не би требало да се внесат во Уставот. Тоа е легитимна дебата. На крајот да преовлада мислењето што е во интерес на државата – смета министерот Спасовски.

Голем број аналитичари сметаат дека уставните измени се мешање во внатрешните работи на земјата и дека се пречката поради која преговорите на Македонија со ЕУ ќе заглават долго време. Но, има и такви што оценуваат дека опозицијата нема реални аргументи со кои ќе го спречи внесувањето на Бугарите во Преамбулата затоа што земјата е пример за мултиетнички соживот и за висок степен на остварување малцински права.

Можност за пропаст на почнатиот процес со ЕУ е ако Софија навистина почне да инсистира Бугарите да влезат во Уставот како државотворен народ, за што реално нема можност според потпишаните документи во Брисел. Во билатералниот протокол е наведено дека Владата се согласува следната Меѓувладина конференција да се одржи откако во сила ќе влезе „измената на Уставот за вклучување на оние нејзини граѓани што живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, во согласност со внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“.

Меѓу бугарските политичари што не мислат така е лидерот на Демократска Бугарија Христо Иванов, според чиј предлог-документ бугарското Собрание дозволи укинување на ветото. Тој повеќепати досега изјави дека Македонија треба да ги вклучи Бугарите во Уставот „како другите народи што се основачи на Републиката, а не како малцинство и ако тоа не се случи, нема да има преговори за првото поглавје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот