Сега ние го жнееме тоа што со години тие го сееле

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Сите политичари, и од власта и од опозицијата, зборуваат дека за 30 години не се изградил ниту еден енергетски капацитет. А кој требаше да го гради ако не тие? И кој требаше да придонесе за зголемување на полињата со жито и за поголем сточен фонд, ако не официјалните креатори на политиките во државата?

Инфлацијата ги јаде платите, пензиите, создава нови сиромашни граѓани што ја преминуваат границата влегувајќи во онаа група што со парите не може да ги задоволи основните животни потреби. Се зголемува бројот на сиромашни, опаѓа куповната моќ и на онаа за наши поими средна класа, а сè повидлива е  колективната битка каде што почнуваат да бледеат другите теми, а најважната тема е каде да се купи поевтино масло за јадење, каде има поевтино сирење, кој е најевтин јогурт, како да се направи поевтин појадок за на работа, каде да се купат поевтини тетратки за децата…

Оваа денешна реалност претворена во бројки е инфлација од 16,8 проценти во август годинава во однос на истиот месец лани, синдикалната минимална кошница од 47.042 денари и тоа за четиричлено семејство, кое нема автомобил, минимална плата од 18.000 денари, просечна пензија од 16.313 денари…

Глобалните проблеми тропнаа на врата. Но, ако се фрли поглед на регионот, може да се забележи дека глобалните трендови не делуваат секаде исто и тогаш станува јасно дека домашните амортизери не функционираат на исто ниво. Разочарувачки факт е што ние имаме најголема инфлација. Сè уште нема податоци за инфлацијата во август за сите земји во регионот, но податоците од јули јасно покажуваат дека никаде нема повисока од нашата. Во јули во Македонија имало инфлација од 16 проценти, во Црна Гора – 14,9, во Србија – 12,8, а во Словенија 11 проценти. Словенија има објавено податок и за август, а тој покажува нула инфлација на месечно ниво, што значи дека таа пак останала 11 проценти на годишно ниво. Од бројките нема бегање, а овие покажуваат дека ние како држава сме презеле помалку мерки да ја зауздаме нашата инфлација.

Хрватска деновиве објави пакет-мерки за справување со енергетската криза и со другите ценовни шокови, вреден дури 2,8 милијарди евра. Пакетот вклучува субвенционирање и помош за граѓаните, за јавниот и за приватниот сектор. Србија ги ограничи цените на основните прехранбени производи и на струјата, засега до крајот на септември. Словенија го намали данокот на ДДВ на сите енергетски производи. Секако, и Македонија презема мерки. Има субвенционирана цена на струјата за домаќинствата, ограничени маржи за трговците на струја и за основните прехранбени производи, но сепак има поголема инфлација од другите и сè уште се чека на долгонајавуваниот нов пакет таргетирани мерки за кои се правеше и ребаланс на буџетот.

Згора не сè, од ниту една страна не стигнуваат смирувачки вести. Премиерот  Димитар Ковачевски вели дека нè очекува најтешката зима по Втората светска војна! Оптимизам не влеваат ниту економските аналитичари. Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ јасно порача: „Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 година ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија во почетокот на идната година“.

Сепак, некому и ова му оди во прилог. Како и во секоја криза и војна, на повидок никнуваат кризните профитери. Да потсетиме само на изјавите на министерот за економија Крешник Бектеши, кој откри дека одредени трговци во сред криза ставале маржа од 50 до 70 проценти, а за пелетите се откриени и маржи од 65 проценти. Така, во овие топли денови зимата донесе студ (страв) во коски. Се пресметува колку ќе се плаќа за струја, се трча по дрва што достигнаа и до 5.000 денари за кубен метар, се бараат поевтини пелети, па дури се прават и некои групни нарачки од регионот.

А, дефинитивно, можеше да биде поинаку. Наместо сите политичари, и од власта и од опозицијата, да зборуваат дека не се изградил ниту еден енергетски капацитет за 30 години, требаше да се зафатат со градбите. Наместо да трчаме по храна, можеше да се создаваат услови за развој на земјоделството и сточарството, а не само да се гледа на профитна урбанизација без прецизен план за регионален развој.

Ова се фактите за денешната реалност. Една стара изрека вели: Ѓаволот си дојде по своето. Сите ние живееме во тој филм. Сега ја плаќаме сметката за несработеното, за украденото, за необразованото, за корумпираното однесување што сме го толерирале. И тука не може никој да се амнестира. А најмногу од сè пречи она препукување – што не направила власта, а што не направила опозицијата. Затоа што, збирно гледано, и едните и другите не направиле многу нешта што можеле да ги направат. Се скриле во своите партиски фотелји и со години смислувале како да состават подобар говор за себевеличање и за напад врз другиот. Што е најстрашно, ни во ова кризно време не гледаме знаци за консолидирање и за отрезнување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот