Седница на македонско-руската Мешовита меѓувладина комисија во Москва

Идната недела во Москва ќе се одржат подготвителни средби по повод претстојната седница на Мешовитата меѓувладина комисија за соработка закажана за 14 – 16 ноември во Охрид.

Меѓувладината комисија ќе профункционира по речиси пет години, откако последниот состанок беше одржан во Калининград, Русија, во 2014-та.

– На средбата во среда ќе бидеме дел од делегацијата што ќе ја предводи министерот за земјоделство Трајан Димковски. Од руска страна ќе нè пречека копретседателот на Мешовитата комисија, Груздев. Предвидени се и средби со заменик-министерот за земјоделство, како и со заменик-претседателот на Стопанската комора на Руската Федерација. Ќе се разговара за зголемување на соработката, вели претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, во разговор за МИА.

На средбите во Москва ќе присуствуваат и претставници на Руската фитосанитарна и ветеринарна служба, која ги уредува правилата за извоз.

– Најавени се одредени измени во правилниците за увоз во Руската Федерација. Ќе биде многу добро однапред да ги добиеме тие информации за да ги споделиме со нашите компании, нагласува Бешлиев.

Повторното состанување на Мешовитата меѓувладина комисија е по иницијатива од двете страни, а изминативе пет години не се одржала поради општите состојби во земјава.

– Двете држави сфаќаат дека таков тип средби се многу значајни, а ние како бизнис-заедница многу често го потенциравме тоа. Всушност, тоа е инструмент што ги регулира односите. Периодот од пет години е долг, а секогаш има измени, нови податоци што треба да се разменат и да се регулираат, оценува Бешлиев.

Во врска со македонските производи, вели дека полека, но сигурно се пробиваат на рускиот пазар. Доминираат виното и ајварот, но присутни се и млечни и месни производи, како и производи од фармацевтската индустрија.

– Во овие пет години успеавме да се наметнеме на рускиот пазар. Потрошувачите ги препознаваат македонските производи. Многу често во руските маркети денес ќе видите сè поголем број наши производи. Ако пред шест или седум години многу ретко или воопшто немаше македонско вино на полиците, сега веќе можете да видите речиси во секој марект. Тоа што ни е потребно е посилен, поагресивен маркетинг. Тоа го немаме сè уште, потенцира претседателот на Комората.

Во 2012 година, кога почна проектот „Продекспо”, извозот на вино во Русија беше околу 194.000 шишиња. Оваа година бројот е околу два милиона шишиња.

– Земјава во 2014 година ги доби првите дозволи за извоз на млечни преработки, но беше потребно време нашите компании да се навикнат на барањата на рускиот потрошувач. Минатата недела „Здравје Радово”, на пример, однесе цел контејнер пармезан и кашкавал во Русија, напоменува Бешлиев, дополнувајќи дека од три до пет години се потребни за некој производ да се етаблира на пазарот.

На прашањето дали актуелните политички случувања, како очекувањето да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, влијаат врз бизнисот со руските партнери, Бешлиев е дециден.

– Ние воопшто не гледаме дека постои некаква пречка. Сè оди во нормален тек изминативе години. Како ќе биде понатаму не знаеме. Секоја држава ги уредува своите правила, прописи и односи кон другите држави. Ние, секако, како македонски субјект ќе ги почитуваме правилата  што ги поставува македонската страна, но ќе се придржуваме и на тоа да можеме да извезуваме во Руската Федерација, подвлекува Бешлиев.

Во овој контекст укажува и дека Комората обично не го коментира политичкиот дел од односите меѓу двете земји, туку се задржува на она што ѝ е фокус – економската соработка.

За зголемување на соработката со Русија, Бешлиев гледа голем потенцијал во туризмот. Смета дека тоа особено ќе може да се реализира по евентуалното воспоставување директна авиолинија меѓу двете земји. Руските туристи, вели, покажуваат голем интерес за посета на земјава.

– Ние навистина имаме што да понудиме, а руските граѓани се познати по тоа што се посакувани гости. Ако се реши прашањето на воведување авиолинија Москва – Скопје или евентуално Москва – Охрид во летниот период, се надевам дека ќе го зголемиме бројот на руски туристи, вели Бешлиев и додава дека ова прашање може да го продискутира и да го реши Мешовитата меѓувладина комисија.

Вкупната трговска размена со Русија во периодот јануари – јули 2019 година изнесува 106 милиони долари, што е раст од 19,29 отсто во однос на истиот период лани. Притоа е остварен извоз од 26,4 милиони долари, или 21,72 процента повеќе, додека увозното салдо е 79,6 милиони, што е зголемување за 18,5 проценти. Евидентиран е 53,2 милиони долари негативен биланс од наша страна, што е зголемување за 16,97 отсто.

Во вкупната трговска размена, Русија е 22. партнер на земјава. На рускиот пазар најмногу извезуваме свежи јаболка, кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, лекови, домати и тутун, додека увезуваме природен гас, полупроизводи од железо, нафтени масла, бакарни жици…

Македонско-руската стопанска комора веќе потпиша договори со партнерски комори од повеќе региони: Московскиот, Санктпетербуршкиот, Ростовскиот…, кои географски се распоредени на север и југ од европскиот дел на Руската Федерација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот