Сè уште нема казна за наставникот што удираше ученик

Наставник тепа ученик во ОУ Панајот Гиновски во Бутел
Наставник тепа ученик во ОУ Панајот Гиновски во Бутел/ Фото: Скриншот, ТикТок

Наставникот во ОУ „Панајот Гиновски“ во Бутел, кој беше снимен како удира ученик, сè уште не е казнет од дисциплинската комисија на училиштето. Тој не е отпуштен од работа, но нема да држи настава додека да се дознае кои мерки ќе ги преземе комисијата. Од училиштето информираат дека ученикот продолжил да посетува настава.

– Постапката на дисциплинската комисија е во тек. Комисијата уште работи, одлуката нема да биде денеска, а веројатно ни утре. Се работи за поголема процедура, треба да се повикаат на разговор детето, наставникот, родителот, веројатно ќе потрае два-три дена – изјави Камуран Реџа, директорката на училиштето, за „Слободен печат“.

Драмата се случи минатата недела. На видеото се гледа како наставникот брутално го удира со шлаканици детето, а потоа го крева и го спушта на земја. Директорката го видела видеото вечерта кога било објавено на социјалните мрежи, го препознала наставникот и веднаш го пријавила случајот во полиција. Ученикот е во седмо одделение, а наставникот предава англиски јазик.

Во изминатиот период сведоци сме на зачестени случаи на насилство во училиштата. Неодамна на социјалните мрежи беше објавено видео од наставничка која им се обраќа на учениците со висок тон и со навредливи зборови, затоа што не ги почитувале ковид-правилата.

Законот за заштита на децата ги забранува сите форми на насилство врз деца и предвидува обврска за сите граѓани да пријават таков вид насилство веднаш штом ќе дознаат за него. Педагозите со кои разговаравме се согласуваат дека во школите често има навреди, па и физичко насилство, но само мал дел некој успеал да ги сними и обелодени.
УНИЦЕФ редовно укажува на потребата преку обуки и работилници да се јакнат капацитетите на психолошко-педагошките служби во основните и средните училишта за разбирање на проблемот на насилство врз децата и нивните знаења за идентификација. Се предлагаат и обуки за поддршка на децата-жртви на насилство, превентивни програми, како и зајакната мултисекторска соработка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот