Сè што треба да знаете за контраофанзивата на Украина

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Да се надеваме дека украинските сили на отпорот ќе успеат да се прегрупираат, да направат стратешка пауза и да ги поправат недостатоците со цел да ги пробијат првите линии и да успеат да пенетрираат во некои области. За тоа ќе биде потребно време, опрема и луѓе. Тука западниот темперамент на брзи резултати најверојатно ќе треба да почека и да се прилагоди на трпение.

Украинската контраофанзива, која беше долго најавувана, почна. За жал, таа е далеку од очекувањата. Иако мејнстрим медиумите имаа големи најави и ги подгреаja страстите кај јавноста дека ова ќе биде одлучувачка офанзива со која ќе почне толчењето на руската војска и на другите придружни елементи што ја окупираат Украина или барем нејзините источни делови. Уште повеќе, најцрните или најпесимистичките сценарија за исходот од оваа контраофанзива се дека таа има можност (не мора да значи дека ќе се оствари) да биде крајно демотивирачка и поразителна за украинскиот народ. Поблага варијанта е засега да создаде реална зона на замрзнат конфликт, со тоа што украинското водство или барем дел од него ќе прифати да преговара за некаков замрзнат конфликт или сива зона за и околу окупираните територии. И, најлесната варијанта е раздорот во украинското водство, кој се наѕира, сè повеќе да биде заменет со обединување, да се идентификуваат лекциите и да се прегрупираат силите за нова кулминација по септември.

Иако свесни дека ова на многумина фанови на Украина нема да им се допадне, оваа анализа е резултат на голем број извори од отворен карактер што успеавме да ги собереме преку социјалните медиуми и преку различни канали и групи каде што се споделуваат информации за исходот и за резултатите од офанзивата. Ако си споменувате, до сега овој форум уникатно предвиде многу работи. Прво, дека санкциите против Русија едноставно нема да функционираат бидејќи западот ја мисинтерпретира руската пазарна логика, која е сè ама најмалку е „саплај анд деманд“-рамката за западната перцепција за тоа што е најбитно во економијата. Второ, дека војната нема да заврши бргу. Трето, дека Европа не е подготвена до крај да води војна со размер и интензитет како во Украина или, да бидеме попрецизни, засега не е подготвена на тоа; не значи дека, ако има големи импакти и промени, тоа нема да се смени. На тој начин, заради професионалната коректност, би заклучиле дека секоја офанзива има свои слабости и недостатоци.
Во секоја контраофанзива како оваа очекувано е да има голема материјална штета. За разлика од глобалната војна против тероризмот или против бунтовничките операции, во кои супериорни армиски сили треба да се прилагодат на условите на теренот и на справување со невоени актери, кои имаат капацитет на вооружени сили, ама не се тоа или имаат недостиг од класична логистика, од масовност на огнот, на персонал и техника, па сè до супериорност во воздушниот простор и во артилерискиот оган. Контраофанзивата на украинските сили на отпорот е прва од ваков карактер, и со ваква димензија, во историјата на современото војување. Членките на НАТО никогаш не се соочиле со ваков предизвик. Противникот да е надмоќен во масовност (на човечки персонал и опрема), да има опрема во изобилие, и да е држава (државен актер) чии ресурси се големи. Згора на тоа да е државен актер што има регионални но и глобални амбиции. Со други зборови, за разлика од операциите во глобалната војна против тероризмот, оние во Украина се темна рефлексија на капацитетот на најсилните земји членки.

Руската одбрана во случајот е сериозна. Таа е составена од неколку слоеви. Од начинот на кој е подготвувана ги има сите елементи за упорна одбрана која може да се трансформира во еластична одбрана. Тоа значи дека на клучните правци каде што би можело да се предвиди продор на украинските сили одбраната е дизајнирана да овозможи маневар на деловите со цел да избегне уништување и брза пенетрација. Онаму каде што е клучно да не се дозволи пробив, таа упорна. Тоа значи дека има сериозни инженериски запречувања, голема концентрација на артилериски оган и сериозен огнен систем на пешадијата. Паралелно на ова, синхронизацијата на оклопните единици, заедно со авијацијата, се можеби засега најсериозното освежување што го видовме од почетокот на војната. Со еден збор, Русија успеа да синхронизира три вида – воздух, копно и сајбер. Од копнениот дел најсериозни достигнувања се синхронизацијата на родовите. Тоа што беше маана на почетокот како да се подисправи. Она што исто така многу малку сме го споменувале е дејството на сајбер-операциите. Тие се користат во два правци. Прво за онеспособување на командите системи и на системите за комуникација. Второ, за споделување дезинформации и со тоа водење т.н. операции за влијание, за „инфлуенсирање“.

Руската одбрана има повеќе линии кои се поставени во слоеви. Секоја од тие линии е помеѓу 10 и 20 километри, вградени во должина од над 800 километри, со што го формираат целиот борбен простор во трите димензии вклучително и сајберот (неборбено поле кое е дводимензионално). Без да бидеме генерали после загубена битка, сумарно, различни се причините за исходот. Една е дека Бахмут сепак бил битен за руската одбрана – ако си споменувате, веќе говоревме од аспект дека ќе создаде непрекината комуникација за руската одбрана. Тоа е нешто што им недостигаше во претходните случаи. Другата е дека, за разлика од западната логика и грижа за персоналот и ресурсите, Русите немаат проблем со масовноста. Тема што ја одработивме уште во почетокот на дебатата на овој форум каде потенциравме дека историски, принципот на масовност не бил тестиран само против вештачка интелигенција и надворешна, вселенска, сила. Секаде како принцип, дал резултат. Не говориме за издвоени битки, туку сумарно.

На украинската страна би рекле дека, како што почнавме со денешната расправа, загубите се интензивни. Извештаите (ако се до крај точни) говорат дека во првите налети украинските сили на отпорот загубиле 10% од оклопните возила „Бредли“ и можеби 20-30 отсто од тенковите „Леопард 2“. Тоа, внимавајте, засега се најмодерните возила што се испорачани во Украина. Главен проблем за ваквите исходи би можел да претставува недостигот на системи за воздушна поддршка или противвоздушна одбрана како борбено осигурување на настапувањето. Тоа влијаеше во пракса флексибилните елементи на руската одбрана да извршат маневар и контакт преку борба во пресрет. Со тоа изненадувањето беше големо, особено преку ројот дронови-самоубијци „Шахед“, дел помош од Иран, дел руска адаптација и нивна надградба.
Од друга страна, сите анализи на коректната ситуација и брзото губење многу техника потсетува на периодот од т.н. петдневната војна помеѓу Русија и Грузија. Да, анализите од западна гледна точка укажуваат на големи загуби на руската страна кои се неоправдани, ама Грузија загуби над 50% од целиот свој арсенал за пет дена. Дел од заклучоците кои тогаш беа изнесени, а се применливи и во случајов, е во утката во подготовките на инфериорните сили. Во првиот случај грузиските сили беа тренирани и одлични во изведувањето противбунтовнички операции. Точно е дека има сличности во изведувањето на операциите, дури и во начинот на организација, ама сличното не е еднакво со истото или идентичното. Овие операции во кои беа тренирани грузиските сили како претпоставка ја имаа офанзивноста поддржана со воздушна супериорност од западот. Тука најверојатно е и грешката во обуката на инструкторите на НАТО. Втората грешка е што овие сили на отпорот, кои имаат сегмент на герила или на партизанско движење, мора да имаат избалансирано време за подготовка и за транзиција од воено бунтовничко делување во масовни формации способни да изведат офанзива. Тоа украинските сили, за жал, го немаа.
Разбивањето на слоевитата одбрана на руските окупациски сили е напорна работа која мора да се изведува во чекори. Тоа бара масовност во артилерискиот оган и доминација на воздушниот простор со цел да се покрие напредувањето. Не е јасно зошто борбените строеви кои завршија кобно немаа противвоздушно обезбедување на борбените дејства. Од она што го знаеме или можеме да видиме, Украина има системи „Стрела-10M4“ кои, иако се стари, може да помогнат, особено затоа што може да ги откријат заканите на 12 километри. Дополнително, Украина доби и неколку батерии од „9K33 Оса“ – мобилен систем со радар и со солиден домет. Истовремено, Украина имаше напори (мошне остроумно) да ги приспособи ракетите „РИМ-7“ на „9К33“. Сепак, за таква трансформација се потребни минимум шест месеци. Досега не видовме ништо од тоа.

Она што сепак е научена лекција од целата приказна е дека безбедноста е перманентна работа. Таа не е моментна и не може да се постигне преку ноќ. Градењето на капацитетите во безбедноста и во одбраната не може да биде оставено само на логиката на директен профит. Вложувањето и градењето на овие капацитети мора да е перманентен процес кој бара синхронизација на пристапи. Точно е дека оправданоста и директната добивка водена од логиката на чист профит има влијание во пресметката, ама тоа не е се. За жал, најголемиот дел од западниот свет, каде итаме и ние, се води од оваа логика, што може да биде кобно. Европа, или барем дел од неа, каде Полска е најавтентичен пример, ја научи лекцијата. Ние треба да избереме каде ќе одиме и што ќе правиме во тој бизнис, ако сакаме да нè биде.
Да се надеваме дека украинските сили на отпорот ќе успеат да се прегрупираат, да направат стратешка пауза и да ги поправат недостатоците со цел да ги пробијат првите линии и да успеат да пенетрираат во некои области. За тоа, драги мои, ќе биде потребно време, опрема и луѓе. Тука западниот темперамент на брзи резултати најверојатно ќе треба да почека и да се прилагоди на трпение.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот