Сè повеќе сомнежи за саботажа на гасоводот „Северен поток“

Фото: EPA-EFE/Danish Defence Command

Данска и Шведска тврдат дека истекувањето од гасоводот „Северен поток“ во Балтичкото Море било предизвикано од експлозија со јачина иста како стотици килограми ТНТ експлозив. Во заедничкиот извештај доставен до Советот за безбедност на Обединетите нации се вели дека истекувањето било „намерен чин“, објави данската ТВ2.

Од гасоводите, кои пренесуваат руски гас до Европа, минатата недела почна да истекува гас, а шведската крајбрежна стража подоцна соопшти дека две истекувања биле во шведската и две во економската зона на Данска. Шведските сеизмолози објавија дека регистрирале два потреса долж трасата на гасоводот.

Како што пишува „Бизнис инсајдер“, било забележано дека метан истекува од гасоводот, додека Шведска и Данска сега укажуваат дека причината е огромна експлозија.

„Моќноста на експлозиите беше измерена на 2,3 и 2,1 степени според Рихтеровата скала, што веројатно одговара на оптоварување со експлозив од неколку стотици килограми. „Сите достапни информации укажуваат дека овие експлозии се резултат на намерен чин“, се наведува во извештајот.

Во меѓувреме, притисокот во гасоводот „Северен поток 2“ е стабилизиран и во него нема остаток на гас, како што објави во саботата данската агенција за енергетика, повикувајќи се на операторот на гасоводот, „Северен поток 2 АГ“.

Исто така, преку новиот гасовод од Норвешка преку Данска и Балтичкото Море, Полска доби снабдување со гас. Новата линија, кој има годишен капацитет од десет милијарди кубни метри гас, официјално беше отворен на 27 септември – еден ден по откривањето на хаваријата на „Северен поток“.

Норвешка, која сега стана најголемиот европски снабдувач на нафта и гас, рече дека ќе ја мобилизира војската долж нејзината претежно подводна енергетска инфраструктура, додека НАТО се закани со одмазда против „чиновите на саботажа“, објави „Бизнис Инсајдер“.

Данската агенција за енергетика по инцидентот објави дека во морето истекло големо количество гас. Портпаролот на руски Газпром, Сергеј Купријанов, на седницата на ОН во саботата изјави дека по инцидентот истекле 800 милиони кубни метри природен гас, додавајќи дека оваа количина е еднаква на тримесечната испорака на Данска.

„Северен поток 1“, довчерашната главна рута за извоз на руски гас во Германија, уште претходно беше затворена од руските власти, но сега не може лесно да се отвори, додека новиот „Северен тек 2“, изграден од германски компании, сè уште не е пуштен во оперативна употреба.

Иако сѐ уште не е позната причината за инцидентот, ЕУ и НАТО сметаат дека тој е резултат на саботажа.

Пет причини да се сомневате во Русија

Најпрво, како што пишува „Фокс њуз“, се вели дека Путин има мотивација – соочен со пораз во Украина, тој е очаен да ја сврти ситуацијата на бојното поле со тоа што ќе посегне по драматична ескалација. Ова е неговиот начин на обид да ги принуди САД и Европа да престанат да испраќаат оружје со долг дострел во Киев, додава американскиот медиум. Путин веќе најави дека приемот на Украина во НАТО е „црвена линија“ за Русија, а во меѓувреме, НАТО му порача на Киев дека „не е моментот“ за негов прием.

Втора причина е тоа што уништувањето на клучната инфраструктура е во согласност со рускиот концепт за војување, „Стратешката операција за пораз на клучната инфраструктура на противникот“ (СОПКВОП). Со децении, руските стратези смислуваа начини да ја заобиколат конвенционалната супериорност на САД и НАТО во конфликтот за кој заклучија дека е неизбежен, бидејќи Москва и Вашингтон се спорат околу контролата на постсоветскиот простор од распадот на СССР во 1991 година, смета Фокс.

Трето, руските воени стратези смислија сценарио во кое Русија ќе ја таргетира цивилната инфраструктура на своите непријатели за време на конфликтот. Тие претпоставуваат дека со уништување на „мал број клучни меѓусебно поврзани цели“ кои се од витално значење за функционирањето на државата, би предизвикале „колапс на целиот систем“.

Четврто, Русија е една од ретките земји што ги има потребните капацитети да го пресече гасоводот „Северен тек“ и тоа да го направи тајно. Москва инвестираше во способности за подводно војување преку тајната програма „ГУГИ“, под безопасното име Истражување на длабочините на морето. Експертот за подводна војна Х.И. Сатон рече дека единицата „ГУГИ“, за која се верува дека е директно подредена на Путин, можеби користела шпионски бродови за да го изврши нападот.

Петто, Путин нема корист од „Северен тек“ на краток рок бидејќи ниту гасоводот 1 ниту гасоводот 2 не носат приход. Москва го затвори „Северен тек 1“ на крајот на август, тврдејќи дека западните санкции го оневозможуваат неговото одржување, додека „Северен тек 2“ никогаш не профункционира бидејќи Германија го одби нејзиното сертифицирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот