Само неказнивоста на големите криминалци не „застарува“

Груевски по правосилноста на пресудата за предметот „Тенк“ избега во Унгарија каде побара и доби азил. / Фото: Слободен печат

Застарувањето на кривичното гонење на експремиерот Никола Груевски за предметот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не претставува ништо друго освен т.н. скриена амнестија. Ова го тврдат правните експерти и објаснуваат дека преку манипулација и со наоѓање дупки во законите, и власта и опозицијата практично успеваат да се испазарат за тоа на кој од нивните обвинети партиски „миленици“ да му застари делото за кое се гони.

Правниците посочуваат дека игнорирањето и одолговлекувањето на одредени предмети од страна на обвинителствата и на судовите во изминатиов период било повеќе од очигледно, а не е исклучена ниту можноста, додаваат тие, самата Катица Јанева, како поранешна специјална обвинителка, а сега обвинета за случајот „Рекет“, да била главниот запченик во целата машинерија.

Дека нешто чудно се случува со предметите на СЈО, завчера предупреди и претседателот Стево Пендаровски, кој на средбата со шефот на германската дипломатија Хајко Мас во „Вила Водно“, подвлече дека е важно да не се дозволи преку застарување на тешки кривични дела поврзани со високата корупција, да се случува скриена амнестија на сторителите.

– Сметам дека корупцијата кај политичарите треба построго да се казнува бидејќи вршењето јавна функција носи посебна одговорност. Државната власт и ресурсите треба да се користат исклучиво за јавниот интерес, а не за остварувањето на партикуларни или лични интереси – рече Пендаровски.

Тој побара новиот Закон за јавно обвинителство да биде изработен според највисоките европски стандарди, образложувајќи дека е подобро темелно да се изработи, отколку да се брза и преку непринципиелни политички компромиси да се компромитира борбата со високата корупција.

Министерката за правда Рената Десковска во изминатиов период постојано обвинуваше дека не може да се постигне договор со опозицијата за новиот Закон за јавно обвинителство само затоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ упорно настојувало да се избори за скриена амнестија.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека скриената амнестија се случува како резултат на тоа што ниту обвинителите покренувале нови обвиненија, ниту судиите носеле пресуди. Тој смета дека секој треба и мора да сноси одговорност, што значи дека и обвинителите и судиите мора да одговараат за своите одлуки.

– Ние имавме држава што систематски се разградува во изминатите 11 години, и во делот на безбедносните служби и во делот на судството, но и во делот на Обвинителството. Не очекуваме дека во еден период или во една година и половина целиот тој систем ќе биде толку добро консолидиран и ќе покаже резултати – оцени Спасовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, тврди дека уште во првите 100 дена ќе се почувствува разликата што ќе ја понуди новата (негова) влада.

– Прв и најголем акцент ќе биде ставен на владеењето на правото и реформите во правосудството за 100 проценти независно правосудство. Не можете да им оставите независност, па тие да се претворат во нов центар на моќ. Некој мора да го мониторира нивното работење, некој мора да ги забележува нивните грешки. Имаме методологија како тоа да го направиме. Не може да зборувате за реформи во правосудството, а како премиер да го водите телото за правосудство, или адвокатот на премиерот да дава насоки на главниот обвинител. Тука нема никакви реформи. Не можете денес да имате правен систем во кој судии имаат куќи, хациенди, по три-четири станови, возат бесни возила. Со плата ли? Ме прашувате како ќе направиме реформи во судството? Така што нема да го гледате мојот адвокат како му дава насоки на обвинителот, судиите нема да бидат гости во мојот кабинет – истакна Мицкоски.

Фрчкоски: Местото на криминалците е в затвор

Универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчкоски смета дека Владата на Зоран Заев треба да направи сè што не направила досега, односно дека програмските ветувања мора да се завршат, а најважен е делот со правосудството и администрацијата.

– Мора жестоко, како што направија внатре во партијата, така и во администрацијата да направат реформа. Може да извршат смена на триесетината корумпирани судии што се влечеа во телефонските разговори, познати како „сваровски судии“. Предметите треба да продолжат, Владата да докаже дека криминалните дејства на претходниците се докажани и докажливи. Владата ќе плати доколку не се консолидираат да најдат правни решенија, постојат правни решенија, не мора да се мешаат политички партии. Криминалците мора да одат во затвор – порачува Фрчкоски.

Уставните судии во одбрана на обвинетите од СЈО

Уставниот суд на наредната седница ќе решава дали да се прифати иницијативата за застарување на предметите за злоупотреби, откако завчера се подели за тоа дали треба да се прифати иницијативата за оценување на уставноста на членови од измените на Кривичниот законик од 2004 и 2009 година кои се однесуваат на злоупотреби на службената положба и овластување.
Четворица од вкупно деветмина судии – Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски и Осман Кадриу, побарале веднаш да се прифати иницијативата и да се расправа за уставноста, застанувајќи во одбрана на функционерите осомничени во дела за злоупотреба на Буџетот. Според нив, казната од минимум 5 години затвор е превисока и вината треба да ја сносат членовите на комисиите за јавни набавки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот