Само лажната вест стана добра вест – Слободен печат
Колумни

Само лажната вест стана добра вест

Но тие не само што му нанесуваат штета на „таргетот“ на лажната вест, туку го руинираат целиот легален и легитимен систем на информирање. Опасноста е во тоа што мета-информациите или пара- информациите стануваат доминантен медиумски модел кој конзументите го перцепираат како „мејнстрим“ и како единствено вистински.

Лажните вести станаа главна алатка во политичката битка меѓу партиите насекаде во светотот, па и кај нас. Како настануваат тие. Во првиот бран следат клевети, лаги, измислици, од страна на политичкиот опонент. Во вториот бран настапуваат медиумите од одредена политичка провиниенција со повторување на лагата дополнета со коментари наместо прашања, не ретко и со плуканици кон личноста која е цел на дискредитација.

Но тие не само што му нанесуваат штета на „таргетот“ на лажната вест, туку го руинираат целиот легален и легитимен систем на информирање. Опасноста е во тоа што мета-информациите или пара- информациите стануваат доминантен медиумски модел кој конзументите го перцепираат како „мејнстрим“ и како единствено вистински. Зошто? Затоа што е по сочен, „открива“ повеќе детали за одреден субјект или појава, со кои класичните медиуми често пати не се занимаваат. Од друга страна власта прокламира некаква анархична транспарентност- заради транспарентност, без некаков систем на информирање без остаток, кој нема да остави простор за шпекулации. Прес конференциите на Премиерот не се доволни да ги покријата сите активности на владините министри и други службеници. Недостига перманентен формален и неформален контакт со медиумите на кој ќе се расчистуваат одредени недоречености ако постојат. внатрешниот и надворешниот ПР мора да се координираат и да се во функција на медиумите а не на функционерите.  Тој празен простор го пополнуваат креаторите на лажните вести.

Во светот  постојат медиуми од различен жанровски формат: провладини, опозиционерски, политички неутрални, леви, десни, аполитични, спортски, забавни, и т.н. жолт печат.

Разликата е во тоа што во демократскиот свет сите тие можат да известуваат, да критикуваат, да отвораат афери, да го следат секој чекор на јавните личности, можат дури и да навредуваат, но не смеат да клеветат и да лажат.

Зошто? Зашто ќе го кркаат на суд и ќе плаќаат огромни суми пари за дезинформација. Затоа големите медиумски куќи не објавуваат вест ако не ја проверат.

За секој напишан збор мора да се има аргументи. Не мораш да го откриваш својот извор, но на суд или во својот медиум мораш да го поткрепиш  искажаниот збор со доказ. Не можеш да се правдаш: „мене лично ми кажа мојот извор дека тој и тој е крадец, татко му пијаница, а мајка му проститутка“, односно, дека некоја јавна личност е корумпирана, или дека е неморална.“ „Изворот“ е само појдовна точка за истражување, но не и конечен доказ за одредена афера. Во најмала рака треба да имаш слика, звук, сведок. Затоа во светот и се разви до максимум истражувачкото новинарство и професијата „папараци“. Тие до крајни граници се трудат да проникнат во политичките игри или да ги уловат јавните личности на јавно место за да имаат доказ за она за што ќе пишуваат.

Инаку ќе се доведат во ситуација како кај нас, да можеш да кажеш што сакаш за секого и тебе ништо да не ти фали, а тој другиот само да го заврти и другиот образ и да трпи секаков вид навреди.

Оттаму:

-судот и натаму треба да биде институцијата каде ќе се решаваат споровите за лаги и клевети.

-Законските решенија еднаш да расчистат со тоа што ќе влезе во категоријата медиум, а што ќе остане социјална мрежа. Се што ќе влезе во категоријата медиум да има права и обврски и одговорност на (не)одговорните лица во медиумот.

-Финасирањето од страна на државата сосема да престане. Да дозволиме еднаш и во сферата на медиумите да завладее пазарната логика.

-Акредитациите не се случајно измислена категорија за новинарите, за амбасадорите, за многу други службени лица на кои им треба дозвола за пристап до одредена институција, информација, земја, организација. Не секој може да има акредитација.

Сега имаме ситуација, млади деца од улица кои од вчера почнале да работат во некој портал со двајца вработени, веднаш да добиваат акредитација, веднашј да доаѓаат на прес на Влада, во Собрание, кај Претседаелот, во Генералштаб, се јавуваат за прашање или за коментар, му го одземаат правото на свој колега од етаблиран медиум. ОК. Ама кој си бре ти момче? Се чудат прво колегите, а потоа и пратениците, министрите…

Па не може веќе така. На времето за да станеш новинар ќе те прочешла прво ДБК кој си, што си, од кај си. Не дека немаше да добиеш дозвола, ама ред си беше ред. Особено во матни времиња како сегашниве може СЕКОЈ да се прикаже како новинар, да влезе кај сака, да пропагира што сака, да навредува, да инсинуира, и недај боже и да тероризира. Тоа не е слобода. Тоа е мала граѓанска анархија или безредие. Или немање систем. Нам не ни треба цензура, ама ни треба ред во медиумската професија.

Ајде оди влези во Брисел во НАТО, или во Пентагон или во Белата куќа. Се зане кој е допсникот на ЦНН, кој на Вашингтон Пост и т.н.

Дајте еднаш да најдеме начин да расчистиме кој е новинар, а кој нешто друго. Знам дека со години постојат такви иницијативи, но без успех. Оттаму многу добро ја разбирам потребата еднаш да се стави крај на лажните вести. Но не сум уверен дека Владата ќе успее во тоа макар имала и најдобри намери. Што ако дојде друга Влада која овој добронамерен акциски план ќе го претвори во недобронамерен?

Си го бараме со боринче. Што ти е демократија во Македонија! Ние едноставно не знаеме да се упасираме во неа. Или ја нема, или ја има на претек. Кога ја нема, патиме и плачеме. Кога ќе ја добиеме, не знаеме што со неа. И затоа несвесно ја користиме за самоуништување. 

Слободата е придобивка навистина, ама и товар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close