Самит за надеж или за сомнеж во европската иднина?

Македонија Албанија ЕУ Западен Балкан
Знамињата на Северна Македонија, Албанија и ЕУ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Иако самитот не е за проширувањето, сепак премиерот Зоран Заев вчера изрази надеж дека „на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ“, а еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи по завчерашната посета на Скопје твитна дека со нетрпение го очекува состанокот

Ќе има или ќе нема недвосмислена поддршка на претстојниот неформален Самит ЕУ-Западен Балкан околу проширувањето на Унијата е клучното прашање деновиве во целиот регион, откако јасната поддршка на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен дека иднината на шесте балкански земји е во ЕУ, беше засенета од информациите дека неколку поголемњи земји членки не се подготвени веќе да го гарантираат тоа.

Иако самитот не е за проширувањето, сепак премиерот Зоран Заев вчера изрази надеж дека „на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ“, но потоа потенцираше и дека „напорите на еврокомесарот Оливер Вархељи и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се до крајот на годината, од 14 до 17 декември за Советот на Европа, да имаме позитивно решение“.

Вархељи, пак, по средбата со Заев завчера не одржа прес-конференција во Скопје, туку твитна дека „со нетрпение го чека самитот во Брдо“.

„Мал“ самит, големи очекувања

Премиерот Заев вчера потсети дека сите земји членки на ЕУ ја прифатија одлуката на ЕК од март 2020 година и се согласија дека интегрирањето на партнерите од Западен Балкан е геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста и економскиот раст на целиот континент.

– За жал, Бугарија ја блокираше оваа одлука и таа блокада е сѐ уште активна. Искрено се надевам дека вашите пораки од овој форум ќе бидат дел од новиот импетус кој е толку неопходен во овој момент и дека на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ – рече тој во воведното обраќање на Осмиот форум на граѓанско општество на Западен Балкан.

Тој истакна дека блокадата на пристапниот процес го доведува во прашање стратегискиот интерес на Унијата за проширување со земји од регион што има круцијална стратегиска важност за Европа. Според него, ако остане статус кво, без изгледни шанси за напредок, разочарувањето од блокадата ќе се прошири како канцер и врз другите процеси за европеизација на Западен Балкан.

По форумот премиерот рече дека има поместување во ставовите на Софија.

– Бугарија сè повеќе ја разбира неопходноста на нашите потреби, прашања и важни аспекти од разговорите преку кои не може да се помине. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се само наше најважно прашање, тие се и европска вредност, како што е европска вредност и бугарскиот идентитет и бугарскиот јазик. Напорите се до крајот на годината да имаме позитивно решение и дотогаш треба да работиме сите, Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ – рече премиерот.

Тој појасни дека поместувањата со Бугарија се однесуваат на меѓусебното разбирање, но не се дефинирани сите чекори и насоки и за тоа треба да се разговара. Прашан дали Бугарија ќе прифати дека не сме вештачки народ и нација создадена по 1945 година, Заев рече дека не сака да коментира интервјуа и медиумски текстови, затоа што бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Стефан Јанев никогаш тоа го немаат кажано пред него.

Проширувањето се проблематизира

Еврокомесарот Вархељи по средбата со премиерот Заев завчера само се огласи на Твитер без заедничка прес-конференција со премиерот и повтори дека иднината на регионот е во ЕУ.

„Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за ЕК, иднината на регионот е во ЕУ. Разговаравме како да го придвижиме напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија“, напиша Вархељи.

По текстот што го објави агенцијата Ројтерс дека некои земји членки бараат крај на проширувањето на ЕУ, повеќе дипломати се изјасниле дека „текстот е попесимистички од реалноста“ и дека станува збор за тензии околу заклучоците од декларацијата за претстојниот самит. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, објавата на Ројтерс се однесувала на дискусија помеѓу амбасадорите на земјите членки од 15 септември за усогласување на текстот од декларацијата што потоа треба да им биде предаден на лидерите. Овие самити, потсетиле дипломатите, кои во последниве години се одржаа под бугарско и под хрватско претседателство, никогаш не се однесувале на проширувањето, но од нив секогаш се повторува поддршката на ЕУ за европската перспектива на Западниот Балкан.

Според МИА, првата верзија од декларацијата гласи: „ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан и ја поздравува заложбата на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е наш заеднички стратегиски интерес и останува наш стратегиски избор“, но неколку членки, кои силно се залагаат за проширувањето, побарале да стои поексплицитна и поизразена поддршка за овој процес. Ова барање, според дипломати присутни на состаноците, ги разгневило традиционално скептичните Франција, Холандија и Данска, кои за возврат побарале да се набројат строгите услови за проширувањето и со тоа сакале да испратат порака дека проширувањето „не е готова работа“.

Поради овој судир помеѓу земјите што се залагаат и оние што се противат на проширувањето се појавиле тензии помеѓу амбасадорите уште пред две недели, а темата е ставена на дневен ред за денеска, на последниот амбасадорски состанок пред Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Според дипломатите, факт е дека проширувањето е една од многу поларизирачки теми во ЕУ помеѓу Данска, Франција и Холандија од една страна, а од другата претежно земјите од источниот блок, а нејасно е каде точно стои Германија во дискусијата, односно според едни Берлин е на страна на амбициозните за проширувањето, а според други држи побалансирана позиција помеѓу двата табора.

Мицотакис: Не ја поддржуваме Бугарија во блокадата

Грција не ја поддржува Бугарија во блокадата на европската перспектива на Северна Македонија, порача вчера грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на „Атинскиот демократски форум“, јави МИА. Во дискусијата грчкиот премиер говореше за низа актуелни теми во Грција, како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во Унијата.

– Не. Не ја поддржуваме Бугарија. Сметаме дека е непотребна компликација – рече Мицотакис на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на нашата земја.

Тој се осврна на претстојниот самит во Словенија, истакнувајќи дека оттаму треба да се прати јасна порака дека Западниот Балкан припаѓа во Европа.

– Треба отворено да разговараме за проширувањето. Треба да пратиме сигнал дека за 10-15 години, колку и да е потребно, но дека Западен Балкан припаѓа во Европа – рече Мицотакис, додавајќи дека евентуалниот вакуум што би се создал „ќе го окупираат други играчи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот