Сали и Меџити продолжуваат со препукувањата: Дали е исплатен „Брако“ за модуларните болници додека траеше судењето во Тетово?

Фото: Министерство за здравство / „Слободен печат“, Драган Митрески

Продолжуваат препукувањата меѓу поранешниот министер за здравство Беким Сали и актуелниот Фатмир Меџити околу тоа кој ги исплатил средствата за изградбата на неколкуте модуларни болници на компанијата „Брако“, посочена пред неколку дена во документарецот на ИРЛ „Убиство во Тетово“ како еден од виновниците за пожарот на 8 септември 2021 година во тетовската ковид модуларна болница во кој загинаа 14 лица.

Министерството за здравство тврди дека екс министерот Сали се обидува да ја прикрие дека всушност тој 8 месеци не постапувал по случајот и се обидува да ја префрли вината на друг. Зашто Беким Сали има страв од вистината?, прашува МЗ.

-Дали Беким Сали знае кој бил министер кога се случил пожарот и кој ги водел постапките за набавка на амбулантите или зошто се плаши да им ги спомене имињата на оние кои тогаш биле на функција? Зошто и каков интерес има да ја извртува вистината и да ги штити претходниците? Беким Сали се плаши да каже која е компанијата која ги има изградено модуларните амбуланти? Имено, според документите во Министерството за здравство, целосна лага е она што го изнесе Сали на прес конференцијата во која тврди дека го раскинал договорот со изведувачот. Напротив, Сали не само што не го раскинал договорот, туку ги примил амбулантите со што практично одобрил нивна исплата. Досега од анализата на внатрешните документи, се гледа дека Сали НИКОГАШ НЕ ГО РАСКИНАЛ ДОГОВОРОТ, ги примил и одобрил амбулантите со што автоматски одобрил и исплата, а потоа решил да не плаќа со што генерирал долг и камата од 200.000 евра за граѓаните. Тој лично е одговорен за ова и за ова треба да сноси одговорност. Министерството ги анализира правните можности да покрене постапка против Сали за овој случај, реагира Министерството за здравство.

Од таму нагласуваат дека Министерството и министерот Меџити остануваат транспарентни по овој случај и во целосна координација и на располагање на институциите.

– Наш интерес е да се расчисти овој случај и процесира секој кој на било кој начин е одговорен за пожарот во тетовската модуларна болница. Сите документи кои досега беа доставени на барање на институциите, уште еднаш ги доставуваме до нив, односно до Обвинителството за организиран криминал и МВР и секако oстануваме отворени за соработка со нив. Потсетуваме дека ниту еден денар не е исплатен за модуларните болници досега и постапката за решавање на овој предмет е во Владата, како мислењата од правобранителство, внатрешната ревизија и сите пропратни документи, соопшти МЗ.

Претходно екс министерот Беким Сали кој дојде раководеше со министерството од редот на Алтернативците во отворено писмо обвини дека неговиот наследник Меџити ја дефокусира јавноста „наместо да се занимава со суштинското прашање зошто извршиле исплата на компанијата „Брако“ за несреќната модуларна амбуланта во Тетово, со очаен обид да ја тргне одговорноста од себе“.

-Загриженоста на јавноста не е во тоа што трага Меџити, туку во неговата одлука да продолжи со исплата кон наведената компанија и покрај горенаведените црвени знамиња. Дали би можел Меџити да одговори јавно, имајќи пред себе извештај од ревизија која укажува на неправилности и судски процес кој што е во тек, како успеал да се мотивира за да побара исплата за таа фирма без да се расчистат овие околности?! Не само што е од суштинско значење да се разбере зошто се извршени овие плаќања за модуларните амбуланти во Тетово, туку и дали тој и неговата партија извлекле несоодветна корист од таквите трансакции?! Транспарентноста и отчетноста во ова прашање се императив за да се обезбеди довербата на јавноста во активностите на владата, напиша Сали.

Тој не негира дека прифатил прием и предавање на модуларните амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Лисиче, но, според него овие амбуланти биле подложени на ригорозни процеси за проверка на квалитетот под негов надзор за да ги заштити.

-Но, главна информација за него и за јавноста е дека се воздржав од било какви плаќања кон фирмата „Брако“ поради тековните истражни постапки од страна на обвинителството и утврдувањето на неправилности од внатрешната ревизија. Ревизијата беше готова неколку недели пред моето разрешување, а судскиот епилог веќе во времето на министерување на Фатмир Меџити. Како и тој сам тврди, последниот прием и предавање на крајниот корисник, Здравствен Дом Скопје, на гореспоменатиот објект сум го овозможил ден пред моето разрешување. Да не бев сигурен во одлуката, имав можност да ја избегнам. Секако, му благодарам за споделување на ова информација!, реагира Сали.

На крајот му порачува да се поангажира за подобрување на здравството и конкретно да одговори за трошењето на јавните пари за проектите на МЗ.

-Министре, оставете ги веледрогериите и системот Соравиа и позанимавајте се малку со работа! Верувам, во тој случај дека би можеле нешто да постигнете. Но, најважно од се, министре, е да се осврнете на централното прашање, наместо да го заобиколите прашањето – трагичната загуба на животи и распределбата на јавните средства не бараат ништо помалку од сеопфатен и директен одговор, му порача Сали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот