САД посредници на мировните преговори во Судан, ниту една страна не е подготвена на компромис

Картум, Судан/Фото: Frédérique Cifuentes / Alamy / Profimedia

Борбите во јужниот дел на суданската престолнина Картум продолжија денеска додека претставниците на завојуваните страни се во Саудиска Арабија на разговори за кои меѓународните посредници се надеваат дека ќе стават крај на тринеделниот конфликт во кој загинаа стотици луѓе.

Иницијативата на САД и Саудиска Арабија е првиот сериозен обид да се стави крај на конфликтот меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) кои претворија делови од Картум во воена зона и ја запреа транзицијата кон цивилно владеење по долгогодишни немири и востанија. Во борбите од средината на април, во кои 100.000 луѓе ја напуштија земјата, загинаа стотици луѓе, а илјадници беа ранети.

Манахил Салах, 28-годишна специјалистка за лабораториска медицина на летот за евакуација од Порт Судан до Обединетите Арапски Емирати, рече дека нејзиното семејство три дена се криело во нивниот дом во близина на штабот на армијата во главниот град пред да отпатува на брегот на Црвеното Море.

„Да, среќна сум што преживеав. Но чувствувам длабока тага затоа што ги оставив мајка ми и татко ми во Судан и тажна што сета оваа болка се случува во мојата татковина“, рече таа.

Илјадници луѓе се обидуваат да го напуштат Порт Судан со брод до Саудиска Арабија, плаќајќи за скапи комерцијални летови од единствениот отворен аеродром во земјата или користејќи летови за евакуација.

„Имавме среќа да отпатуваме во Абу Даби, но она што се случува во Картум, каде што го поминав целиот мој живот, е болно“, рече 75-годишниот Абдулкадер, кој исто така се качил на лет за евакуација за ОАЕ. „Напуштањето на вашиот живот и вашите спомени е нешто неописливо“, додаде тој.

Додека посредниците се обидуваат да најдат мирно решение, двете страни јасно ставија до знаење дека ќе разговараат само за хуманитарно примирје, а не за крај на конфликтот. Водачот на РСФ Мохамед Хамдан Дагало, познат и како Хемедти, рече дека се надева оти разговорите ќе ја обезбедат нивната цел и ќе воспостават безбеден премин за цивилите.

Хемедти вети дека ќе го фати или убие началникот на армијата Абдел Фатах ал-Бурхан и засега нема докази на основа дека која било страна е подготвена на компромис за да се запре крвопролевањето. Конфликтот започна на 15 април по пропаѓањето на транзицискиот план кон демократија, кој беше поддржан од меѓународната заедница.

Бурхан, воен офицер од кариера, го предводи владејачкиот совет формиран по соборувањето на долгогодишниот автократ Омар ал-Башир во 2019 година и по воениот удар во 2021 година, а Хемедти, паравоениот водач што се подигна во конфликтот во Дарфур, е негов заменик.

Пред конфликтот, Хемедти се приближуваше до идејата за граѓанска коалиција, што укажуваше дека има политички планови, а Бурхан ги обвини неговите „амбиции“ за избувнувањето на конфликтот. Западните сили ја поддржаа транзицијата кон цивилна влада во земјата, која се наоѓа на стратешка раскрсница меѓу Египет, Саудиска Арабија, Етиопија и африканскиот нестабилен регион Сахел.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, отпатува за Саудиска Арабија овој викенд на разговори со саудиските лидери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот