Руте донесе поддршка за „Отворен Балкан”, преговорите со ЕУ да почнат до крајот на годинава

Средба на премиерот Зоран Заев и холандскиот премиер Марк Руте / 10 ноември 2021 / фото: Драган Митрески / Слободен печат

Во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на ЕУ кон Западен Балкан, а процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската Комисија, заедно со уште еднаш повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ, констатирале на денешната средба во Скопје претседтаелот на Владата Зоран Заев и премиерот на Холандија Марк Руте, соопшти владината прес-служба.

Заев го информираше Руте и за најновата иницијатива „Отворен Балкан” меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, која има за цел да го демонстрира заедничкиот капацитет на регионот и да донесе конкретни придобивки за нашите граѓани и бизниси што е комплементарно со пристапниот процес преку кој ќе овозможи подобро да се подготвиме за целосна интеграција во политиките на ЕУ.

Премиерот непосредно по средбата со Руте, на Фејсбук напиша дека Холандија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО и наш најпосветен поддржувач за интеграција во ЕУ, додавајќи дека му се заблагодарил на холандскиот колега за доследната холандска поддршка во градењето на Северна Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија.

Руте кој е во прва официјална посета на некој холандски премиер на Северна Македонија, изрази поддршка за процесот „Отворен Балкан” и оцени дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.

Заев нагласи дека Владата на Северна Македонија силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. Беа поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот