Русија манипулира политички сили и медиуми во Македонија

Европска комисија, Брисел / Фото: Слободен печат

Земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, мора да бидат отпорни на таквото влијание, затоа треба внимателно да се следат информациите, финансирањето на партиите, да има проверка на факти, едукација на медиумите…, порачуваат европски дипломати.

Од инвазијата на Крим во 2014 година Русија работи на опструирање на европската интеграција на Западен Балкан и ја користи ситуацијата кога во регионот има проблеми. Во тој контекст не е поинаква ни ситуацијата со Македонија. Напротив, Русија ги манипулира домашните политички сили и медиумите, коментираат дипломати од европските институции во Брисел.

Сепак, тврдат дека Европската Унија апсолутно не е виновна за таквата ситуација, иако коментарите на многумина експерти беа дека со „неиспорачувањето“ од страна на Брисел се отвора простор за влез на трети страни во регионот. Но, потврдуваат дека во подготовката на Договорот од Преспа било идентификувано мешање од Русија, а што се однесува до спорот со Бугарија во двете земји се детектирани операции за поткопување на преговорите, за влошување на меѓусебните односи, како и за опструирање на европскиот процес.

Една од причините за таквата манипулација се дезинформациите, па европските дипломати порачуваат дека институциите и медиумите треба да работат повеќе на откривање на центрите на таквите дезинформации, бидејќи, како што велат, секој што работи против европската перспектива, не работи за доброто на земјата. Притоа додаваат дека процесот на проширување е избран од македонските граѓани, но има сили што ќе сакаат да ги искористат слабостите.

Според нив, има обиди за антагонизирање на луѓето во Македонија да почнат да работат против членството во ЕУ, со објаснување дека наводно ЕУ се распаѓа и слично.

– Земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, мора да бидат отпорни на таквото влијание, треба внимателно да се следат информациите, да се следи како се финансираат партиите, да има проверка на факти, едукација на медиумите – порачуваат европски дипломати, нагласувајќи ја посебно улогата на медиумите и потребата од враќање на интегритетот на новинарството како професија.

Што се однесува до проширувањето на Унијата, ставот во Брисел е дека војната во Украина го придвижи процесот на позитивен начин, а лидерите на ЕУ се повеќе посветени на интеграцијата на Западен Балкан.

Македонија ги почна преговорите со скринингот како прва фаза, а поради ангажманот на Владата на билатералните прашања, факт е дека недостига напредок кај другите прашања, вклучувајќи тие за владеење на правото, борба против корупцијата, чист воздух, слобода на изразување. И повторно на сцена се уставните измени. Во Брисел се свесни дека тешко ќе се стигне до двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени. „Имате тежок сосед што постојано ги менуваше барањата кон Северна Македонија, но вреди да се оди напред“, зашто сметаат дека сегашниот договор го отвора патот за земјата.

Но, никој не сака да ги коментира прогнозите од македонската Влада дека е реален рокот за членство во Унијата во 2030 година. Со образложение дека тие никогаш не шпекулираат за тајминг, туку важно е земјата да биде подготвена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот