Русија и Турција: Ни пријатели ни непријатели

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Зошто Москва и Анкара се спремни да заборават дека нивните војници се на спротивставените страни на три фронта на Блискиот Исток, во Северна Африка и на Кавказот?

Американскиот претседател Џо Бајден првпат ќе се сретне со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот на НАТО на 14 јуни и без сомнение ќе ја пренесе својата загриженост поради агресивното однесување на Турција во регионот и ќе потсети на повеќе од скромните постигнувања во врска со почитувањата на човековите права во нивниот дом.

Заострувањето на релацијата Вашингтон-Анкара трае веќе неколку години, па во прв план се наметнаа односите на Турција со друга голема сила – со Русија. Какви се навистина односите помеѓу геостратегиски, дипломатски, воено и економски блиските партнери, кои во исто време се ривали директно спротивставени на фронтовите во Сирија, во Либија и во Нагорно-Карабах?

Историјата на турско-руските односи е исполнета со најмалку 12 војни, вклучувајќи ги и спротивставените табори во двата светски судири, припаѓањето на различните воени блокови и вечното натпреварување за сферите на влијание и распоредот на моќта.

Засилените геостратегиски амбиции во поново време ги вовлекоа двете страни во конфликт на интереси низ Блискиот Исток, во Северна Африка и на Кавказот, а на спротивни страни се и во врска со кризата во Украина, поради тоа што Анкара му дава целосна поддршка на Киев и се противи на анексијата на Крим.

Во Сирија, каде што турското соборување на руски борбен авион есента во 2015 година ја предизвика најдлабоката криза во меѓусебните односи во изминатите децении, Русија и Турција директно се вмешани со присуството на своите војници, кои штитат различни актери во граѓанската војна: Москва со воената интервенција директно го спаси режимот на својот сојузник Башар ал Асад, додека Анкара од почетокот на децениската криза на најразлични начини ги поддржува сириските бунтовници и се залага Асад да замине од власт.

 

Вкрстени интереси во Идлиб

 

Присуството на двете спротивставени армии на мала територија на северозападот на Сирија се закануваше да прерасне во директен конфликт, но претседателите Владимир Путин и Ердоган успеаја да договорат формула за соживот, која на секоја страна ѝ овозможува да ги реализира сопствените интереси.

Војниците од двете земји заеднички патролираат во провинцијата Идлиб по должината на стратегиски важниот пат М4, обезбедувајќи ѝ на Москва незагрозено физичко присуство во Сирија, а на Анкара продолжување на операциите против сириските Курди, кои ги обвинува за соработка со Курдистанската работничка партија, која во Турција е означена како терористичка организација.

Примирјето договорено во Сочи се уште се одржува, наспроти сомничавоста на Анкара дека Москва им дава воена поддршка на трупите на Асад, кои настојуваат да ја заземат Идлиб, единствената провинција што е надвор од контрола на режимот, а во исто време да ги истиснат назад турските сили преку границата. Во исто време двете земји заедно со Иран соработуваат во рамките на Астанскиот процес за политичко решавање на кризата во Сирија.

Успехот на Русија и на Турција заеднички да ја контролираат ситуацијата во тешките времиња на конфликт не важи само за Сирија. Рецептот е прифатен и во случаите на Либија и на Нагорно-Карабах.

 

Либија и Нагорно-Карабах

 

Откако Турција во почетокот на 2020 година испрати трупи во Либија за да ја бранат Владата на националниот договор во Триполи од силите на генералот Халифа Хафтар, двете земји се на спротивставените страни и во тамошната граѓанска војна. Коегзистенцијата се сведува на повторување од двете страни дека настојуваат да придонесат за политичко решавање на кризата.

Наспроти спротивставените интереси низ Централна Азија, двете најважни земји од Јужниот Кавказ продолжуваат успешно да соработуваат и по кратката војна во Нагорно-Карабах, во која Турција директно беше вмешана на страната на Азербејџан, а Русија се држеше неутрална, штитејќи ги интересите на Ерменија.

Путин без видливи знаци на лутење премина преку провокативното присуство на Ердоган на парадата на победата во Баку, со која Азербејџан го одбележа крајот на војната, а денес од заеднички центар ги надгледуваат почитувањето на примирјето и сите воени активности во зоните на конфликт.

Ердоган во Истанбул го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски и му пренесе целосна поддршка за одбрана на територијалниот интегритет во време кога Русија трупаше воени сили на границата кон Украина.

На четири фронта силите им се на спротивставените страни, а Путин и Ердоган не ги штедат меѓусебните комплименти. Ердоган е „лидер што го држи својот збор како вистински човек“, вели Русинот, а Турчинот му возвраќа на Путин со сличен тон: „Тој навистина е човек од збор, кој ги почитува своите ветувања“.

 

Гасоводи и проектилски штит

 

Цвета геоекономското сојузништво втемелено на природниот гас и проектите за нуклеарна енергија. Гасоводот „Син ток“, чиј еден крак поминува низ Црно Море, ја снабдува Турција со руски гас уште од 2003 година, а од почетокот на минатата година Турскиот тек преку пристаништето Кијикој пренесува руски гас до делови од јужна и од југоисточна Европа.

Рускиот „Росатом“ по цена од 25 милијарди долари ја крева првата турска нуклеарна енергетска централа. Додека близу 7 милиони руски туристи го полнат буџетот на Анкара, Турција стана вториот најголем увозник на руски земјоделски производи.

Тука е и веќе реализираната одлука на Анкара од 2017 година да купи противвоздушни батерии од современиот руски антипроектилски систем „с-400“. Таа одлука, од која Ердоган не отстапуваше наспроти сите предупредувања, доведе до сериозно заладување на односите со САД и нарушување на оние со НАТО, во кој турската армија според силата е на второ место меѓу членките.

Вашингтон ја казни Турција со оддалечување од заедничката програма за развој на борбениот авион „ф-35“. Пред да ги изгуби изборите, Доналд Трамп воведе санкции. Путин можеше задоволно да ги трие рацете, а Бајден, наспроти негативните ставови кон авторитарното владеење на Ердоган, само може да се надева дека ќе ги поправи нарушените односи со клучниот партнер од југоисточното крило на НАТО.

Турција своевремено ја лансираше надворешнополитичката доктрина „нула проблеми со соседите“, која политичкиот ислам ја спојува со пантурскиот национализам, но оттогаш влезе во конфликти на сите страни – освен со Русија.

 

Сомничавост кон Западот

 

Она што во овој момент најмногу ги поврзува Анкара и Москва е заедничката фрустрација и сомничавоста кон Западот. И двете земји имаат силен интерес да го сочуваат мултиполарниот светски поредок, во кој тие полесно ги остваруваат сопствените амбиции.

Во исто време, нивните надворешни политики во меѓувреме станаа помилитантни, што и придонесе да дојде до напнати ситуации во подрачјата во кои интересите им се преклопуваат.

Путин е убеден дека Турција, на големо задоволство на Москва, наспроти обидите да ги поправи своите односи со Америка, и понатаму ќе остане проблематичен трн во НАТО. Водени од таквите оценки, стратезите во Кремљ се спремни да замижат пред ривалството со елементи на конфронтации.

– Ердоган за Русија не е лесен партнер, не е лесен играч со кого би си имале работа – вели Ирина Звигалејска од рускиот државен Институт за светска економија и меѓународни односи.

Неодамнешниот телефонски разговор на претседателите Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган испраќа порака дека станува збор за партнери што се спремни да заборават дека нивните војници стојат на различни страни на фронтовите, обидувајќи се во исто време меѓусебната соработка да ја кренат на височина што се мери со бројката од 100 милијарди долари годишна трговија.

Значи, ни пријатели ни непријатели, туку следбеници на прагматичните интереси. „Ние сме на еден начин сојузници, но на друг начин нашите интереси се дијаметрално спротивставени“, вели поранешниот руски дипломат Андреј Бакланов. „Мораме да научиме да живееме со таквата ситуација“.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот