Романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје

Покана за настанот во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје (ГБСК) продолжува големата кампања „Читаме современи македонски автори“, во чии рамки книга за февруари е романот „Суво мастило“ од писателот Владимир Илиевски.

Разговор со авторот ќе се одржи на 6 февруари, во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Клубот на читатели посветен на ова дело е закажан за 29 февруари.

„Суво мастило“ е роман во кој авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.

– Опфаќајќи голем временски период таа приказна се плете и расплетува на цврст реалистички принцип, но со голема внимателност на авторот кон фактите и темелноста на историската оправданост. Овој исклучително талентиран прозаист развива прекрасна приказна за еден од најинвентивните личности на раниот дваесетти век, Едуард Пенкала, човекот чие презиме постојано го споменуваме кога ќе изговориме „пенкало“, за човекот кој покрај „пенкалото“ и „сувото мастило“ со кое пишува тоа, во својата листа имал уште осумдесет други пронајдоци без чија функција дури и денешниот, сѐ повеќе виртуелен, дваесет и први век не би можел да функционира – пишува критичарот Сашо Огненовски.

Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено книгите: „Гледач на линија“ (поезија, 1997), „Избор и случајности“ (поезија, 2000), „Мојата лична амортизација“ (поезија, 2002), „Цитатноста во лириката“ (книжевно-научна студија, 2007), „Нема исти утра“ (поезија, 2008), „Ноќна еротска програма“ (поезија, 2011), „Лични податоци“ (поезија, 2014), „Брзината не убива“ (поезија, 2016) и „Пената на црниот бран“ (раскази, 2018). Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и на англиски јазик.

Романот „Суво мастило“ е издание на „Македоника литера“ и беше финалист за „Роман на годината“ во 2020 година.

Во првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ (од септември 2022 до мај 2023 година) ГБСК последователно претстави осум домашни автори и исто толку дела.

Во рамките на вториот циклус, од септември 2023 година до сега, беа претставени авторите: Николина Андова Шопова со романот „Естом“, Елизабета Баковска и Сашо Димоски со фотокнигата „Во главата пишувам расказ“, Васко Марковски со монографијата „Урбани приказни“ и Андреј Ал-Асади со стихозбирката „Секој секому огледало“. Романот „Суво мастило“ е петта книга од предвидените осум од вториот циклус кој ќе трае до мај оваа година.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е дел од стратегијата на ГБСК за силна поддршка на македонските писатели, издавачи, но и на македонскиот јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот