Родителите и наставниците задоволни што учениците ќе полагаат од скратени материјали

Фото = Архива

Образованието мора да продолжи да тече дури и во овие услови, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Државната матура е во интерес на образованието на самите средношколци и нема да дозволам пандемијата да се одрази на нивниот развој и нивниот напредок, порача министерката за образование и наука Мила Царовска, откако по средбата со членови на средношколскиот сојуз беше заклучено дека државна матура сепак ќе се полага.

Средношколците бараа укинување на државната матура за оваа година поради актуелната состојба со ковид-19, меѓутоа по негативниот одговор од МОН следуваше средба со Царовска, по која е заклучено матура да се полага, меѓутоа во материјалот кој ќе треба да се полага нема да влегуваат наставните содржини изучувани во време на наставата на далечина.

Лидерот на средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи, истакна дека тие побарале и намалување на бројот на предмети, односно наместо четири да се полагаат два, но од МОН стојат на ставот дека таква промена би можела да биде разгледана од следната година по реформите кои ќе следуваат во основното и средното образование.

Родителите делумно задоволни од исходот на средбата меѓу МОН и средношколците

-Ова е најлогично решение. Не е фер да се проверува целокупното знаење за материјалот изучуван преку онлајн настава. Минатата година тие часови беа хаос, оваа година е подобро, меѓутоа верувам дека ова е добра одлука, смета родител на матурант од скопското средно училиште „Орце Николов“.

И родители кои сметаат дека најдоброто решение е државна матура воопшто да не се полага годинава, сепак се согласуваат дека тоа е подобро тоа да се направи со скратени програми.

-Кога веќе мора да се полага вака е најдобро, но нека полагаат два предмети. Ова не е време кога треба да ги оптоваруваме учениците. Кога веќе има услови за полагање, најдобро е тоа да се изведе на тој начин што ќе се прифатат барањата на средношколците – смета Славка Мирчевска, мајка на матурантка од средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Ставот на МОН по тоа прашање не е во согласност со барањата на средношколците, а родителите сепак веруваат оти компромис ќе се најде.

-Годината е таква каква што е. Уште од самиот почеток и ние како родители заедно со учениците се соочуваме со секакви предизвици во предавањата. И организацијата на државна матура во овие услови не е едноставна задача, но сигурен сум дека учениците во соработка со МОН ќе најдат договор – смета уште еден родител на средношколец од Скопје.

Наставниците свесни за својата одговорност

Наставниците се тие кои најдобро ќе ги водат учениците низ процесот на полагање на државната матура. Истовремено, МОН е во постојан контакт со матурантите за да бидат во тек со сите новини со матурата и заеднички да организираме успешно полагање, се вели во соопштението на МОН, преку кое се истакнува и важноста на улогата на наставниците во овој процес.

-Како учениците ќе го примаат знаењето најмногу зависи од самиот наставник, односно како тој ќе го организира часот. Наставниците имаат одговорност да создадат трајно знаење кај учениците, а начинот на кој предавале изминатите години е многу значаен за тоа – вели професорката по етика и филозофија од средното училиште „Никола Карев“ Елвира Мустафа.

Други професори со кои разговаравме исто така се свесни за својата улога, а за полагањето на матурата во овие услови велат дека е најдобро да се почитуваат препораките од МОН и оти веруваат дека и оваа година ќе заврши успешно.

– Најважно е да се почитуваат здравствените протоколи кои ќе бидат пропишани и за време на полагањата. Учениците мора да полагаат матура и тие се свесни за тоа, а ние како наставници мораме да им помагаме во сето тоа. Еве сега ќе имаат пократки програми и тоа е фер кон нив, но сметам дека нема потреба да се намалува бројот на предмети за полагање оваа година – вели друг професот од средно училиште во Скопје, кој побара да остане анонимен.

Екстерните предмети кои се дел од државната матура оваа година ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни, со тоа што листата со изборни предмети за третиот екстерен испит е проширена со уште два предмети – информатика и географија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот