Ригорозни мерки во Косово: Граѓаните ќе можат да излегуваат само по час и половина дневно

За деца под 16-годишна возраст исто така ќе биде дозволено излегување по час и половина дневно, но единствено во придружба на член од тесното семејство.

Министерството за здравство на Косово ги објави вечерва новите мерки за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19, според кои граѓаните постари од 16 години, од среда, 15 април, ќе можат да излегуваат единствено за набавки со прехрамбени и фармацевтски производи, и тоа во период од еден час и половина во текот на денот.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, министерот за здравство Арбен Витиа, на вечерашната вонредна прес конференција пред Владата, соопшти дека мерките ќе важат до 5 мај.

Министерот појасни дека периодот во кој граѓаните ќе можат да го користат своето време за набавки, од 7 до 22.30 часот, се определува според претпоследната бројка од нивниот персонален број во личната карта.

За странските државјани кои живеат во Косово ќе важи претпоследната бројка од нивниот патен документ – пасошот.

За деца под 16-годишна возраст исто така ќе биде дозволено излегување по час и половина дневно, но единствено во придружба на член од тесното семејство.

Во возилата во движење, возачите ќе можат да превезуваат најмного по уште едно лице.

Витиа упати молба до лицата на возраст над 65 години да не излегуваат од нивните домови.

– Мерките можат да се чинат ригорозни, но искуството од другите држави не учи дека утре може да биде предоцна и повторно ќе бидеме принудени да ги преземеме овие мерки, изјави Витиа.

Казните за приватните лица кои нема да ги почитуваат новите мерки изнесуваат од 1.000 до 2.000 евра, за правните субјекти од 3.000 до 8.000 евра, додека за одговорните лица во правните субјекти од 500 до 1.500 евра.

Заклучно со вчерашниот ден во Косово се потврдени 362 заразени од новиот коронавирус, 59 се водат како излекувани, а забележани се и седум смртни случаи како жртви на епидемијата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот