Рецензија: „The Matrix Resurrections“ – Воскреснување или погребување?

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

„The Matrix Resurrections“, Режија: Лана Вачовски, улоги: Киану Ривс, Кери-Ен Мос, кинематографери: Даниел Масачеси, Џон Тол, музика: Џони Климек и Том Тиквер

Визуелно и кинетички фасцинантен, софистициран и во актерска и во техничка смисла, иновативен во борбената кореографија, футуристичко/филозофски издржан… Можеби не е „Blade Runner“ но беше близу.

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Да, само што овие атрибути се однесуваат на првиот, почетниот „The Matrix“ од 1999 година. По него следеа „The Matrix Reloaded“ и „The Matrix Revolutions“ во 2003 година главно задржувајќи го нивото на оригиналот, но веќе се чувствуваше замор и во тематскиот корпус и кај авторите. „The Matrix Resurrections“ се очекуваше со нетрпение особено кај почитувачите на франшизата, но истовремено и со прилично голема скепса, дали четворката ќе донесе нешто револуционерно и иновативно.

За жал, тоа не се случи. Поточно, се случија работи кои на некој начин фрлија сенки на сомнеж и врз претходните две продолженија. Занемарувајќи ја пристрасноста на закоравените матриксџии, кои повеќе емотивно реагираат на пропустите во четворката, објективното гледање и споредување со досегашниот квалитет на Матриците, не води во сосема посериозни толкувања на недостатоците во филмот.

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Зачудува што снимателската работа во новиот „The Matrix“ делува прилично евтино во однос на оригиналот иако техничкиот јаз е длабок 20 години. Слично како и кај серијалот „The Lord of the Rings“ и продолжението „The Hobbit“. Очигледна е немоќта на авторите квалитетно да ја надградат матрицата на наративот, па „кукавички“ прибегнале кон мноштво клип/цитати од претходните изданија. Настрана што нивното користење е монтажно потфрлање. А од друга страна, токму тој ретро трик е визуелно поатрактивен од актуелните случувања. Овој микс од старото и новото сугерира прилично елементи на пародичност, без оглед дали на режисерот тоа му била намера или не. Морам да го посочам комичниот костим на Морфиус, на пример!

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Двата главни лика ја немаат онаа внатрешна енергија која паралелно со нивните борбени таленти едноствно зрачеше во секоја акција, во секоја сцена на оригиналниот „The Matrix“. Исто така тоа се однесува и на споредните ликови. Новиот Морфиус (Јаја Абдул Матин) ја нема ниту харизмата, ниту мудроста а камоли бруталноста на Лоренс Фишбрн.

Холивуд и понатаму заглавува со своите токсични неолиберални клишеа кога се работи за „принципиелната“ поделба на улогите и карактерите во голем дел од нивните филмови, и тоа според расната и родовата припадност: добрите се црнец и жена, лидери и негативци се белци…

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Празнотијата на сценариото е главната причина зошто авторите прибегнувале кон несоодветни и нејасни решенија во градењето на приказната, и на тој начин филмот изобилува со бесмислени сцени и дијалози. А и обидите за хумор се прилично „траљави“. Како она на Нео: „Се уште знам кунг фу“!? Впечаток е дека за консултанти на сценариото (или книгата на снимање) биле ангажирани средношколци (малку злобно!?). Напротив, целата „логика“ за снимањето на ваков филм е во целната група гледачи, адолесценти на кои филмската логика не им значи многу, ќе се задоволат со акција, херои и малку романса. А за да се заташка конфузијата во заплетот применета е „техниката“: одбери си опција – сон/јаве/сон!?

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Револуционерните снимки (со долги сцени) во оригиналниот „The Matrix“ кои, не е тајна, беа работени под влијание на Хонг Конг, во четвораката ги нема, отсутни се. Борбената кореографија е нечитлива, „закашкана“ со брзи резови и без убедлив континуитет. „The Matrix“ успеа да го измести сфаќањето за блокбастер како стока без уметнички атрибути, а „The Matrix Resurrections“ го потврди токму тоа дека целта е да се заработи на нечија туѓа слава. И, еве го слоганот кој многу објаснува: „Евтини времиња, евтини филмови за евтини луѓе“.

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Дополнитениот наслов „Resurrections“ функционира добро и единствено на релацијата Тринити-Нео. Воскреснувањето на нивната романса (како онаа што „Modesty Blaise“ ја има со Гервин) е можеби најефектниот дел од приказната. Авторите ја искористиле таа 20 годишна старосна дистанца за да ги охрабри ликовите на Нео и Тринити да ја согледаат зрелата верзија на нивната љубов. Еве, да го пофалиме барем крајот на филмот.

The Matrix Resurrections/Twitter
The Matrix Resurrections/Twitter

Генерално, „The Matrix Resurrections“ ни оддалеку ја нема свежината на своите претходници, ја нема ниту минимум аурата на техно/филозофијата, а без тие перформанси е потпросечен филм, и филм епитаф. „The Matrix Resurrections“ е како БМВ произведено во 1999 год. да се обидувате да го воскреснете со турбо ефекти.

Оценка 2

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот