РЕЦЕНЗИЈА: Легендата на Тома Здравковиќ и филмот што се обиде да ја раскаже

Тома Здравковиќ / фото: Дискогс

Музиката на Тома Здравковиќ, како малку други, умее да ја отклучи исконската тага својствена на балканската душа, онаа специфична димензија на болка со сладок вкус, во која се прекршуваат и се прегрнуваат ориенталниот севдах и северната словенска меланхолија.

Во таа тага се мешаат горчините и лузните од минатото и неумоливите тескоби на иднината, дестилирајќи ја главната состојка – сознанието дека животот може да вреди само ако се живее и ужива сега и овде, силно, брзо, смеејќи се и плачејќи – од срце, а не со разум.

На сите што го знаат тоа чувство, што некогаш го живееле или го сонувале, Тома им ги посвети својот живот и својата музика.

Можам да кажам дека добро го владеам неговиот лик и дело. Во средношколските денови, набргу по првите контакти со алкохолот, мојата фасцинација со таа музика и тој „филм“ дури и ми го донесе прекарот „Тома“. Има луѓе што и денес најмногу ги потсетувам на веќе сериозно далечните тинејџерски ноќи, кога во манир на многу поискусни боеми, во разни сомнителни крчми, сосема автентично ја искусувавме и ја чествувавме неговата музика.

Тоа беше музика и филозофија совршено наштимана на нашата наивна, адолесцентска склоност кон патетика – свежо откриениот вентил за нашите силни, а неартикулирани чувства. Оттаму, обременет со извесна субјективност од тој емотивен однос, но и решен таа да не ме наведе да бидам престрог, го гледав филмот посветен на Тома Здравковиќ, тој гуру без пандан во антологиите на (западно)балканското славофонско кафеанско ткиво.

Визуелно супериорен холивудски „шмек“ за впечаток врз широка публика

Дури ни славните шансониери кои му биле идоли и со кои тој понекогаш и се споредува, не дошле блиску до таква култна позиција во нивните средини, како онаа што и денес, точно триесет години по смртта, во земјите на поранешна Југославија ја ужива Тома Здравковиќ. Поради ова, не е лесно да се екранизира неговата кариера на начин што ќе им се допадне на сите, но тоа не значи дека авторите на овој филм не се обиделе да стигнат најблиску што може до таа цел.

Направен во стил што можеби повеќе ќе ѝ прилега на телевизиската форма (серијата беше најавена паралелно со филмот), „Тома“ накусо е многу солидно, современо продуцирано биографско филмско остварување, кое вреди да се гледа, но не е без слабости.

Автентичната, педантно изведена сценографија (со пар успешни интервенции на компјутерски генерирана подлога), како и повеќе од добрата фотографија, му даваат на филмот забележлива визуелна супериорност над повеќето остварувања во модерната српска и балканска кинематографија.

Сцена од филмот

Уште веднаш е јасно дека овој филм повеќе има намера да импресионира со имиџот на спектакл и „здраво“ да ги разнежни гледачите, отколку да прикаже некаков драматуршки поразработен, или уште помалку уметнички пристап. Иако тој успева во своите цели, за мој вкус „Тома“ има пребрзо, на моменти дури и хаотично темпо, што е нагласено со френетичните „флешбекови“, кои ѝ даваат печат на динамиката на филмот, но тоа префрлање на дејството од еден во друг период од животот на Здравковиќ делува пречесто и напорно, а понекогаш и очигледно непотребно.

Површен однос кон музичкото во кариерата и личноста на Здравковиќ

Режисерот, косценарист и копродуцент Бјелогрлиќ, соочен со богатството од детали и аспекти од животот на Тома Здравковиќ кои се вредни да влезат во филмот, очекувано го става фокусот врз драмата што обилно извира од необичниот животен пат на големата ѕвезда. Но, сметам дека едно биографско остварување посветено на музичар, не може и не смее да има толку површен однос кон музичката димензија на личноста на Здравковиќ, ако е јасно дека таа е нејзината најважната одредница.

Во „Тома“, музиката е не повеќе од предвидлива подлога за емотивно засилување на дилемите и контрастите кои произлегуваат од темата што филмот ја поставува како главна – начинот на којшто живеел Здравковиќ, изгубените љубови и внатрешните претргнувања. Тоа не е нелогично – песните и биле инспирирани од животот на Тома. Нив во филмот одлично ги изведува српскиот пејач Ацо Пејовиќ, кој „извадил“ морничава сличност во бојата на гласот и вокалниот стил на Здравковиќ. Тие се единствениот можен фон, додека сведочиме на конфликтите и парадоксите: радоста и љубовта кон животот на боемот, наспроти темните, самоуништувачки пориви и хазардерското сфаќање на сопственото постоење. Уште една добра одлука е саундтракот да се „разбие“ со хитови од други изведувачи и музички стилови, низ сцените кои се случуваат во минатото. Сето ова е умешно впрегнато во функција на амбиентот и целта што филмот сака да ги постигне.

Но, музиката, и така употребена, не може да го поправи непријатното темпо на филмот и тој често се чини како да ита кон неизбежното, трагично финале. Како, лишен од спонтаност, да се обидува да истрча низ што повеќе вистински или измислени епизоди од животот на Тома – и побргу да заврши.

Милан Мариќ како Тома Здравковиќ во сцена од филмот

Промашена шанса да се разбие популарен стереотип за Тома Здравковиќ

Во филмот, поставен вака, е изгубена е и шанса да се исправи една потценувачка, често присутна оцена на вкупната појава на Здравковиќ во ексјугословенскиот јавен простор – дека неговата легенда повеќе почива врз боемштината и бурниот живот, отколку врз музичките, композиторски и пејачки способности. Ова е неправедно, бидејќи тој всушност е револуционерна фигура на естрадата, главниот заслужен за „романтизацијата“ на српската новокомпонирана народна музика. Под директно влијание на неговата експлозивна популарност, во 60-тите се случува подемот на љубовните теми во фолкот, дотогаш заглавен во пасторалата на изворниот фолклор.

Во време кога било незамисливо еден кафеански пејач да сними плоча, Тома Здравковиќ морал да се издигне до статусот на вистинска ѕвезда уште во зачадените и замастени јужносрбијански биртии, пред да успее, со помош на пријатели, да ги убеди издавачките куќи да му дадат шанса. Кога тоа конечно се случува, талентот и потенцијалот за блескава кариера тој ги најавува уште со првата плоча во 1963 година, на која главно и нема народна музика, туку преработки на француски шансони.

Здравковиќ се појавува на сцената со пионерска одважност, нудејќи претходно нечуена поп-фолк фузија на навидум тешко споиви музички жанрови и стилови: српскиот староградски звук, тамбурите на Војводина, проткаени со унгарски влијанија, циганскиот југ од неговиот роден крај, забележлив во вокалниот стил, игривоста и заводливоста на шансоната, строгоста и драматичноста на тогаш ултрапопуларниот мексикански, односно шпански звук на југословенската естрада (денес познат како Ју-Мекс)…

Спојувајќи ги овие елементи со необично силната харизма и со својата појава на вродена едноставност и спонтаност, Тома ги освојува масите градејќи естраден бренд, но и оригинален музички правец, кој претставува уникатна, незаменлива подлога за неговите стихови.

Без да сили и наметнува, Тома создава единствен амбиент, во кој слушателот е охрабрен да ја прегрне, ослободувачки да ја прифати патетиката, наместо да ја одбегнува. Музичката димензија во неговото творештво е еднакво важна колку и стиховите – тие со поинаква музика веројатно не би допреле толку силно, до толку многу луѓе.

Правејќи го легитимниот избор да го гради филмот во ваква структура, Бјелогрлиќ и сценаристите биле принудени на отстапки – на пример, тие едвај ја допираат важната и драматуршки податлива епизода со седумгодишниот престој на Тома Здравковиќ во Германија и Америка, неговото исчезнување од јавноста во Југославија и триумфалното враќање во осумдесеттите. Уште еднаш сфаќаме: филмот треба да е прифатлив за што поширока публика и авторите веројатно правилно процениле дека ова е формата во која полесно и подобро ќе го „продадат“. Но, правејќи повеќе слични компромиси, тие се откажале од потенцијалот да се направи многу посериозен и веројатно подобар филм, што за мене е превисока жртва, а за нив – разбирлива и пресметана бизнис-одлука. Резултатот го гледам како висококалорична и блескаво спакувана, но не и вистински хранлива, холивудски стандардна биографска приказна.

Сепак, многу е важно тоа што „Тома“, и покрај целиот свој реален габарит како филмски проект за балкански услови, успева да не остави впечаток на претенциозност. Во тоа помагаат неколку паметни продукциски одлуки. Актерската екипа ја предводат млади и релативно неафирмирани глумци – солидниот Милан Мариќ во главната улога (со упадливо погрешно зголемен нос) и одличната Тамара Драгичевиќ како Силвана Барјактаревиќ-Арменулиќ. Тие убаво се вклопуваат во посакуваниот ефект од филмот, носејќи го релативно уверливо и без напор наместа тешкиот товар на приказната, при што Драгичевиќ тоа го прави поуспешно. Ми се допаѓа и одлуката на Драган Бјелогрлиќ да не се појави самиот во својот филм, а добар потег се и дискретните, едвај забележливи камео-појавувања на неколкумина големи српски актери-ветерани.

Милан Мариќ и Тамара Драгичевиќ како Тома Здравковиќ и Силвана Арменулиќ

Маркетиншки полн погодок за публиката во Ексјугославија

Иако за фасцинантниот живот и кариера на Тома Здравковиќ веројатно требало и можело и порано да се сними филм, се чини дека искусниот филмски волк Бјелогрлиќ одбира добар тајминг за да го претстави долгонајавуваниот хит на кој ќе стави режисерски потпис (заедно со Зоран Лисинац).

Луѓето од овие наши простори, по три измачувачки децении на омраза и поделби, сега се судрени со пропаѓањето на митските европски перспективи – оние кои Западот, за да ги држи мирни, на милиони Балканци им ги нудеше и им ги продаде како најважната надеж, единствената светлина-водилка низ долгата и мрачна транзиција.

Сега станува јасно дека европските порти ќе останат затворени, а луѓето гледаат како нивните деца, исто како предците пред еден век, бегаат и до крајот на светот, само за да најдат можности за основно достоинствен живот. Многу Ексјугословени сега можеби полесно сфаќаат дека не било толку паметно да се колнеш во некои далечни пријатели, а да си раскаран и закрвен со роднините и соседите. Дека со блиските вреди да се биде близок. Тоа природно, повторно културно конвергирање на овие народи во денешни услови, се разбира, има потекло во заедничките убави сеќавања од некогашната држава. За многумина поранешни Југословени, Тома Здравковиќ и неговата музика се меѓу најубавите такви спомени.

Оттаму, транзициските генерации кои ја паметат Југославија, сѐ уште живи, но на многу начини изгубени, ќе бидат главната публика на овој хитовски замислен филм. Нив не е тешко да ги расплачете со песните и сеќавањата и не мора посебно да им ја продавате носталгијата и атмосферата на „убавите времиња“. Не е тоа само жал за младоста – малку нешта се грди во споредба со денешната, брутално безнадежна реалност на нашите понижени општества.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот