Ребалансот на буџетот донесен: Дел од мерките од четвртиот пакет веднаш ќе се реализираат, дел ќе почекаат законски решенија

Ребалансот на буџетот ја помина собраниската процедура и го отвори патот за спроведување на мерките од четвриот пакет мерки. Дел од мерките може веднаш да се реализираат, за дел ќе треба, и покрај носењето на ребалнсот, да се чекаат законските решенија со кои се уредени, а кои, исто така, се во собраниска процедура.

Поддршката со ребалансот тежи 470 милиони евра. Наменета за граѓаните и стопанството со цел да се ублажи влијанието од корона-кризата.

Предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодените сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

За мерките ќе може да се аплицира од почетокот на следната недела, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

– Треба да се усвои ребалансот на Буџетот, а во текот на оваа недела ќе се изгласа и Законот за финансиска поддршка за исплата на плати. Од следната недела компаниите ќе може да аплицираат, не само за оваа мерка, туку и за останатите мерки имајќи предвид дека голем дел од мерките се спроведуваат преку програми кои што треба да ги донесе Владата и за нив треба да бидат објавени огласи, рече Бектеши.

Неговата оценка е дека мерките не се задоцнети и дека поддршката ќе стигне навреме.

Од Управата за јавни приходи, која ќе ја спроведува мерката за поддршка на платите, очекуваат дека предлог-законот за оваа мерка кој е во собраниска процедура ќе биде донесен во најкраток можен рок и ги повикуваат работодавачите кои имаат можност да ја исплатат платата, а по донесување на законот ќе имаат можност да поднесат барање и да направат корекција на образецот за користење на финансиска поддршка. .

– Имајќи го предвид фактот дека законот се уште не е донесен, како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите, наведуваат од УЈП.

Барањето за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, појаснуваат, ќе се поднесува до УЈП преку системот е-Даноци, a УЈП во рок од три дена ќе ја провери и потврди комплетноста на барањето.

– Управата за јавни приходи, го подготви системот е-Даноци за поднесување Барање за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати и веднаш по донесувањето на законот и подзаконскиот акт, на интернет страницата, ќе го објави образецот Барање за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците ќе го постави на системот е-Даноци за непречено поднесување од страна на работодавачите, појаснуваат од УЈП.

Ребалансот обезбеди и финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.

Ребалансот беше донесен синоќа по петдневна расправа, колку што предвидува собранискиот Деловник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот