Реакции на граѓаните: Едни на протест против изградбата на 30 згради во Ѓорче Петров, други со поддршка на ДУП-от

Фото: Фејсбук група „Наше Ѓорче“

Граѓаните на Ѓорче Петров, предводени од советниците од СДСМ, попладнево повторно со протестен марш ќе го искажат своето незадоволство против бетонизацијата на општината. Протестниот марш ќе започне во 17:30 часот од кај кружниот тек кај црквата Св. Петар и Павле.

Тие се противат на ДУП С3 16, донесен на вонредна седница минатиот месец, со кој се предвидува на просторот во близина на кружниот тек спроти пазарчето да се градат 30-ина згради со висина од 9 до 21 кат, но и капацитети од лесна индустрија и трговски центри. Според нив, мора да се спречи изградбата на олку високи згради, иако се согласуваат дека на просторот што влегува во овој плански опфат треба да има училиште, градинка, зеленило и згради не повисоки од 9 ката.

Советниците од СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Ѓорче Петров претходно се обидоа на вонредна седница да издејствуваат суспензија на делови од овој ДУП, но нивната иницијатива не беше прифатена од советниците што го имаат мнозинството во Советот, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои сметаа дека нема оправданост за одржување ваква седница. Веднаш потоа почнаа и протести против бетонизацијата на Ѓорче Петров, кои засега поминуваат без сериозна реакција на градоначалникот Александар Стојкоски и раководството на Општината.

Стојкоски денеска во пресрет на одржувањето на протестот, на Фејсбук се занимаваше со тоа кој стои зад протестот, граѓаните или советниците на СДСМ, објавувајќи видео на кое се гледа како импровизирана говорница со пароли за протестот се носи во штаб на СДСМ.

Срамно е да глумите „граѓански активисти“ што повикуваат на протест, а „граѓаните“ всушност се партиски активисти на СДСМ. Да не беше смешно, ќе беше трагично. Ама сигурно е трагикомично – напиша Стојкоски на Фејсбук.

Инаку, како што е познато, деталниот урбанистички план беше донесен на вонредна седница што се одржа во сабота, на 17 февруари, и како што веднаш потоа информира градоначалникот Стојковски, со изгласувањето на овој план овој дел од општината ќе стане модерно и урбано место за живеење.

Со урбанизирање на овој дел од општината, овозможуваме изградба на ново основно училиште, нова детска градинка, нов парк од 10.000 м2 во срцето на Ѓорче Петров, дополнителни нови 8,5 хектари зеленило надвор од градежните парцели (повеќе од предвидениот законски минимум), нови детски игралишта, нов спортски центар, ново булеварско решение, нов трговски центар, нови развојни погони и катна гаража – рече тогаш Стојкоски, воопшто не спомнувајќи ги зградите кои ги предвидува деталниот урбанистички план.

Но, на планот веднаш реагираа градоначалничката Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Арсовска нагласи дека деталниот урбанистички план нема согласност не само од Град Скопје туку и од други надлежни институции и се закани со кривични пријави и за градоначалникот Стојкоски и за министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Таа особено изрази загриженост за индустриските капацитети што се планираат со ДУП.

Ова е недозволиво и ниту јас ниту администрацијата на Град Скопје нема да дозволиме да помине неказнето. Нема да дозволиме ниту еколошка ниту безбедносна катастрофа да му се случи на Скопје и да се издигне вакво здание сред град каде што имате три населени места – рече Арсовска.

Иницијативата против урбаното дивеење го поздрави зелениот проект за Ѓорче Петров

Првиот човек на Карпош, Јакимовски, отиде уште подалеку, па свика дури и вонредна седница на Советот на Карпош, на која се расправаше за штетите што ќе ги трпи Општина Карпош доколку се реализира планот на Ѓорче Петров, особено планираната изградба на три хемиски фабрики. Како што беше речено на седницата, по процените на стручните лица, отпадните води од тие хемиски капацитети ќе завршат на територија на општина Карпош, што претставува закана по здравјето на населението што живее во тој реон. На седницата Јакимовски доби поддршка од мнозинството советници, кои го задолжија него и стручните служби на Општината да поведат постапка пред Уставен суд за оспорување на ДУП СЗ 16 на Општина Ѓорче Петров.

Според она што може да се види на планот, од кружниот тек ќе се пробива нов булевар од десната страна на Партизанска. Покрај вкрстувањето на двата булевара се предвидени два станбени блока, едниот покрај Партизанска со височина од 65 метри каде што треба да се гради зграда со приземје и 20 ката, а другиот висок 56 метри на почетокот на новиот булевар, каде што се дозволени 18 ката, поточно приземје и 17 ката. По должина на булеварот што ќе се пробива, по целата негова лева страна тргнувајќи од кружниот тек се наредени висококатници. Најпрво е споменатата п+17 ката, потоа две 14-катници, па две на 12 ката односно п+12+Пк, па една десеткатница, по неа следуваат уште две 14-катници и на крајот уште една зграда на 10 ката или како што стои во планот П+9+Пк. Во внатрешниот дел има и седум згради на седум ката и уште пет на 9 ката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот